Македонија
Над 80.000 членови на СДСМ ќе гласаат за нов претседател, Заев е единствениот кандидат

Зоран Заев е кандидат за нов претседател на СДСМ, а над 80.000 членови со право на глас ќе можат да гласаат на првите непосредни внатрепартиски избори на 21 март, соопшти владејачката партија.
Согласно Правилникот за критириумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на третседател на СДСМ, Централна изборна комисија, на 26 февруари одржа седница на која беа потврдени и објавени кандидатурите за претседател на СДСМ.
„Поради тоа што немаше други пријави, Централната изборна комисија донесе Одлука за прифаќање на пријавата за кандидатурата на Зоран Заев, ја утврди и ја објави единствената листа на кандидат за претседател на СДСМ, а тоа е Зоран Заев“, велат од партијата.
Претходно беше отворен јавен повик за поднесување кандидатури за претседател на кој можеше да се пријави секој член кој ги исполнува условите согласно Правилникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Мицкоски и Орце ќе продолжат со дивоградбите во Чаир и Скопје

ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски уште еднаш го покажаа вистинското лице, заштита на криминалот со дивоградбите во Чаир и урбаното дивеење, велат од СДСМ.
„Со изјавата дека нема да го следи примерот на албанскиот премиер Еди Рама и нема да руши дивоградби во Чаир, Мицкоски јавно призна дека нема намера да стави ред во хаосот со бесправната градба во Скопје туку и понатаму ќе ги штити.
Ова е истата матрица која веќе ја гледаме години наназад: Орце Ѓорѓиевски, Мицкоски и нивните градоначалници се дел од проблемот, а не од решението. Наместо да се справат со криминалните дивоградби, тие ги легализираат и охрабруваат, создавајќи уште поголем урбан хаос, уништувајќи паркови, јавни површини и го загрозуваат квалитетот на живот на граѓаните. СДСМ веќе предупреди: глас за Орце и ДПМНЕ е глас за претворање на Скопје во дивоградба.
Граѓаните на Скопје и на Македонија заслужуваат ред, закон и контрола над урбанистичкиот хаос, а не влада и градоначалници кои ги штитат криминалните структури. СДСМ ќе продолжи гласно да се спротивставува на урбаното дивеење, криминалот и дивоградбите што го уништуваат Скопје“, се додава во партиското соопштение.
Македонија
Кошта: На Северна Македонија да ѝ се гарантира дека нема да има нови барања, но договореното мора да се исполни

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека Република Северна Македонија треба да ги исполни преземените обврски за да може да напредува во процесот на преговори за членство во Европската унија.
На заедничкиот брифинг со бугарскиот премиер Росен Жељазков, Кошта изјави дека го разбира одреденото незадоволство кај Северна Македонија поради бројните чекори што веќе ги направила – промена на Уставот, знамето и името на државата – но нагласи дека „одобреното е одобрено, договореното е договорено и мора да се исполни“.
„Во исто време, многу е важно да се изгради доверба. И да и’ се гарантира на Северна Македонија дека она што го очекуваме и сакаме во моментов не е само нешто што го сакаме сега и очекуваме во иднина. Нема да бараме ништо повеќе да се прави подоцна. Ова е разумно. Исклучително е важно да се изгради доверба. Тоа е една од причините зошто ги повикуваме повеќето влади да работат на специфични прашања што можат да ја подобрат поврзаноста на двете страни“, рече Кошта, пренесе БНТ.
Додаде дека лично е многу вклучен во овој процес. Ги посетил и Бугарија и Северна Македонија, разговарал многу пати со премиерот, со претседателот Радев, со претседателот на Северна Македонија, со премиерот Мицкоски.
„Верувам дека по изборниот период, кој моментално е во Северна Македонија, можеме да разговараме и некако да постигнеме напредок во овој процес“, вели Кошта.
Жељазков повтори дека позицијата на Бугарија останува непроменета и дека Софија е доследна во своите ставови.
„Нашата позиција секогаш била принципиелна. Компромисното француско предлог-решение беше одобрено и од Советот и од бугарското Собрание. Нема промена на нашите принципи или пристап,“ нагласи тој.
Посочи дека Бугарија очекува почитување на договорот за добрососедство и вметнување на Бугарите во Уставот.
„Верувам дека жалбата до Уставниот суд на Република Северна Македонија на потпишаниот протокол кон Договорот за добрососедство, беше апсолутно неоправдана, експлицитно, и е дел од консензусот од 2022 година. Никогаш не сме барале аргументи во внатрешнополитичките дебати во Република Северна Македонија, но се надеваме дека говорот на омраза и почитувањето на правата на бугарското малцинство, вклучително и обврската да бидат вклучени во Уставот на Република Северна Македонија, ќе бидат исполнети, бидејќи тоа е предуслов за нивно продолжување по патот на полноправно членство“, додаде.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Обвинителството да не молчи, итна истрага за прислушкувањето на Мицкоски, новинарите и бизнисмените

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, побара од Јавното обвинителство итна истрага за случајот со следење и прислушкување на претседателот на партијата Христијан Мицкоски, новинари и бизнисмени.
„ЈО да не молчи, истрага за следењето и прислушкувањето веднаш, и одговорност за извршителите и наредбодавачите“, изјави Петрушевски.
Тој праша дали обвинителот Љупчо Коцевски молчи затоа што бил задолжен за следење на издавањето на ПИ мерките и дали знаел за случајот.
„СДС ги вплетка службите и ЈО во своја шема за опстанок на власт. Пет години следеле се што мислеле дека го загрозува нивниот опстанок. Одговорност за случајот мора да има. ЈО и Љупчо Коцевски да не молчат, туку да почнат да даваат одговори“, додаде Петрушевски.