Македонија
Напад врз новинар ќе се смета како напад врз службено лице, се воведува и кривично дело демнење
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, објави дека во Владата поминале измените на Кривичниот законик, со кои заштитата на медиумските работници и на жените се издигнува на многу повисоко ниво.
Според министерот, овие измени ќе придонесат за намалување на случаите за напади и закани кон новинари.
„Во иднина нападот врз медиумските работници ќе се третира исто како напад врз службено лице. Воведуваме строги казни за закана за напад врз новинари. Дополнително, во иднина Обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи. Ова беше едно големо барање на здруженијата на новинарите, чии претставници активно учествуваа во работната група која ги подготвуваше измените на Кривичниот законик“, изјави Маричиќ.
Дополнително, преку имплементација на Истанбулската конвенција законски се допрецизира заштитата на жените и се внесуваат нови кривични дела, кои досега кај нас не постоеле, а со нив законски се штитат жените од вознемирување и напади.
„Со новото дело демнење предвидуваме строги санкции за вознемирување и преку интернет, нешто што, за жал, се случува сè почесто. Сега тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин се меша во личниот живот на друго лице или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт, со движење во просторот каде што се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење средства за јавно информирање и други средства за комуникација или на друг начин психички го малтретира, вознемирува или застрашува, ќе се казни со глоба или со затвор до три години“, потенцира Маричиќ.
Министерот на прес-конференцијата објави и измени на повеќе закони, меѓу кои и на Законот за граѓанската одговорност, со кој значително се намалува висината на казните што медиумите и новинарите би ја платиле како отштета за клевета и навреда. Од максимални 2.000 евра, со измените оваа сум се спушта до максимални 400 евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачевски: Треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон ЕУ, или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност
СДСМ е опција која носи надеж, обезбедува подобар и подостоинствен живот за сите, опција која не е откажува од европскиот пат, порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, на вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ, во Куманово.
„Ние треба да одлучиме дали ќе чекориме по патот кон Европската Унија во која ќе биде подобро за сите или ќе се вратиме назад во изолација и неизвесност. Тоа ќе биде одлуката на претстојните избори, помеѓу „надеж со СДСМ“ и „безнадежност со ВМРО-ДПМНЕ“, помеѓу „просперитетна иднина со СДСМ“ и „враќање во темното минато со ДПМНЕ“. СДСМ е единствената партија која ја постави и која работи да се исполни визијата за европска иднина на нашата земја. Ние во СДСМ имаме јасна визија за иднината. Затоа јасно и гласно кажуваме одиме напред кон Европа, нема откажување од иднината. СДСМ ги исполнува ветувањата и даваме сѐ од себе да ги исполниме и очекувањата на граѓаните“, потенцираше Ковачевски.
Порача дека СДСМ ќе извојува победа и на претстојните претседателски и парламентарни избори, а победата ќе биде очигледна и во Куманово.
„Јас знам дека и овој пат ќе издвојуваме голема заедничка победа и ќе им покажеме дека лаги и манипулации не поминуваат во Куманово. Градот што се крена прв против фашизмот во време не НОБ знае што значи да си на вистинската страна на историјата. Куманово знае што значи борба за подобра иднина. Куманово секогаш било бастион на социјалдемократијата. На последните парламентарни избори, пред четири години, СДСМ и коалицијата во Куманово освоија три и пол илјади гласови повеќе од ДПМНЕ“, нагласи Ковачевски додавајќи дека граѓаните ги поддржуваат големите партии како СДСМ затоа што знаат дека можат да ја однесат државата напред во иднината, а не да ја вратат назад во минатото.
Македонија
Ковачевски: Поголеми плати и пензии, СДСМ направи многу за подобар живот, но мораме повеќе
На вечерашното отворање на промотивниот штаб на СДСМ во Куманово, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски, порача дека со СДСМ сигурна е иднината во ЕУ, поголеми плати и пензии за европски животен стандард.
Ковачевски потенцираше дека во изминатите седум години СДСМ направи многу за подобар и подостоинствен живот во нашата Македонија, се зголемија просечната и минималната плата, а паралелно растеа и пензиите.
„Минималната плата денес е над 370 евра, просечната плата е над 650 евра. Иако ветивме 500 евра. Пензиите се за 6.400 денари повисоки од тоа што беа во 2016 година. Невработеноста ја преполовивме и ќе продолжиме да отвораме нови работни места, да ги стимулираме на домашните и странските инвестиции, бидејќи тоа е единствениот начин да имаме посилна, поконкурентна економија“, рече Ковачевски.
Во своето обраќање, Ковачевски порача дека СДСМ може и мора да направи повеќе и подобро за сите, и тоа ќе се исполни преку новата програма која обезбедува подобар животен стандард и економски раст.
Говорејќи за новата програма на СДСМ, Ковачевски посочи дека поддршката за компаниите ќе биде најмалку 50% повисока од сегашните рекордни 100 милиони евра и до 2028 година ќе се зголеми на 150 милиони евраа, земјоделците ќе може да сметаат на нови, зголемени 750 милиони евра субвенции.
Македонија
Ковачевски: Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе промена
Мицкоски само ќе продолжи каде застана Груевски, ДПМНЕ не може да донесе никаква промена, рече вечерва во Куманово претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во обраќање при отворање на промотивен штаб на партијата.
-Никој од нас не заборавил како изгледаше кога менторот на Мицкоски, Груевски нѐ заглави и не донесе до дното. Мицкоски, само ќе продолжи таму каде што неговиот ментор застана, ќе продолжи да копа до ново дно, ќе нѐ закопа и ќе не заглави, само за своја лична цел. ДПМНЕ не ги интересира иднината на државата и граѓаните. Погледнете ги само нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сè. Сакаат на голема врата да ги вратат поданиците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, тоа е истата партија која не може да донесе никаква промена. Па има ли поголем доказ за тоа од целосното потфрлање на нивните градоначалници. Видете што се случува во Скопје, и ништо друго не ви треба. Мавтаа со програми пред локалните избори, а ништо не реализираа, рече Ковачевски.
Кога ќе ги прашате која е нивната визија и алтернатива за Македонија – тие нити знаат, нити кажуваат, нити имаат план, додаде тој.
-Тие нема да мрднат ни милиметар кон Европската Унија, и кога нема да има никаков прогрес, не само што нема да си ја признаат грешката, не само што нема да кажат дека лажеле, тие исто како Груевски ќе ги обвинуваат сите други, и ќе ја обвинуваат Европската Унија. Сите ќе им бидат виновни, освен тие самите! Тие едноставно сакаат да се вратиме во минатото, да ја закопаме иднината и да ја уништиме надежта за подобро утре, потенцираше Ковачевски.