Македонија
Над 3.400 граѓани се пријавија за субвенции за велосипеди
Град Скопје ги информира граѓаните дека денеска го затвора јавниот повик за субвенционирање при купување велосипеди за 2019 година бидејќи се исцрпени предвидените финансиски средства. Со тоа барања за субвенции за велосипеди од утре (28.5.2019 година), вторник, нема да се примаат.
„На овој јавен повик досега се пристигнати 3.472 барања од граѓани за субвенционирање при купувањето велосипед. Затворањето на повикот е во согласност со член 4, став 4 од Правилникот за користење финансиски средства од буџетот на Град Скопје за субвенционирање на граѓаните на подрачјето на градот Скопје за купување велосипеди во 2019 година“, се наведува во соопштението на Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонецот Стивен Ивановски е меѓу загинатите во пожарот во Кран Монтана
Младиот Стивен Ивановски, по кој се трагаше по пожарот во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана е идентификуван како загинат, пренесе телевизија Сител повикувајќи се на информации од блиски во семејството на Ивановски.
Според известувањето на телевизијата, неговото тело било едно од само четирите идентификувани досега од загинатите најмалку 40 лица.
Информациите што ги пренесува Би-би-си се дека досега се идентификувани две девојки од 16 и 21 година и две момчиња од 16 и 18 години и за сите се вели дека биле државјани на Швајцарија. На фејсбук-профилот на Ивановски е наведена Швајцарија како негово место на живеење.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија за „360 степени“ велат дека сè уште немаат официјални информации од швајцарските власти околу состојбата со Ивановски.
Денеска премиерот Христијан Мицкоски изрази сочувство до семејствата на сите загинати и рече дека како Влада остануваат на линија со државни претставници од Швајцарија и со амбасадорот во земјава.„Тоа што можев да им го пренесам од нашето искуство е дека е многу значајна брзата реакција и одредувањето на приоритети кај повредените и нивна дисперзија“, рече Мицкоски.
Вчера од министерството информираа дека министерот остварил телефонски разговор со швајцарскиот амбасадор во земјава, Кристоф Зомер и му порачал дека државата ѝ стои на располагање на Швајцарија во справувањето со оваа трагедија.
Од Министерството за здравство соопштија дека се разгледуваат можностите и расположливите капацитети за да ѝ се обезбеди соодветна поддршка на Швајцарија, во делот на медицинското згрижување на повредените од пожарот во Кран-Монтана.
Оттаму соопштија и дека веќе е воспоставен канал за комуникација со здравствените власти во Швајцарија.
По пожарот во ски-центарот во Швајцарија на социјалните мрежи беше упатен апел за помош по исчезнувањето на Македонецот Стивен Ивановски. Тој бил последен пат виден за време на пожарот што избувна на 31 декември во барот „Ле Констелејшн“ во познатиот зимски центар Кран-Монтана.
Во трагедијата се повредени 119 лица, а 50-ина од нив се префрлени или наскоро ќе бидат префрлени во земјите од Европската Унија кои имаат специјализирани центри за изгореници. Дел од пациентите се префрлаат во болниците во Франција, а дел ќе бидат трансферирани во специјализираните центри во Италија.
Командантот на полицијата Фредерик Гислер објави дека 113 од 119 повредени лица се идентификувани, а процесот на идентификација на другите шестмина е сè уште е во тек. Помеѓу идентификуваните повредени лица има 71 швајцарски државјани, 14 Французи, 11 Италијанци, четворица Срби, еден државјанин на Босна и Херцеговина, и по еден белгиски, полски, португалски и еден државјанин на Луксембург.
Македонија
Жив и здрав е најден планинарот по кој се трагаше на Пелистер
Планинар од Прилеп кој претпладнево беше пријавен за изгубен на подрачјето на Националниот парк „Пелистер“ е пронајден, жив и здрав, и се наоѓа во населеното место Ниже Поле, изјави Иванчо Тошевски, директор на ЈУ Национален парк „Пелистер“.
Тошевски потврди дека планинарот најверојатно избрал друга патека на движење низ планината и пристигнал во селото Нижо Поле.
-Планинарот беше достапен на телефон во еден период, а потоа сигналот се изгуби. Пријавивме во СВР Битола и со екипа на ЈУ Национален парк „Пелистер“ се упативме на терен. Но, околу 15:50 часот информирани сме дека планинарот од Прилеп безбедно стигнал во населеното место Нижо Поле, потврди Тошевски.
Македонија
Мицкоски: Втор ден, отвораме втора градинка
Отворена е доградената детска градинка „Кокичиња“ во село Таринци, Општина Карбинци. Станува збор за објект во кој ќе се сместат допонително уште 50 дечиња, со што капацитетот на целата детка градинка ќе биде двојно зголемен на 100 деца. Премиерот Христијан Мицкоски кој денеска присуствуваше на отварање на доградениот дел на градинката во Општина Карбинци посочи дека како Влада продолжуваат да прават и создаваат услови за најмладите.
-Тоа се нашите деца. Како Влада водиме јасно определена про-семејна политика, политика која подразбира брак, деца, затоа што тоа е иднината на државата и иднината на нацијата. Се останато претставуваат вредности кои, со сиот ризик повторно да бидам критикуван, оваа влада не може да ги промовира. Оваа Влада ќе промовира секогаш про-семејни вредности, вредности за кои што мислиме дека претставуваат основа и темел на една нација и една држава, рече Мицкоски.
Тој додаде дека ги имаат зголемено и бројот на ин витро процедури, односно од три на шест, а сега продолжуваат со отворање на нови градинки и елиминирање на листата за чекање, нешто на што, како што рече „се обврзавме во програмата“.

-Вчера беше Кочани, конечно после сите перипетии се отвори таа градинка за 114 дечиња, денес е оваа надградба на постојната градинка во Таринци, општина Карбинци за нови педесетина дечиња. Утре ве поканувам во скопско Сопиште, исто така отвораме градинка и продолжуваме во периодот кој што следи. Кога на ова ќе се додадат и оние книги кои што ги добија првоодделенците дека семејството преставува “мајка, татко, сестра, брат и јас“, тогаш јасно ги дефинираме политиките на оваа Влада и во таа насока ќе продолжиме и во иднина да промовираме таков тип на политики, подвлече Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов истакна дека со отворање на доизградениот дел на единствената градинка во Општина Карбинци повеќе ќе нема листи за чекање на прием на деца.
-Вкупниот капацитет на оваа детска градинка ќе биде 100. На мое огромно задоволство среќен сум што можам да кажам дека ова е уште еден завршен проект, вели Паунов.

Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече дека приоритет на Владата е да се отвораат детски градинки и во руралните средини, каде што има потреба за згрижување на дечињата.
-Продолжуваме понатаму со сиот капацитет и можност што го имаме како Влада и стратегијата дека секое дете треба да биде дел од детската заштита, вели Велковски.

