Македонија
Набргу на сето ова ќе му дојде крај, вели Мицкоски откога премиерот го одби неговиот предлог
„Почекајте, чекор по чекор“. Ова е одговорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето што мисли кога вели дека на СДСМ и на премиерот Димитар Ковачевски ќе им се случи народ. Ставот на Мицкоски доаѓа откога Ковачевски одби да се сретне со опозицискиот лидер за да договорат датум за предвремени избори. Според ВМРО-ДПМНЕ, понудата има подадена рака за единство за кое Мицкоски смета дека Владата нема капацитет за тоа.
„Жалам што во СДСМ и Владата нема мудрост, ниту државотворен капацитет. Жалам што вака постапуваат кога на народот му е потребно обединување. Од Ковачевски гледаме сѐ, освен она што му е потребно на народот. Не можам да разберам, зар толку им се важни тендерите во четири очи и привилегиите што ги уживаат? Не можам да разберам како може денот да го почнуваат и завршуваат кога знаат дека огромно мнозинство граѓани сакаат оваа Влада да замине и огромно мнозинство македонски граѓани велат дека Македонија се движи во погрешна насока. Очекував аналитичност, Ковачевски да излезе пред медиумите, и ако се одлучил да ја одбие подадената рака од мене, тоа да го направи на отворена сцена, да не се крие зад статуси на социјалните мрежи или да испраќа непознати ликови да тоа го прават место него на прес-конференции. Во Ковачевски и Владата гледам неодговорно однесување. Набргу денеска на сето ова ќе му дојде крај“, рече Мицкоски.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ вели дека јавноста постојано ги прашува: „Што правите вие? Каде сте вие? Што прави ВМРО-ДПМНЕ?“ Мицкоски на ова вели: „Одговорот на тоа прашање го дадов и вчера, а тоа е дека ВМРО-ДПМНЕ од позиција на опозиција изминативе пет години е на браникот на татковината. Така и ќе продолжиме“.
„Мораме да си ја ослободиме Македонија од овие луѓе. Затоа повикувам на обединување“, рече Мицкоски.
Претходно, кога Мицкоски упати повик за средба со премиерот Ковачевски, на која ќе се договори датум за предвремени избори, тој преку фејсбук-статус му одговори.
„Јас кажав повеќепати и пак ќе кажам, уцени не прифаќам. Ова е вторпат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата“, напиша, меѓу другото, Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд
Променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 40 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 18 степени.
Во недела ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Поради продор на постудена воздушна маса на повисоките планини врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Во понеделник и вторник утринските температури значително ќе опаднат. Нови локални врнежи од дожд се очекуваат кон средината на следната седмица.
Македонија
Севдаил Демири и Ресул Шабани добитници на наградата „22 ноември“
Утре во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, во 11:00 часот, Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ ќе ја додели државната награда за признание на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот во Република Северна Македонија, кои дале свој придонес во унапредување на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање меѓу припадниците на различните заедници, култури и вери во Република Северна Македонија.
Добитници на наградата „22 Ноември“ за 2025 година се проф. д-р Севдаил Демири, истражувач, публицист и поет, и Ресул Шабани, писател.
Македонија
Единствена Македонија: Уставниот суд се мајтапи со народот
Единствена Македонија најостро реагира на денешното соопштение на Уставниот суд со кое на отворена сцена се мајтапат со народот пишувајќи дека судијката Добрила Кацарска е судијка со интегритет, самостојност и независност, велат од партијата.
„А што може да се очекува од еден Уставен суд кога сите уставни судии се дојдени во овој суд по линиии кои немаат никаква врска со знаење, способност и достигнување. Цела Македонија знае дека Добрила Кацарска дојде во Уставниот суд преку непристоен и срамен пазар – наменска осуда на лицата за 27 април во замена за функција во Уставниот суд. Добрила Кацарска е дел од поблемот и решението е во нејзиното бркање од судот со што ќе се раскине со темното минато. Цела Македонија знае дека марионетата Зоран Заев ја испорача ветената награда до Добрила Кацарска со претседателско место во Уставниот суд за успешно завршената работа за наменската осуда на македонските патриоти како што се Вилијам Михајловски Гајда и останатите за 27 април на затворска казна од два века затвор“, се наведува во соопштението од Единствена Македонија.
Од таму велат дека изборот на Кацарска за судијка во Уставниот суд ја потврдува и поразителната вистина дека Македонија се држи на линијата на темното минато кога за нарачани судски одлуки следувала награда за судски функции.

