Македонија
Накитена подводната новогодишна елка под Охридското Езеро

Нуркаите од Нуркачкиот центар АМФОРА од Охрид во Музејот на вода традиционално и оваа година ја накитија подводната новогодишна елка и на сите граѓани на Македонија им ја честитаа новата 2023 година.
Како и секоја, и оваа нова 2023 година нуркачите од Амфора им ја посветуваат на децата со ретки болести со желба за здравје, успех и срќно детство.
Посетителите на Музејот на вода елката ќе можат да ја видат од денес па се до крајот на јануари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје поради протест

СВР Скопје ги известува граѓаните дека утре со почеток во 11.00 часот поради одржување на протест, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Протестот предвидено е да започне пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“ со движење лево по улицата „Филип Втори Македонски“, десно по улицата „11-ти Октомври“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, десно по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред Влада на Република Северна Македонија.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Љутков во Кјото: Напредок во културната соработка со Јапонија

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој е дел од владината делегација која е во посета на македонскиот павилјон во рамките на „ЕКСПО 2025“ во Осака, Јапонија, денеска во Кјото, заедно со Игор Јанушев, генерален секретар на Владата на Македонија, и Андријана Цветковиќ, прв амбасадор на Македонија во Јапонија, оствари работна средба со комесарот за културни врски на Јапонија, Шуничи Токура.
На средбата беа разгледани можностите за унапредување на соработката во областа на културата и туризмот меѓу двете земји.
Од Министерството соопштија дека Љутков и Токура изразија подготвеност за дефинирање конкретни идни активности што ќе придонесат за зближување на македонскиот и јапонскиот народ преку културна размена и туристичка промоција.
Во тој контекст, министерот Љутков потсети дека минатата година во Скопје беше потпишан билатерален документ кој, како што истакна, претставува значаен импулс во продлабочувањето на културните врски меѓу Македонија и Јапонија.
„Меморандумот претставува прв билатерален договор во оваа сфера меѓу нашите држави и има цел да овозможи поблиско запознавање и соработка на двете култури и чекор што отвора нови хоризонти за креативна размена, заеднички проекти и долгорочно пријателство“, потенцираше Љутков.
На средбата Љутков подвлече дека меѓународната соработка и презентација на вредностите на македонската култура се приоритет во културната политика на Владата и на Министерството за култура и туризам. Во таа смисла, тој укажа дека нашата држава и во иднина ќе настојува континуирано да биде присутна на големите настани во Јапонија, вклучително и да организира и комплексни манифестации преку кои ќе ѝ се овозможи на јапонската јавност да се запознае со нашите автори, репродуктивни уметници, нашето творештво и културно наследство.
Македонија
Перински во Шуто Оризари: Со поддршка од над еден милион евра го подобруваме животот на локалното население

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, и неговиот заменик, Ерџан Селими, денеска ја посетија Општина Шуто Оризари, каде што одржаа средба со градоначалникот Курто Дудуш и членовите на општинскиот Совет.
При посетата, која се реализираше во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“, се разговараше за клучните прашања кои се однесуваат на локалниот развој, со посебен фокус на инфраструктурата и животната средина. Присутните едногласно констатираа дека атмосферската канализација е едно од најгорливите проблеми со кои се соочува општината, а во насока на надминување на овој проблем, Општината со владина поддршка веќе презема конкретни мерки.
Се имплементираат четири проекти за подобрување на атмосферската канализација, кои се дел од 24 одобрени на Шуто Оризари на првиот владин повик за поддршка на инфраструктурни општински проекти со вкупна вредност од над 1 милион евра.
Меѓу значајните теми на средбата беше и претстојната измена и дополнување на Законот за локална самоуправа, со кои ќе се овозможи унапредување на отчетноста на градоначалниците и зголемување на транспарентноста во работењето на општините.
Министерот Перински при посетата на Шуто Оризари истакна дека таа е пример за мултиетничка заедница на Македонци, Роми, Албанци и Турци, и токму таа разновидност е нејзината најголема сила. Притоа, ја истакна и важноста на продолжување на активната соработка помеѓу локалната и централната власт, за да се обезбеди одржлив развој и напредок на локалната самоуправа во сите сфери.
Министерството и Владата, порача министерот, ќе продолжат со континуирана поддршка на Шуто Оризари како еден од главните чекори кон зајакнување на локалната самоуправа и подигнување на стандардот на живот на сите граѓани во неа.