Македонија
Напаѓачот на Арсовска доби казна од две години затвор

Основниот кривичен суд Скопје донесе пресуда со која напаѓачот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, е осуден на две години затворска казна поради нападот врз неа.
„Основниот кривичен суд Скопје известува дека судот на 2.9.2025 година ја донесе и јавно ја објави пресудата по предметот К.бр.1338/25, со која обвинетиот С. Љ. го огласи за виновен за сторено кривично дело насилство од член 386 став 3 вв со став 1 од Кривичниот законик по што му изрече казна затвор во траење од 2 (две години), а поради тоа што на 11.7.2025 година извршил грубо насилство врз градоначалничката на град Скопје.
Во согласност со член 47 од Кривичниот законик, во изречената казна затвор на обвинетиот С. Љ. му се засметува и времето поминато во куќен притвор, преиначена во мерка притвор.
Против ваквата пресудата странките имаат право на жалба во рок од 8 (осум) дена по приемот на пресудата преку овој суд до Апелациониот суд Скопје“, се истакнува во соопштението.
Во однос на мерката притвор, судот одлучи дека таа да се продолжи до правосилност на пресудата, односно до почнување со издржување на казната затвор, но не подолго од 60 (шеесет) дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова во Њујорк: Време е кормилото на ОН да му го довериме на жена

Во рамки на учеството на 80. Генерално собрание на Обединетите нации во Њујорк, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на состанок на високо ниво по повод 30-годишнината од Четвртата светска конференција за жените.
Во своето обраќање, Сиљановска-Давкова истакна дека иако Пекиншката декларација останува темел на борбата за родова еднаквост, напредокот е нееднаков, кревок и често реверзибилен.
„Насилството врз жените останува неказнето, фемицидот ја осквернува светоста на животот, а жените сè уште се соочуваат со бариери во пристапот до ресурси, лидерство и одлучување,“ рече таа.
Претседателката посочи и на кризата во Обединетите нации, институција основана за заштита на мирот, а денес исправена пред бројни конфликти низ светот. Таа апелираше на храбро лидерство од жени, велејќи:„Ако сме сериозни во врска со мирот, време е да го довериме кормилото на ОН на жена.“
Во нејзиниот говор таа подвлече дека родовата еднаквост не е феминистичка привилегија, туку хуманистички императив, потенцирајќи дека жените се носители на исцелување, сочувство и надеж.
Учесниците на состанокот ја потврдија потребата од посветеност, конкретни политики и ресурси за реализација на визијата од Пекинг и за создавање праведни и просперитетни општества.
Пекиншката декларација, како што потсети Сиљановска-Давкова, повикува на еднакви права и пристап за сите – жени и мажи, девојчиња и момчиња – и тој повик, рече таа, останува ургентен и денес.
Македонија
ДИК со податоци: Пет отфрлени листи за градоначалници

Според податоците добиени од Државната изборна комисија, за претстојните локални избори се потврдени вкупно 861 кандидатска листа – 303 за градоначалници и 558 за членови на советите на општините и на Град Скопје.
Во тек е постапка за отстранување на неправилности кај дел од листите во општините Куманово, Аеродром, Карпош и во Град Скопје.
Според податоците, 8 листи за градоначалници и 20 советнички листи се во постапка на дополнување и корекција по добиени забелешки од општинските изборни комисии.
Досега, се отфрлени 5 листи за градоначалници, по една во општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и Град Скопје.
По завршувањето на процесот на потврдување, ќе следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на гласачкото ливче. Ждрепката ќе се одржи на 25 септември 2025 година.
Македонија
Градоначалниците од Западен Балкан ја основаа алијансата Green mayors во Драч

Градоначалниците од 19 општини од Западен Балкан потпишаа заедничка декларација со која ја формираа Алијансата на „зелени“ градоначалници – регионална платформа за забрзување на зелената транзиција преку општинско лидерство и прекугранична соработка.
Потпишувањето се одржа во рамки на Форумот на „зелени“ градоначалници во Драч, организиран од OSF–WB (Фондација Отворено Општество – Западен Балкан). Настанот собра над 100 учесници – градоначалници, претставници на училишта, граѓански организации и експерти за енергетика.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на панел-дискусијата истакна:
„Проектот ‘Сончеви училишта’ и слични иницијативи покажуваат како промените можат да започнат на локално ниво. Општината работи на повеќе зелени решенија, како воведување електричен јавен превоз и изолација на стари згради. Нашата цел е да ги подготвиме граѓаните за праведна и одржлива иднина.“
На конференцијата беше посочено дека Битола е меѓу водечките општини во регионот според бројот и квалитетот на реализирани проекти за енергетска ефикасност и зелени решенија.