Македонија
Над 150 студенти на Бреинстер на хакатон ја градат апликацијата за пријавување загадување на воздухот во Скопје
Во еден здив, повеќе од 150 студенти на водечката македонска едукативно-технолошка организација Бреинстер (Brainster) и првиот практичен ИТ-факултет Бреинстер Некст колеџ (Brainster Next College), викендов ја создаваат апликацијата Breathe.mk, за пријавување на загадување на воздухот во Скопје.
На 48-часовниот хакатон, кој воедно е најголем ваков настан во живо во регионот,
во соработка со стартапот Air Care (Мој Воздух) се креира платформа која во иднина ќе ја користат граѓаните. Апликацијата ќе овозможи следење и пријавување на загадување на воздухот, по што на терен ќе излезат инспекторите за животна средина од Град Скопје.
Врз основа на победничкото решение од првиот Air Care хакатон, кој се одржа на почетокот на октомври, студентите сега ќе работат на реализација на одбраниот UX/UI дизајн, преку кодирање на Front-End и Back-End на платформата, нејзино тестирање, поставување на можност за следење и лоцирање на загадување и останати функционалности. На овој хакатон учествуваат студенти од пет академии: Front-End, Full Stack, Data Science, Software testing и Проект и продукт менаџмент, како и студентите од програмата за Софтверско инженерство и иновации од Бреинстер Некст колеџ.
Генералниот менаџер на Бреинстер Некст колеџот и директор за човечки ресурси во Бреинстер, Александар Клашниновски, истакна дека оваа организација верува во инвестирање во дигитални решенија и апликации што ќе прават добро за заедницата. „Една од мисиите на Бреинстер и на Бреинстер Некст колеџот е имплементација на „tech for good“ парадигмата, односно решавање на општествени проблеми од страна на нашите студенти преку креирање на дигитални решенија. Така и на овој хакатон, студентите ќе работат на дигитално решение кое се надеваме дека ќе помогне во намалување на загадувањето на воздухот како еден од најгорливите проблеми во секојдневното живеење, не само на жителите на град Скопје, туку и на сите жители на нашата држава. Хакатоните се реализираат како дел од нашата програма за учење и работа на реални проекти. Нашата цел е со овие проекти да вложуваме во заедницата и да адресираме општествени проблеми, во соработка со државни и невладини организации и со општествено одговорни компании, како што е Air Care со апликацијата Breathe.mk“.
Иницијаторот на Breathe.mk, Алекс Долстра истакна дека ова не е само уште една веб-страница, тоа е решение што ѝ овозможува на нашата заедница активно да известува за загадувањето на воздухот.
„Еден мудар човек еднаш ми рече дека единственото нешто што никогаш нема да биде успешно е она што никогаш не го започнуваме. Извонредната иницијатива Breathe.mk е олицетворение на оваа мудрост. Breathe.mk е повеќе од обична платформа – тоа е движење, повик за акција и моќен начин скопјани да ја преземат контролата врз квалитетот на воздухот. Breathe.mk е доказ за моќта на колективната акција. Но, она што навистина ја издвојува оваа апликација е визијата за автоматизиран систем, кој може точно да ја одреди најслабата алка. Тука започнува вистинската промена. Со Breathe.mk повеќе нема да бидеме пасивни набљудувачи, туку ќе бидеме сведоци што ќе бараат одговорност од нашите институции. Ќе видиме дали нивните заложби за борба против загадувањето на воздухот се само празни ветувања или конечно ќе се претворат во смислени дела. Ова е нашата шанса да направиме разлика, да го вратиме правото на чист воздух и да обезбедиме подобра иднина за нашето сакано Скопје. Breathe.mk ни даде платформа, но наше е да ја искористиме шансата. Да почнеме денес, за утре, полесно да дишеме“, истакна Долстра. Тој нагласи дека оваа иницијатива се реализира со повеќе поддржувачи и пријатели од Македонија, Белгија, Германија, како и од Холандија.
Поддршка на иницијативата за справување со загадувањето даде и заменик-амбасадорот на Кралството Холандија во Македонија, Роберт Декер, кој изрази надеж дека Breathe.mk ќе направи промена.
„Холандија е една од петте најиновативни земји во светот. Да се направи разлика и да се работи заедно за општото добро е во нашата ДНК и јас сум многу задоволен што го гледам ова во пракса денеска во Скопје. Холандските компании и брилијантните македонски млади умови работат заедно со цел да го намалат загадувањето на воздухот и да го подобрат животниот стандард. Се надевам дека производот на денешниот хакатон ќе направи промена, која е многу потребна и од која сите ќе имаме корист. Како што вели нашето мото за годинешното одбележување на 30-тиот јубилеј: Блескаме заедно“, рече Декер.
Преку апликацијата, корисниците ќе можат да поднесуваат извештаи за загадување на воздухот со датум, време, локација во живо, ниво на загадување што можат да го почувствуваат, дополнителна забелешка и да посочат во која општина е загадувачот.
Пријавите ќе стигаат директно до инспекторите, кои ги обезбедува Град Скопје.
„Драго ми е што толку голем број млади ентузијати, односно студенти, се јавија на повикот да придонесат во создавање решение против загадувањето. Сите граѓани се засегнати од проблемот на загадувањето. Затоа, секоја промена и иницијатива треба да тргне пред сѐ од секој од нас, да придонесеме да се намали загадувањето на воздухот. На Air Care хакатонот има многу млади ентузијати, кои сакаат да помогнат да дојдеме до решение, односно апликација со која ќе добиеме поточни информации и иникатори од каде доаѓа загадувањето. Верувам дека учесниците на овој настан ќе дадат живот на апликацијата, која ќе ни помогне на сите да дишеме поквалитетен воздух. Ова е одличен постулат да се издигнеме во борбата против загадувањето. Во името на Град Скопје, им благодарам на студентите на Бреинстер кои учествуваат во изработка на оваа апликација“, рече заменик-градоначалник на Град Скопје, Александар Трајановски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

