Македонија
Над 2 илјади повици на бројот за итни повици 112 во последното деноноќие
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2.119 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 36,76%, а 63,24% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,35%, кон Итната медицинска помош 32,98%, а кон пожарникарите 5,61% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 1,05% со другите 63,24% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.343 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено, според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи во државата се уште има, така што и во последното деноноќие имало повторно над десетина пријавени конкретно дваесетина, за запалена нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата. Помалите противпожарни интервенции на отворено во одредени случаи и не бројат.
Регионалниот ЦУК Скопје, известува од БППЗ на Град Скопје дека во период од 13:30 до 16:20 часот, со 3 пожарникари и 1 ПП возило интервенирале на запалена ниска вегетација, ѓубре и трска на површина од околу 3.5 хектари во атарите на селата Петровец и Ржаничино (Општина Петровец). Имале уште (2) две помали интервенции во изминатото деноноќие.
Регионалниот ЦУК Струмица, известува дека пожарникарите од ТППЕ Валандово од 13:05 до 15:55 часот, со 2 ПП возила и 4 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација, капини и овоштарник на површина од 3 хектари кај месноста „Извор“ кај с. Собри; Во период од 15:50 до 16:25 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена трска и капини на површина од 0,1 хектари кај месноста „Мичкин мост“ кај с. Брајковци. Во период од 16:30 до 18:05 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена депонија и капини на површина од 0,3 хектари на кај месноста „Калковска река“ близу с. Јосифово.
Пожарникарите од ТППЕ Струмица, од 14:55 до 16:20 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај с. Моноспитово (Општина Босилово). Во период од 18:15 до 19:25 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај с. Дукатино (Општина Босилово).
Регионалниот ЦУК Штип, известува дека пожарникарите од ТППЕ Кочани од 14:15 до 15:55 часот, со 1 ПП возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација, нискостеблеста шума и грмушки во близина на с. Грдовци на магистралниот пат Штип – Кочани, а од 14:30 до 15:05 часот, со 1 ПП возило и 2 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација кај с. Оризари.
Пожарникарите од ТППЕ Пробиштип од 11:52 до 13:45 часот, со 2 ПП возила и 4 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација, трска и опожарена врата на магацин на месноста „Касапница“ (кај јаловиштето), а во период од 19:20 до 23:25 часот, со 1 ПП возило и 4 пожарникари, интервенирале на запалена ниска вегетација и „драка“ на површина од 10 хектари на месноста „Негрева Чешма“ кај с. Стрисовци.
Пожарникарите од ТППЕ Виница од 13:30 до 15:30 часот, со 1 ПП возило и 5 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација на површина од 0,5 хектари на месноста „Ила“.
Регионалниот ЦУК Велес, известува од ТППЕ Кавадарци дека во период од 14:30 до 15:30 часот, со 7 пожарникари и 3 ПП возила интервенирале на плац за градежни материјали на Северен булевар каде што гореле две кабини од камиони.
Пожарникарите од ТППЕ Свети Николе, известува дека во изминатото деноноќие имале една помала интервенција.
Регионалниот ЦУК Куманово, известува дека пожарникарите од ТППЕ Куманово од 12:38 до 13:38 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација во Бабин Дол, а од 15:00 до 15:45 часот, со 1 ПП возило 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација во с. Којнаре.
Пожарникарите од ТППЕ Старо Нагоричане од 17:15 до 18:45 часот, со 1 ПП возило и 3 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација и грмушки во с. Срезовце, а во период од 19:00 до 20:00 часот, со 1 ПП возило и 4 пожарникари интервенирале на запалена ниска вегетација во близина на с. Сув Орах.
Регионалниот ЦУК Битола известува дека пожарникарите од ТППЕ Битола и ТППЕ Прилеп, известуваат дека во изминатото деноноќие имале по една помала интервенција.
Пожарите и другите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број 112 во ЦУК.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиевски ќе урива дивоградби низ Скопје, се чисти депонијата кај гробиштата во Бутел
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени мерки против дивите депонии и дивопоставените објекти низ градот, потенцирајќи дека „ред мора да има“. Тој информира дека по третпат се чисти депонијата во близина на гробиштата во Бутел, додека паралелно ќе се постапува и против узурпацијата на јавниот простор.
Ѓорѓиевски изјави дека просторот со години бил запуштен и дека станува збор за место кое мора да биде достоинствено уредено, особено во пресрет на верските празници кога граѓаните масовно ги посетуваат гробиштата.
– Ова е трета акција за чистење откако сум градоначалник. Во изминатите четири дена повторно се спроведува расчистување во координација со Општина Бутел. Наместо средствата да ги насочиме кон развој и изградба, ние повторно трошиме ресурси – луѓе, камиони и механизација, за истата намена – изјави тој.
Како претседател на ЗЕЛС, побара итно донесување на законските измени за комунална полиција, со кои се предвидува и зголемување на глобите.
– Мора да се воведе ред и во овој сегмент. Казните треба да бидат повисоки за конечно да се стави крај на несовесното однесување – порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски најави дека следува и поинтензивна акција против дивопоставените објекти кои узурпираат јавен простор, велосипедски и пешачки патеки, зелени површини и други јавни зони.
– Граѓаните 30 години бараат ред. Ред ќе има. Знам дека некој нема да го прифати тоа позитивно, затоа што му се нарушува комодитет кој му бил дозволен на грбот на градот и граѓаните – рече тој.
Посочи дека постојат објекти поставени без никаква документација, па дури и во близина на здравствени установи.
– На Бит Пазар има објект поставен на велосипедска и пешачка патека, невозможно е да се функционира. Тој ќе биде отстранет. Секаде каде што имаме узурпација на државен простор ќе постапуваме – истакна градоначалникот.
Според него, целта е изградба на систем во кој правилата ќе важат еднакво за сите.
Македонија
Апасиев: Левица ќе и поднесе кривична пријава на Цвета Ристовска
Партијата Левица соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против Цвета Ристовска, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, откако таа поднесе оставка од функцијата.
Лидерот на партијата, Димитар Апасиев, преку објава на социјалните мрежи наведе дека правниот тим на Левица подготвува пријава поради, како што тврди, лажирање податоци во анкетен лист со цел прикривање фирми поврзани со нејзини блиски.
Тој посочи дека, според нив, станува збор за кривично дело утврдено со Кривичниот законик и додаде дека доколку не биле објавени серија скандали, Ристовска сè уште ќе ја извршувала функцијата.
Апасиев истакна дека партијата ќе продолжи со откривање случаи на корупција и ги повика граѓаните кои располагаат со докази против функционери да ги достават до нив, ветувајќи дискреција и поведување правни постапки без оглед на политичката припадност на инволвираните.
Македонија
Ја давел и ја претепал бремената партнерка, се спасила откако го убедила да ја носи на лекар, па побегнала додека стоеле на семафор
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 52-годишен маж осомничен за кривично дело Телесна повреда според член 130 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, по пријава за семејно насилство извршено врз неговата 32-годишна вонбрачна партнерка, која била во вториот месец од бременоста.
Според Обвинителството, насилството се случило во домот на улицата „Рајко Жинзифов“ во Скопје, каде по расправија осомничениот започнал физички да ја напаѓа жената, удирајќи ја со тупаници и шлаканици по главата и телото. На оштетената ѝ биле нанесени гребаници, отоци и хематоми.
Додека жртвата викала и барала помош со намера да ја слушнат соседите и да повикаат полиција, осомничениот, според наводите, станувал сè поагресивен и продолжувал да ја удира, а во еден момент ја притиснал со раце за врат со цел да ја замолчи.
За да се спаси и да излезе од домот, жената го убедила осомничениот да заминат на гинеколошки преглед и да направат ехо на бременоста. Додека се движеле со автомобил и возилото застанало на семафорите на булеварот „Св. Климент Охридски“, таа успеала да избега и да влезе во блиско кафуле, каде побарала помош. Со позајмен мобилен телефон веднаш ја известила полицијата.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерки на претпазливост, кои вклучуваат обврска осомничениот повремено да се јавува кај надлежен орган, привремено одземање на патна исправа, како и забрана за приближување и воспоставување контакт со оштетената.

