Македонија
Началникот на Генералштабот на АРМ на состанок на Воениот комитет на НАТО
Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, вчера и денес учествува на редовниот состанок на Воениот комитет на НАТО во формат на началници на Генералштабови од земјите членки на НАТО и партнерите.
На состанокот, со кој претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, во текот на вчерашниот ден обраќање имаше генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој на почетокот упати благодарност до учесниците на состанокот за континуираната поддршка и јасното лидерство во зајакнувањето на сојузничкото одвраќање и одбрана. Во оваа прилика, Руте го истакна напредокот постигнат по Самитот во Хаг, со фокус на зголемени инвестиции во одбраната, засилено воено производство и континуирана поддршка за Украина. На крајот, генералниот секретар порача: „Ќе продолжиме тесно да соработуваме со нашите партнери ширум светот, бидејќи безбедноста претставува заеднички напор.“
Адмиралот Драгоне во неговото обраќање нагласи дека безбедносната состојба останува исклучително сложена, потенцирајќи ги војната во Украина, нестабилноста и насилството долж јужното соседство на НАТО, отворените тензии, како и активностите на други малигни актери кои продолжуваат да ја загрозуваат глобалната стабилност. Навраќајќи се на активностите на НАТО, адмиралот Драгоне нагласи дека во текот на изминатата година, преку успешните операции „Baltic Sentry“ и „Eastern Sentry“ и зголемениот број воени вежби, се зајакна НАТО будноста и способноста за одбрана и одвраќање на Алијансата, потврдувајќи ја исклучителната приспособливост на НАТО стратегиските команди. На крајот, адмиралот Драгоне истакна дека безбедноста не е само прашање за политичарите и војската, туку ги засега сите во сојузничките земји истакнувајќи: „Затоа ни е потребна не само поддршка, туку и вистински ангажман од повеќе од милијарда луѓе кои сме посветени да ги браниме“.
Во текот на состанокот, командантот на Врховната сојузничка команда за Европа (SACEUR), генералот Алексис Г. Гринкевич, ги информираше началниците на Генералштабовите за подготвеноста на НАТО во зајакнувањето на колективното одвраќање и одбраната на Алијансата. Во продолжение командантот на Врховната сојузничка команда за трансформација, адмирал Пиер Вандие, ги изнесе своите видувања за иднината, вклучително и како НАТО го забрзува процесот на испорака на клучни капацитети со цел силите на Алијансата да бидат подготвени за актуелните закани и идните безбедносни ризици. Посебен фокус беше ставен и на партнерствата, вклучително Советот НАТО-Украина, индо-пацифичките партнери и Европската Унија.
Во рамките на состанокот генералот Лафчиски активно учествуваше во дискусиите за прашањата поврзани со глобалните безбедносни предизвици, подготвеноста на Алијансата за одвраќање и одбрана, интероперабилноста, заканите, ризиците и предизвиците, како и соработката со земјите партнери. Во своето излагање ја потенцираше посветеноста на Армијата за регионалната безбедност преку учеството во мировни мисии, операции и НАТО активности во странство, пред сè во мисијата на НАТО во Косово (КФОР), ЕУ операцијата „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и во НАТО активноста „Forward Land Forces – FLF“ во Бугарија и Романија.
Во оваа прилика генералот Лафчиски се осврна и на националната вежба „Блесок 26“, која ќе се фокусира на оценувањето на ЛПБГ, како наша примарна НАТО цел на способност. Вежбата ќе послужи и како платформа за усогласување на националните и НАТО обврските. Дополнително беше потенцирано зајакнувањето на подготвеноста на Армијата преку континуирана модернизација и опремување.
На маргините на состанокот, генералот Лафчиски оствари билатерална средба со началникот на Генералштабот на Унгарија, генерал Габор Беренди на која се разговараше за продлабочување на билатералната воена соработка со акцент на заедничките обуки помеѓу припадниците на Армијата и унгарските вооружени сили, како и за можностите за опремување и модернизација.
Во рамки на престојот во Кралството Белгија, генералот Лафчиски оствари средба со припадниците на Армијата распоредени во Националното воено претставништво на Република Северна Македонија во НАТО штабот во Брисел.
На состанокот, со кој претседаваше претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне, покрај генералот Алексис Г. Гринкевич и командантот адмирал Пиер Вандие учествуваат началниците на Генералштабовите на 32-те земји членки на НАТО, како и претставници од индо-пацифичките партнери на НАТО, Грузија и Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

