Македонија
Коѕијас: Направен е решителен чекор, со ратификуван договор во македонското собрание Грција ќе даде зелено светло за ЕУ и НАТО
Шефот на грчката диплоамтија Никос Коѕијас во интервју за грчката телевизија „Контра“ вели дека денеска со телефонскиот разговор меѓу премиерите на Македонија и Грција е направен решителен чекор. Тој додаде дека двајцата премиери утре ќе го завршат разговорот што го почнаа денеска.
– Мислам дека денес го направивме решителниот чекор и утре ќе разговараат повторно двајцата премиери и ќе го завршат разговорот што го започнаа денес, рече шефот на грчката дипломатија во интервјуто и објасни дека „преговорите не се права линија, тргнавме и одиме на маратон“, туку дека преговорите се „напорен пат со подеми, падови и тешкотии“ и затоа Коѕијас вели дека е „потребно трпение и трезвеност“.
Во однос на европската и евроатланската перспектива на Македонија, Коѕијас рече дека со ратификуван договор во нашето Собранието, Грција ќе даде зелено светло на Самитот на министри за надворешни работи на ЕУ на 25 јуни, а ако се оди според планираното НАТО ќе достави покана за членство на нашата земја.
– Штом го имаме ратификувано договорот, да се надеваме дека ќе го имаме, од нивното Собрание, како ратификувани и прашањата што ги имаме со Албанија, ние со големо задоволство ќе дадеме „ок“ за да тргнат по нивниот европскиот пат. Секако, доколку ги имаме навистина решено сите проблеми, се надевам дека утре ќе завршиме, ние треба да помогнеме и да ги поддржиме овие земји на нивниот европски пат, рече Никос Коѕијас.
Во однос на членството во НАТО, објасни дека покана е она што може да се даде, како што е планирано, ако се биде во ред на Самитот на 11 и 12 јули, додавајќи дека за оваа покана потребни се ратификации од сите земји членки. Во однос на тоа кога договорот би пристигнал во грчкиот парламент, Коѕијас истакна дека потребно е да се завршат сите внатрешни процеси кај нас за да започне процесот за членство во ЕУ и НАТО, а потоа и Грција ќе го ратификува договорот за да стапи во сила.
Шефот на грчката дипломатија говорејќи за името, рече дека тоа ќе биде соопштено по разговорот меѓу двајцата премиери, доколку утре се комплетираат деталите, но откри дека името е веќе одбрано. Додека пак, во однос на јазикот го повтори ставот дека македонскиот јазик е признат уште во 1977 од ОН.
– Одредницата и самоопределувањето постојат, македонскиот јазик постои од 1977 во ОН, вели Коѕијас на прашањето дали во договорот е вклучена одредницата македонски за јазикот и националноста.
Шефот на грчката дипломатија, рече дека македонскиот јазик „не е нешто што го дава или го зема Грција, затоа што тоа е нешто што е веќе дадено од ОН“, но и согласно со ИСО стандардите. Шефот на грчката дипломатија на неколку пати повтори дека од договорот јасно ќе произлегува дека „соседната земја нема никаква врска со антиката и со античка Македонија, а јазикот припаѓа на словенската група јазици“. Тој објасни дека во преговорите не може едната страна да добие сѐ а другата ништо и рече дека е потребен договор што ќе опстане низ времето, ќе има придобивки за двете страни, договор кој ќе гледа кон иднината, за двете земји да имаат пријателски односи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

