Македонија
Наумовски: Парите за повисока плата се планирани во случај да се промени законот
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски, тврди дека засега нема да зема повисока плата и ќе чека законски измени за да добие зголемување во текот на годината. Тој вели дека средствата само се испланирани, ама не значи дека ќе има реализација. Оваа реакција следува кога „Макфакс“ објави дека во буџетот за годинава предвидена е повисока плата за градоначалникот, а голем број ветени проекти на Општината се нереализирани, односно за нив не се предвидени пари.
„Платата на градоначалникот не е зголемена. Таа останува иста, непроменета. На градоначалникот Александар Наумоски му се исплаќа плата во согласност со Законот за изменувањето на Законот за плата и други надоместоци на избраните и именуваните лица во Република Македонија. Законот предвидува посебен коефициент за утврдување плата за градоначалниците, а тој коефициент зависи од бројот на жители во општината. Коефициентот на Наумоски е 3,2. Со ребалансот на буџетот предвидените, а нереализирани средства, во делот на платата на градоначалникот се пренаменуваат“, велат од пиар-секторот во Општината.
Но, тезата дека Наумовски нема да зема поголема плата, а парите се само превидени за таа намена, е дискутабилна и отвора други прашања. На пример, зошто нема повеќе пари за осветление, проектирање, капитални инвестиции, изградба на објекти, кои би биле проектирани со буџетот, па доколку не се искористат, тие да бидат пренаменети.
„Макфакс“ објави дека Наумовски нема предвидено средства во буџетот за изградба на нова градинка во Волково, а градоначалникот вели дека за почеток на градба на градинка во Волково средства се очекуваат од МТСП преку инвестициската програма ТАВ. Ова практично значи дека изградбата ќе почека сè додека ресорното министерство не издвои средства, иако Наумовски вели дека пуштањето на градинката ќе биде во 2020 година.
Во текот на изборната кампања градоначалникот на Ѓорче Петров беше дециден дека во општината ќе биде изграден базен, а сега вели дека е во тек анализа за да се утврди дали проектот е исплатлив. Но, наместо изградба на отворен и затворен базен, жителите ќе добијат мал спортски базен во склоп на основно училиште.
Наумовски ветува дека ќе се доврши изградбата на фекалната канализација во Волково, Стопански Двор и Кисела Јабука, па така, според него, покриеноста со фекална мрежа ќе била 100 отсто. Нејасно е како е дојдено до овој процент имајќи предвид дека населените места Никиштане и Орман не влегуваат во проектот за изградба на одвод и сè уште користат септички јами. Доколку покриеноста со фекална канализација е 100 отсто, тогаш треба цела општина да има одвод.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ковачки: Честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ е огромна, продолжуваме обединети во нови победи
Одговорноста е голема, но честа да се служи како генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ под лидерството на Христијан Мицкоски e огромна, напиша на социјалните мрежи пратеникот Драган Ковачки откако беше избран на позицијата во партијата.
„Дадената доверба што ми ја укажа претседателот Мицкоски е обврска кон идејата, кон членовите на партијата и кон Македонија.
Благодарен сум за поддршката, за вербата и за можноста заедно да продолжиме по патот на сплотеност, чесна борба и посветена работа.
Благодарност до досегашниот генерален секретар Ѓорѓија Сајкоски кој несебично и целосно беше посветен на организацијата.
Продолжуваме обединети, со срце и со јасна цел во нови победи за ВМРО-ДПМНЕ и иднина каква што ја заслужува Македонија“, напиша Ковачки.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.

