Македонија
Националната мрежа против насилство врз жените: Црвено знаме за целиот систем, целосна истрага, итна одговорност и санкции за институционалното непостапување
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство бара, како што нагласуваат, итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март во скопската населба Тафталиџе, каде животот го загубија триесет и едногодишна мајка и нејзината шестгодишна ќерка.
„Според сведоштвата на најблиското семејство, мајката подолг период била жртва на семејно насилство кое било пријавувано во надлежните институции. Доколку се потврди дека институциите имале сознанија, а не презеле соодветни мерки за заштита, бараме со име и презиме да се утврди одговорност кај сите службени лица – од Министерството за внатрешни работи, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции. Оваа трагедија не е изолиран случај. Само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство. Според податоците на Еуростат за 2023 година, Северна Македонија е меѓу земјите со највисока стапка на фемициди во Европа што е алармантен показател дека системот за заштита не функционира ефикасно“.
Според нив, ова не се изолирани инциденти туку образец.
„Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите. Наместо системот да обезбедува навремена заштита, третман и санкционирање на сторителите, сведочиме на пропусти што ја одржуваат и продлабочуваат културата на неказнивост. Законите постојат, но нивната примена е недоследна и недоволна. Поради тоа жртвите остануваат без соодветна поддршка и заштита, додека насилниците продолжуваат неказнето да ги загрозуваат нивните животи“.
Бараат целосна и транспарентна истрага за постапувањето на сите институции во случајот во Тафталиџе, вклучително и проверка дали постоеле пријави/сознанија и какви мерки биле (или не биле) преземени;
„Суспензија на сите службени лица вклучени во постапување, се до завршување на истрагата
Утврдување индивидуална одговорност за секое службено лице кое не постапило согласно законските обврски;
Соодветни санкции, вклучително и кривична одговорност и затворски казни за службени лица од МВР, центрите за социјална работа, јавното обвинителство и сите други надлежни институции каде што ќе се утврди дека морале, а не презеле мерки за заштита и/или дека пропустот придонел за фатален исход;
Најстроги казни за сторителот на насилство;
Итна ревизија на проценките на ризик и механизмите за заштита на жртвите на семејно насилство, како и на практиките за форензичко постапување и истраги во случаи на сомнителна смрт“.
Потенцираат дека животот на жените и децата не смее да зависи од тоа дали системот ќе ја препознае опасноста дури откако трагедијата веќе се случила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

