Македонија
Над 95 отсто од втората фаза од магистралниот пат Куманово – Страцин е завршена
Над 95 % од втората фаза од магистралниот пат Куманово – Страцин е завршена, модернизацијата на овој магистрален пат како дел од Коридорот 8 е од особено значење за целата држава, изјави вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски, кој, денеска, заедно со министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, беа на увид на завршување на градежните работи на овој магистрален пат.
Во оваа втора фаза се рехабилитирани 16,6 километри од селото Војник до Страцин. Вкупната вредност на инвестицијата е речиси 7,2 милиони евра.
„Ова е важна патна артерија за поврзување на локалните и регионалните патишта со главните коридори, за граѓаните, но и за компаниите, со која се овозможува лесен и побрз транспорт на луѓе и производи. Особено ми е драго што силен акцент ставивме на инвестициите во патната инфраструктура на истокот и на североистокот, региони што со години беа заборавени. Инфраструктурата за која некогаш само се говореше, денеска е преточена во план, програма и реализација. Вложивме 80 милиони евра за патна инфраструктура, за да ги модернизираме клучните патишта во овој регион, делот од Коридорот 8“, изјави Николовски.

Паралелно се изведуваат градежните работи на првата фаза од Куманово до село Војник, во должина од 15,2 километри, во вредност од 5,4 милиони евра.
Рехабилитацијата на оваа фаза се очекува да заврши во јуни в година.
Министерот Бочварски потенцира дека во изминатата година ангажирана е цела градежна оператива во реализација на капиталните проекти во ресорот транспорт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Потпорен ѕид се урна во Штип и оштети автомобили кај болницата
Потпорен ѕид на улицата Љубен Иванов во Штип, во близина на клиничката болница, утрово околу 9 часот се сруши и падна врз две паркирани возила, јавуваат локалните медиуми.
Во инцидентот нема повредени лица, а на местото на настанот веднаш излегле надлежните служби.
Според првичните информации, причина за уривањето на ѕидот се неповолните временски услови.
Македонија
Јаневска: Почнуваме нов циклус вложувања во 160 образовни инфраструктурни објекти
Почнуваме нов циклус на вложување во образовни инфраструктурни објекти, кои се еден од основните елементи за подигнување на квалитетот на образованието и за развој на психичкото и физичкото здравје на учениците. Лани вложивме 67 милиони за инфраструктурата. Годинава почнуваме нови 160 инвестиции, од кои 60 се спортски сали.
Ова го изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска по поставувањето на камен-темелникот на новата спортска сала во ОУ „Григор Прличев“ во скопска Железара, каде присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
„Она што Владата, Министерството и општините го ветуваат, заеднички работејќи го исполнуваат. Почнуваме со изградба на нови 30 спортски сали и уште 30 се во процес на реновирање“, рече министерката Јаневска.
Вкупната инвестиција во спортската сала во ОУ „Григор Прличев“ изнесува 39 милиони денари, а денес почнува со реализација првата фаза во вкупен износ од 20 милиони денари. Салата ќе ги има сите пропратни содржини со што учениците и младите ќе добијат современи услови за спорт и рекреација.
Македонија
Нелоски: Фирмата на татко ми што ја спомнува СДСМ не учествува на тендери
Шефот на кабинетот на премиерот, Владимир Нелоски, ги отфрла тврдењата на СДСМ дека фирмата на неговиот татко учествува во државни тендери. Тој најави тужба против партијата.
„Ја гледам онаа тирада на нечесни и валкани прес конференции на СДС партијата која е петта во градот Скопје и трета во државата. Тие изобилуваат со невистини, креирани информации и полу информации. Тие треба да го свртат вниманието од комплетното растројство и дезорентираност во просторот на раководството на СДС и Венко Филипче и тој пусти страв од одговорност која знаат дека ја имаат. Мојот татко е дел од спомената приватна фирма, која не учествува на државни тендери, ниту има добиено тендери. И на никаков начин не може да носи одлуки за државните пари. Како и секој човек, па и мојот татко кој цел живот работи чесно во приватниот сектор има право да работи, а впрочем истиот со трговија започнал да се занимава уште пред осамостојувањето на Македонија“, напиша Нелоски.
Тој вели дека колегите од СДС треба да знаат дека со невистини, лаги и манипулации не се добива довербата така се губи и целосно паѓа сликата за партијата која денес е потопена со криминал и корупција, со лични интереси и фракции
„И бидејќи сум чесен и искрен, а сметам дека тоа треба да е клучен принцип во политиката нека не поставуваат прашања од СДС туку нека ги изнесат информациите во потврдна форма за да поднесам соодветна тужбена постапка за клевета пред надлежните органи“, вели Нелоски.

