Македонија
Над 800 ученици во Аеродром добија бесплатни таблет-уреди
Денеска, во основното училиште „Блаже Конески“ почна со реализација проектот за доделување на бесплатните таблети, во чии рамки повеќе од 800 четвртодделенци од општина Аеродром ќе добијат бесплатни таблети.
Градоначалникот Тимчо Муцунски, коj присуствуваше на доделување на таблетите, потенцира дека станува збор за проект што ќе го олесни и унапреди образовниот процес. Станува збор за таблети од реномираниот производител „Амазон“, чија вкупна вредност изнесува над 5 милиони денари. Средствата за оваа намена се целосно обезбедени од буџетот на Општина Аеродром.
„Ставајќи ја во прв план важноста на дигитализацијата во образовниот процесот, а имајќи предвид дека учениците сè уште немаат добиено учебници од Владата и од Министерството за образование и наука, Општина Аеродром донесе одлука проектот да почне да се реализира веднаш и да продолжи и во следните години. Денешниот настан, но и активностите што ќе се реализираат во другите училишта, се уште еден доказ дека цврсто стоиме на своите заложби за обезбедување модерен и современ образовен процес, во кој дигиталните алатки ќе бидат подостапни до учениците“, потенцира градоначалникот Тимчо Муцунски.
Проектите што Општина Аеродром ги реализира во образованието се една нова насока, која подразбира современ, модерен и технолошки процес, во кој главниот фокус е ставен на обезбедување подобри услови за учениците. Сите училишта на територијата на општина Аеродром беа опремени со паметни табли, на покривите беа поставени фотоволтаици, а од денеска секое дете добива и бесплатен таблет.
Заврши целосната реконструкција на ООУ „Димитар Македонски“, „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче почна со проектот за надградба на капацитетите, а ООУ „Блаже Конески“ доби нова фасада и проект за доградба.
Реконструирани беа внатрешните делови од ООУ „Љубен Лапе“ и „Лазо Ангеловски“, а „Браќа Миладиновци“ ја добива првата училница на отворено, нов современ спортски терен, како и почеток на процесот за негова модернизација.
Во ООУ „Ѓорѓија Пулевски“ беше направен најголемиот велодром во Скопје, како и нови терени за фудбал и кошарка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски во посета на Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата и Единицата за увид на место на настан и анализа: во фокусот проблемите на вработените
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денес оствари работни посети на Единицата за безбедност на сообраќајот на патиштата и Единицата за увид на место на настан и анализа при Секторот за внатрешни работи Скопје каде одржа состаноци со раководствата.
„ЕБПС се соочува со голем недостаток на човечки ресурси и недостиг на возила и материјално-технички средства кои им се основна алатка за постапување и одржување на високо ниво на безбедност во патниот сообраќај. Исто така, беше посочено дека потребни се промени во законската и подзаконската регулатива со цел допрецизирање на одредбите кои ја регулираат оваа материја, а се со цел побезбеден сообраќај и помалку жртви.
ЕУМНА е една од круцијалните организациски единици кога се работи за ефикасно работење во делот на кривичната материја имајќи ја предвид природата на нивната работа. И во оваа Единица има голем недостаток на човечки ресурси, но и соодветни обуки кои ќе го подигнат нивото на квалитет на нивната работа, како и инвестирање во нова, пософистицирана опрема согласно најсовремените технологии и практики“ издвои Тошковски.
Македонија
Пендаровски: Давкова си закажала дебата сама со себе на МТВ
После јавната бламажа на трите досегашни ТВ дуели, Гордана Силјановска Давкова сфати дека единствен начин да излезе како победник во тие јавни соочувања е да организира разговор со „празно столче“ во договор со јавниот сервис чии генерален директор со месеци е ангажиран во партиска кампања на ВМРО-ДПМНЕ, вели престедателскиот кандидат Стево Пендаровски отклако претходно неговата против кандидатка Гордана Силјановска Давкова објави коментар дека Пендаровски не се појавил на дебатата на националниот сервис МТВ.
„Инаку, терминот за дебатата на МТВ никогаш не беше договорен меѓу двата кандидати. Дебатата во понеделник на 6ти мај, на телевизија Канал 5, е последна која е потврдена од двете страни.
И покрај ниските морални и етички стандарди кои ги поставија до сега во кампањата, ова е ново дно кое ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова го достигнаа, што може да ги изненади само оние кои не го познаваат начинот на делување на ВМРО-ДПМНЕ и на нивната партиска кандидатка“, реагира Пендаровски на прозивките на Давкова.
Македонија
Сиљановска-Давкова до Пендаровски: Ќе дебатирам со празно столче, последната дебата е закажана за понеделник
Кандидатката за претседателка на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова со свој коментар на социјалната мрежа X, по повод отсуството на противкандидатот Стево Пендаровски на тв-дебата на Македонската телевизија.
“Вчудоневидувачки е како во најзначајната претседателска дебата пред националниот сервис, Македонската телевизија, јас ќе дебатирам со празно столче“, напиша таа.
Не разбирам, вели Сиљановска-Давкова, зошто мојот противкандидат (@SPendarovski) им оневозможи на граѓаните повторно да ги соочиме нашите програми и ставови.
„Би сакала да го потсетам господинот Стево Пендаровски дека последната дебата е закажана за понеделник, па го повикувам да се одважи и да се појави пред мене и пред граѓаните на Македонија.
Основна задача на шефот на државата е да гради консензус преку дијалог со сите“, пишува Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.
Доби и одговор од нејзиниот против кандидат Стево Пендаровски.
„Давкова си закажала дебата сама со себе на МТВ“, реагира Пендаровски на социјалните мрежи.