Македонија
Муцунски – Шпајх: соработката ќе се интензивира како на политички така и на економски план

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска на работна средба го прими државниот секретар во Министерството за сојузни, европски и меѓународни прашања на покраината Северна – Рајна Вестфалија, Марк Шпајх, кој се наоѓа во дводневна работна посета на земјава.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните и идни можности за соработка кои ги нуди Заедничката декларација за соработка склучена помеѓу двете влади во 2021-та година.
Муцунски изрази задоволство од фактот што нашата земја одржува чести средби и континуирани контакти на највисоко ниво со најголемата германска покраина, со која во моментот имаме особено високо ниво на билатерална соработка. Заемно констатирана одличната економска соработка со оваа покраина и нејзиниот значаен удел во севкупната соработка на нашата земја со Сојузна Република Германија, што овозможува трговската размена да е на највисоко ниво во изминатите години.
Државниот секретар Шпајх од своја страна изрази задоволство од досегашната соработка со уверување дека истата ќе се интензивира како на политички, така и на економски план. Германскиот соговорник ја реафирмираше и покраинската поддршка на процесот на интеграција на нашата земја во Европската унија, која игра значајна улога во системот на одлучување на сојузно ниво.
Муцунски ја потврди подготвеноста на нашата земја за поинтензивна секторска соработка со најнаселената германска покраина, во која живее и работи значаен дел од нашата дијаспора во Германија, и е седиште на бројни водечки индустриски и бизнис капацитети.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина Панчо Минов, поранешен пратеник и градоначалник на Кавадарци

На 67-годишна возраст денеска почина Панчо Минов, поранешен градоначалник на Кавадарци и поранешен пратеник во Собранието.
Панчо Минов беше дипломиран правник и политичка фигура со повеќедецениско искуство. Тој два пати беше избран за градоначалник на Општина Кавадарци – прво како кандидат на Либералната партија (2000–2005), а потоа како независен кандидат (2005–2009).
Минов имаше и пратеничка кариера, учествувајќи во повеќе состави на Собранието.
Првпат беше избран во првиот повеќепартиски состав (1990–1998), а подоцна повторно стана пратеник преку ГРОМ (2016–2020) и СДСМ (2020–2024).
Македонија
Уште колку луѓе треба да настрадаат за Панче Тошковски да почувствува одговорност, прашуваат од СДСМ

Министерот Панче Тошковски без око да му трепне јавно соопшти дека не чувствува никаква одговороност за колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како да сме Див Запад, велат од СДСМ.
Според нив, последиците од партизацијата на полицијата и претоварењето во партиски сервис на ДПМНЕ скапо ги чини граѓаните.
„До кога мисли Тошковски да се криe зад политички реторики додека улиците стануваат небезбедни за граѓаните?
Не е само последното пукање во Куманово, непрекинатиот раст на вооружените и насилни инциденти во различни градови е сигнал за целосно системско потфрлање на безбедниот апарат, нема ниту превенција ниту соодветна реакција.
За тоа мора да има одговорност“, додаваат од оваа партија.
Македонија
Парични казни за три градинки и едно училиште по спроведени инспекциски контроли во кујните

Инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), во септември годинава спроведоа инспекциски контроли во училишните и кујните во градинките на територијата на цела држава. Спроведени беа 91 контрола во градинки и 23 вонредни надзори во училишта.
За утврдените недоследности, издадени се 9 решенија со наредби за нивно отстранување. Во две градинки, хигиената не била задоволителна во кујните, а една градинка немала спроведено задолжителен здравствен преглед на вработениот персонал во кујните. Парични казни изречени се за 3 градинки, и поради несоодветно чување, уништени се 24 килограми храна.
Од спроведените контроли во училиштата, незадоволителни услови констатирани се само во една училишна кујна. Отстапки во однос на добрата производствена и добра хигиенска пракса утврдени се во две кујни. Поради погрешно декларирање, уништени се 59 килограми храна.
Инспекциските служби на АХВ за утврдените недоследности со контролите во училишните кујни изрекле 1 парична казна и донеле 5 решенија со наредба за нивно отстранување.