Македонија
Наместо козметички мерки, Левицата предлага: Ограничување на профитните маржи, укинување на ДДВ за основните производи, зголемување на минималната плата на 450 евра
„Во услови кога цените на основните производи растат во континуитет, а граѓаните едвај врзуваат крај со крај, актуелната власт повторно нуди неуспешни „решенија“ кои не ги менуваат основните економски реалности. Основните продукти станаа луксуз, граѓаните осиромашуваат, додека трговците акумулираат милионски профити и рекордна заработувачка“, велат од партијата Левица.
„Од анализата на цените на основните производи, забележуваме огромни зголемувања – свежото месо и млечните производи поскапеле од 15 до 80 отсто, а синдикалната минимална кошничка во 2024 година изнесува над 62.000 денари. Отсуството на регулатива и државна интервенција овозможија слободниот пазар да сервира нова порција богатење на елитите, врз грбот на граѓаните.
Големите трговски ланци, го зголемија својот профит за неверојатни 16,6 отсто за само три години. Ова покажува не само дека пазарот е нерегулиран, туку е и манипулиран, а инфлацијата, во најголем дел вештачки создадена. Владините мерки како „замрзнување на цените“ или „новогодишни кошнички“ се покажаа како симболични и неефективни мерки, за дневно-политичко залажување на граѓаните.
Наместо козметички мерки, Левица предлага: Ограничување на профитните маржи – задолжително и на долг рок, со редовна контрола од страна на инспекциските служби; Укинување на ДДВ за основните производи – директна помош за граѓаните; Зголемување на минималната плата на 450 евра – за приближување на животниот стандард кон оној во регионот; Реструктурирање на увозната зависност преку поддршка на домашното производство.
Македонскиот народ заслужува системски решенија кои ги надминуваат економските предизвици. Политичките мерки што служат за дневна пропаганда, не даваат никаков резултат. Време е да ја поставиме економијата на правилна основа во корист на народот. Во спротивно, овој економски концепт, продолжува да слугува само на мала група луѓе поседници на крупниот капитал, којшто непрекинато го зголемува јазот помеѓу богатите и сиромашните“, соопшти партијата Левица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Нокаут“ ќе ги забавува битолчани за Нова Година
Општина Битола одлучи да нема огномет на прославата на дочекот на Новата година.
Со ова, општината се приклучува кон другите општини кои, исто така, одлучија на прославите за дочекот на новата година да нема огномети и заради барањата на поедини здруженија на граѓани.
Организираниот дочек како и изминатите години ќе биде на платото на Офицерскиот дом, каде ќе има музичка програма која е дел од „Зимската приказна“.
На последниот ден од годината дневната програма ќе започне во 11:00 часот на платото на Офицерскиот дом, а од 12:00 часот во Старата чаршија.
Вечерната програма пред Офицерскиот дом ќе биде од 20:30. На почеток забава со Борче Наумовски, потоа „Кабаре за раѓањето и вечноста“, „Баркод бенд“ и од 23:00 до 1:00 часот по полноќ со групата „Нокаут“.
Македонија
Електродистрибуција со засилено отчитување за празниците
Во насока на обезбедување на поголемо отчитување во најоптоварениот период од годината и задоволување на потребите на корисниците, Електродистрибуција ќе реализира засилени активности за отчитување на мерните уреди во првата недела од јануари 2026 година.
Во наведениот период, дополнително, дел од активностите за отчитување ќе се реализираат прекувремено, како и за време на викендите и празничните денови.
„Во реализација на овие активности ќе се применува целосниот процес на отчитување, кој вклучува обработка, валидација и безбеден пренос на податоците во системите на компанијата, со што се обезбедува навремено и точно фактурирање на потрошувачката на електрична енергија за секој поединечен корисник“, велат од Електродистрибуција.
Македонија
Објавен конкурсот за доделување на Државната награда „Гоце Делчев“ за 2025 година
Министерството за образование и наука го објави конкурсот за додeлување на Државната награда „Гоце Делчев“, со која се оддава општествено признание за особено значајно остварување во сите области од науката од интерес на државата. Наградата во 2026 година се доделува за научно остварување објавено во 2025 година. Наградата се доделува на поединци или на група автори од земјата или од странство.
Право на конкурирање имаат дела од еден автор или група автори што се одделно објавени, рецензирани и каталогизирани. За датумот на објавувањето се смета датумот што е објавен во каталогизацијата на публикацијата (ЦИП). Право на конкурирање немаат остварувања објавени во стручни и научни списанија со импакт фактор, како и поглавја или делови од книги.
Поединец или иста група автори може да биде добитник на наградата во истата област само еднаш. Член од група автори може како поединец да биде добитник на наградата за друга книга или дело во истата област. Предлози за доделување на наградата можат да поднесат: установи, трговски друштва, здруженија на граѓани и граѓани.
Конкурсот за доделување на Државната награда „Гоце Делчев“, може да се види на следниот линк.
Предлозите за доделување на наградата и примероците од научните остварувања треба бидат поднесени од 29.12.2025 до 13.02.2026 година, до Министерство за образование и наука – Одбор за доделување на наградата “Гоце Делчев” 1000 Скопје,“Kирил и Методиј” бр. 54.

