Македонија
Народен правобранител: Училиштата не смеат да наплаќаат за сведителствата
Народниот правобранител, имајќи ги предвид сознанијата дека дел од училиштата во државата им наплаќаат на учениците за издавање свидетелство за завршено образование, како и дека наведеното е долгогодишна практика, а во некои училишта се случува првпат, укажува дека училиштата не смеат да наплаќаат за издавање на овој документ.
„Согласно правната регулатива која го уредува правото на образование, секое дете има право на бесплатно и квалитетно основно воспитание и образование, односно право на средно образование кое е задолжително за секој граѓанин, под еднакви услови. При тоа, средното образование во јавните средни училишта е бесплатно“, се наведува во соопштението.
Со оглед дека учебната година заврши, a на учениците треба да им бидат издадени свидетелства, кои, пак, се неопходна документација за запишување, односно продолжување на образованието, Народниот правобранител им укажува на училиштата дека свидетелството претставува јавна исправа која во еден примерок му се издава на ученикот и за издавање на истото не смеат да ги условуваат учениците, односно родителите/старателите со претходно уплаќање на определени средства.
„Во тој контекст Народниот правобранител ги охрабрува учениците, односно нивните родители/старатели ваквите случаи на наплата кои се вршат спротивно на закон да ги пријават во Државниот просветен иснпекторат или кај Народниот правобранител, а воедно апелира од страна на овој орган кој врши контрола над работата на училиштата и остварувањето на правата во областа на образованието соодветно да реагира за да ги спречи ваквите незаконити наплати и истите да се санкционираат“, пишува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Да се забрани производство на марихуана за наводни медицински цели“, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз бара Парламентот на Македонија по скратена постапка да донесе измена на законите со кои ќе се забрани производство на марихуана (Cannabis sativa) за наводни медициски цели.
„Досега, од 2017 година надлежното Министерство за здравство, во соработка со други институции (Мин.за земјоделство, Меѓуресорската комисија и други) издало 61 лиценца на фирми кои можеле да произведуваат марихуана за медицински цели.
Повеќе од јасно е дека контролата затаила поради што се случија фингирани кражби, пресметки помеѓу нарко-мафијата, заплени на канабис од полицијата итн., но криминалниот бизнис продолжи, бидејќи нарко-мафијата во која беа вклучени и носители на највисоки државни функции од претходната власт се стекнаа со огромна финансиска моќ и политичко влијание“, велат од ДС.
„Демократски сојуз силно ја поддржува акцијата на МВР за заплена на канабисот и инсистира да постапува неселективно и јавно да бидат објавени сопствениците (формални и неформални) на фирмите кои произведуваат канабис, кој и кога ги издал лиценците за производство на канабис итн.
Министерството за здравство во соработка со другите надлежни институции да објави колку количини на канабис се произведени, каде се тие количини (продадени, на залиха, украдени итн.) и колку профит е остварен.
Запленетите 32 тона канабис (5 во Србија и 27 тони во Македонија), тоа е засега гребење по површината на овој нарко-бизнис кој има тешки последици по здравјето на младите генерации, политичката стабилност, владеење на правото и меѓународниот углед на државата.
Бараме да се прошири одговорноста и кон носителите на функции од надлежните министерства кои издавале лиценци и кои затаиле со контролата на спроведување на законите за да се спречат злоупотребите.
Одземените количини се премногу за Балканот, а не за медицинските потреби на Македонија. Очигледно е дека првобитната хумана цел е злоупотребена и затоа се потребни итни законски промени“, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
СДСМ има решение: Наместо луксуз на власта – 600 евра плати за работниците и поддршка за компаниите
„Претседателот на СДСМ, Венко Филипче понуди јасно, конкретно и остварливо решение за зголемување на минималната плата на 600 евра преку ребаланс на буџетот. Нема простор за изговори на власта: пари во буџетот има, но тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ ги трошат за луксуз и криминални тендери“, велат од СДСМ.
„За зголемување на минималната плата на 600 евра потребни се околу 7,5 милијарди денари, односно 120 милиони евра.
Само со рационално кратење на трошоците во две буџетски категории може целосно да се обезбедат потребните средства.
Кратење на 20 до 30% на делот „стоки и услуги“, каде што се, патувања, репрезентации, договорни услуги, возила, мебел и комфор на функционерите, може да се обезбедат меѓу 90 и 130 милиони евра.
Со кратење на делот „разни трансфери“ може да се обезбедат дополнителни 75 милиони евра.
Со кратење само во овие две категории се обезбедуваат од 130 до над 200 милиони евра.
Овие пари се доволно не само за минимална плата од 600 евра, туку и за дополнителна мерка за поддршка на приватниот сектор преку субвенционирање на придонесите, со што компаниите ќе можат да ги зголемат платите без да се загрози нивната ликвидност.
Не може да има пари за луксуз, патувања, партиски тендери и партиски вработувања, а да нема пари за работниците.
Изговори нема. Ако власта сака да им помогне на работниците, може веднаш да предложи ребаланс на Буџетот. СДСМ ќе го поддржи“, соопшти СДСМ.

