Македонија
Народен правобранител: Тортурата не е синоним за минатото
По повод одбележувањето на 26 јуни како Меѓународен ден за поддршка на жртвите на тортура, народниот правобранител соопшти дека овој ден има за цел да нè потсети сите нас на обврската за целосно искоренување на тортурата и ефективно имплементирање на Конвенцијата против тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување затоа што никој не заслужува нехуман третман.
„На овој ден ги повикуваме сите чинители во општеството, вклучително и меѓународните организации, граѓанското општество, но и сите поединци да се обединат за поддршка на стотици илјади луѓе ширум светот, кои биле жртви на тортура и оние кои сè уште подлежат на суров и нехуман третман“, се вели во соопштението на народниот правобранител.
Во оваа пригода Народниот правобранител истакнува и воедно потенцира дека тортурата во ниту еден случај не може да биде оправдана и истовремено потсетува на обврската на властите за преземање мерки за ефикасна истрага и спречување какви било акти на тортура и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување или казнување.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Државјанин на Косово се обидел да прошверцува 48.000 пара чорапи преку Блаце, покренато е обвинение
Скопското обвинителство поднесе обвинение против фирма од Косово со подружница во Скопје и нејзиниот управител за криумчарење.
На 16 јануари, обвинетиот косовски државјанин се обидел да избегне царинска контрола, така што во камионот со косовски регистарски ознаки кој пренесувал стока за правното лице преку граничниот премин Блаце биле ставени вкупно 48.000 пара чорапи кои не биле наведени во фактурите и во царинската декларација, соопштија од Обвинителството.
Царинските службеници при проверка ја пронашле и ја одзеле недекларираната стока во вкупна вредност од 365.280 денари.
Македонија
Парно греење нема ниту во училиштата и градинките, СДСМ повика на формирање на кризен штаб
Опозициската СДСМ повика на формирање на кризен штаб, откако утрово повеќе скопски општини останаа без парно.
Според информациите, греење нема во Центар, Ново Лисиче, Аеродром, Кисела Вода, Капиштец. Парно греење нема ниту во дел од училиштата и градинките, а родителите во повеќе општини добиле повик да дојдат да си ги земат децата.
„Скопјани, децата, пензионерите мрзнат поради неспособноста на ДПМНЕ. Децата и изнемоштените луѓе, во 21 век се оставени на милост и немилост на несподобните директорчиња од ДПМНЕ и министерката за енергетика, блиска до Мицкоски“, велт од СДСМ.
Од тука додаваат дека двата системи се проектирани да функционираат на начин што ќе ја поделат обврската во затоплување – дел со парно, а доминатен дел со струја. Сега кога граѓаните се оставени со саати без парно се принудени да бараат алтернатива, да вклучуваат греење на струја, да се згрејат на овие минусни температури, велт од СДСМ.
„Целосна одговорност за хаосот во енергетскиот сектор е кај минстерката за енергетика, Сања Божиновска која нема капацитет да менаџира со овој важен сегмент. Ги повикуваме веднаш да формираат кризен штаб, брзо да се реагира и веднаш граѓаните да добијат греење. Во време на голема светска енергетска криза СДСМ не дозволи да има прекини, граѓаните имаа непречено и струја и парно греење!“, се вели во партиската реакција.
Од ЕСМ претходно информираа дека поради зголемени загуби на вода во топлификациската мрежа, е намалена испораката на топлинска енергија и се работи на изолирање на проблемот со цел воспоставување стабилен хидрауличен режим во системот и нормализација на снабдувањето со топлинска енергија.
Македонија
Милошоски: За првпат премиер на Македонија е поканет на инаугурација на претседател на САД
Денес за време на инаугурација на 47-от претседател на САД за првпат премиер на владата на Македонија е поканет и ќе присуствува на овој настан во Вашингтон, кој е главна тема на меѓународната политичка сцена, вели пратеникот и поранешен шеф на дипломатијата, Антонијо Милошоски.
Според него, ова е исклучително добра вест за нашата држава и успех за македонската дипломатија.
„Склученото стратешко партнерство од 2008. година, во комбинација со личните познанства меѓу премиерот Мицкоски и неколку членови на владата со дел од блиските соработници на претседателот Трамп, претставува солидна основа за продлабочување на македонско-американските односи, особено во областа на економијата, безбедноста, енергетиката и подобро усогласување на дипломатските активности во области од заеднички интерес“, вели Милошоски.
Како што додава, во овој динамичен свет кој многу брзо се менува, добро е што преку премиерот, Македонија е присутна во Вашингтон и го зајакнува партнерство и довербата со САД, земјата која има најголем потенцијал во обликувањето на меѓународната политика.