Македонија
Националната мрежа против хомофобијата: Итно да се пронајдат напаѓачите на активистот Беким Асани во Тетово

Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата остро го осудува физичкиот напад врз претседателот на „ЛГБТИ јунајтед“, Беким Асани, и бара од надлежните институции итно да ги пронајдат и санционираат сторителите на ова, како што велат, дело од омраза.
„Според сведоштвото на Асани, нападот се случил на 7 мај 2022 година на градските гробишта во Тетово, каде што тој бил со својата мајка. Четири машки лица на возраст од 20 до 40 години, кои седеле на клупа, му дофрлувале на Беким ‘педер’, ‘неверник’, ‘многу зборуваш со устата’, ‘ќе гориш во пеколот’. Потоа еден од нив го нападнал со бокс во лицето по што Беким паднал на земјата, а напаѓачот продолжил да го удира со клоци по стомакот и нозете“, се наведува во соопштението на Националната мрежа против хомофобијата и трансфобијата.
Од таму нагласуваат дека кривичните дела од омраза кон припадници на ЛГБТИ-заедницата ретко добиваат правен епилог и инсистираат на темелно постапување од страна на органите и целосно расчистување на случајот.
„Треба да се има предвид дека игнорирањето на говорот и делата од омраза кон ЛГБТИ-лицата и неказнивоста на сторителите на овие дела води до продлабочување на недовербата во институциите поради што многу вакви напади воопшто не се ни пријавуваат. Апелираме институциите еднакво да ги третираат сите граѓани во државата и да престанат да придонесуваат кон јакнење на дискриминацијата и насилството на кое се подложени сексуалните и родовите малцинства“, стои во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без струја денеска делови од Бутел и Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 08.20 до 12.30 часот, дел од корисниците од ул. 1 во населба Радишани. (општина Бутел)
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Горно Лисиче лоцирани на потегот од Маг Комерц, А-М Стил, Феромонт Инжинеринг кон село Долно Лисиче. (општина Аеродром)
Македонија
Дел од Аеродром денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер претежно од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
До среда ќе се задржи претежно облачно време со повремени локални врнежи од дожд и студени утра. Ќе дува умерен до засилен, а долж Повардарието повремено силен ветер од северозападен правец. Потоа следи период на стабилно и суво со постепен пораст на дневната температура.