Македонија
Насилниците доколку влетаа во контролата на летање на аеродромот во Њујорк, Париз или Атина немаше ни да влетаат, веднаш ќе беа „решени“, вели Ангелов
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) и претседател на политичката партија „Достоинство“ се огласи на Фејсбук по однос на случувањата во македонската навигација каде и тој две години работел како помошник за безбедност на системи и уреди во Секторот за воздухопловна техника на М-НАВ.
“Пред да бидам именуван за директор на ЦУК, две години работев како помошник за безбедност на системи и уреди во Секторот за воздухопловна техника на М-НАВ во објектот на скопскиот аеродром. Во тој период лично запознав дел од вработените и слободно можам да кажам дека најголемиот дел од нив се извонредни луѓе, посветени професионалци кои се грижат за безбедноста на воздухопловите на нашето небо и аеродроми. Како човек кој имал можност непосредно да се запознае со системот за управување и контрола на воздушниот сообраќај во Македонија, давам целосна подршка на Синдикатот на контрола на летање, но и честитки за нивната борбеност и истрајност“, пишува Ангелов.
Како што вели, во ваква чувствителна институција од која зависи безбедноста на патничките авиони и на сите останати воздухоплови кои го надлетуваат нашето небо, слетуваат, полетуваат или оперираат на територијата на Македонија, мора да постои строга селекција при вработување преку која ќе се изберат најдобрите кандидати, во согласност со европските регулативи.
„Лица кои ги немаат потребните квалификации не смеат да се приближат до овие работни места, а не да работат на нив. Особено ако нивната најсилна, а можеби и единствена квалификација е одредена етничка припадност. Воедно, обезбедувањето на објектот на М-НАВ во кој се сместени секторите за воздухопловна техника и контрола на летање, треба да се уреди на сосем поинаков начин, со сосем поинакви сили. Страшно е тоа што насилниците кои неовластено влегоа во кругот на М-НАВ, вклучително и во просториите на контролата на летање, нападнаа дежурен контролор на летање, ги вознемирија и ја загрозија безбедноста и на останатите дежурни контролори ја загрозија и безбедноста на воздушниот сообраќај на македонското небо и аеродроми“, се вели меѓудругото во статусот на Ангелов.
Според него добро е тоа што МВР ги приведе, а Јавното обвинителство поднесе соодветни пријави против осомничените насилници.
„Неразбирлива е одлуката на Судот кој иако бил должен, не им одредил притвор на осомничените насилници. Но, кога ќе се земе во предвид дека некои од нив се дел од највисокото раководство на ДУИ тогаш ваквата постапка станува разбирлива. Останува отворено прашањето, до кога вака? До кога одредена етничка и партиска припадност ќе овозможува неказнивост дури и при сомнение за извршени тешки кривични дела?
Добро е и тоа што премиерот Ковачевски и министерката за одбрана Петровска најавија дека на следната владина седница ќе се расправа за разрешување на директорите и на Управниот одбор на М-НАВ. Сосем за крај, прашувам, што ќе се случеше со насилниците доколку влетаа во контролата на летање на аеродромот во Њујорк? Или во Париз, Истанбул, Атина па дури и во Белград? Јас мислам дека таму немаше да влетаат. Ќе беа “решени” при обидот за влетување“, завршува Ангелов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност и температура до 20 степени
Утре, сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 14 до 20 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Во четврток се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, особено во попладневните часови и во текот на ноќта.
Македонија
Тошковски – Хани: Зајакнување на антикорупциските механизми и унапредување на регионалната соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна средба со директорот на Секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива (РАИ), Алберт Хани, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката во насока на зајакнување на институционалните капацитети за спречување на корупцијата.
Во фокусот на разговорите беа обуките за изработка на Национална проценка на ризик од корупција и антикорупциската проверка на законодавството во областа на внатрешните работи, при што беше истакната активната улога на Македонија како потписничка на Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на изјавите за имотна состојба. На средбата беше нагласено дека нашата држава претставува водечки пример и референтна точка за земјите кои сè уште не пристапиле кон овој механизам.
Тошковски ја потенцираше важноста од системски пристап во детектирањето и намалувањето на ризиците од корупција во безбедносниот сектор, како и значењето на регионалната соработка и размената на искуства.
„Борбата против корупцијата е еден од нашите врвни приоритети. Преку зајакнување на интегритетот на институциите, унапредување на законодавната рамка и користење на современи механизми за проценка на ризици, создаваме систем во кој корупцијата станува сè потешка, поскапа и неисплатлива. Поддршката и експертизата на РАИ во овој процес имаат значајна улога, а Министерството за внатрешни работи останува силно посветено на развој на ефикасни и одржливи антикорупциски политики“, истакна Тошковски.
На средбата беа разгледани и конкретни можности за идна соработка преку заеднички активности, обуки и проекти насочени кон јакнење на превентивните и репресивните механизми во справувањето со корупцијата.
Македонија
Наредена ексхумација на уште една жена, можна жртва на 25- годишникот од Малотино осомничен за сериски убиства
Во наредните денови ќе биде направена уште една ексхумација на жена за која постојат сомневања дека е жртва на 25-годишниот овчар Трајко Бојковски од селото малотино, Старо Нагоричане, осомничен дека е серириски убиец. Обвинителството ја прошири истрагата за уште едно кривично дело – убиство, за кое е предвидена казна доживотен затвор, извести денес обвинителот Љубомир Лапе.
Обвинителството веќе обезбеди докази за две убиства и еден обид за убиство со ДНК анализи кои посочуваат кон 25-годишникот, кој е во притвор. Сите жртви се од истиот регион и според Обвинителството, нема докази за сексуално насилство. Дадени се наредби за психијатриско вештачење на осомничениот и сè уште не е утврден мотивот за убиствата.
За расчистување на случајот дадени се наредби на МВР да ги извади сите можни пријави, поплаки, телефонски јавувања, очевидци за настаните поврзани со осомничениот кој од СВР Куманово веќе има кривична пријава за две тешки кражби.
Кумановската обвинителка Теута Рамдани потсети дека истрагата за Бојковски почна по пријава од 83- годишна жена која успеала да преживее напад од осомничениот.

