Македонија
Наша амбиција е членство во ЕУ до 2030 година, му рече Османи на Гир
Наша амбиција е членство во ЕУ до 2030, изјави министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на средбата со шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир.
Во фокус на разговорите беше соработката меѓу ОБСЕ, со која актуелно претседаваме, и ЕУ, вклучително и потребата од поблиска координација во дадениот чувствителен геополитички контекст. Османи го брифира евроамбасадорот за неодамнешната посета на Киев и средбите со украинскиот државен врв. Во таа смисла најави посета на Брисел кон крајот на месецот, каде што во својство на претседавач со ОБСЕ ќе се сретне со челниците на институциите на ЕУ, при што централна тема на разговор ќе биде Украина.
Соговорниците разменија мислења и за европското досие на Северна Македонија, односно реформската агенда под лупа на почнатите преговори за членство во Европската Унија. Во тој контекст амбасадорот Гир ги предочи позитивните сигнали од Европската комисија за нивото на подготвеност на нашата администрација и одличниот почеток на скрининг-процесот. Воедно, укажа на важноста од усвојување на најавените уставни измени за што потребни се искрена политичка волја и европски курс од сите политички фактори во државата.
Османи се осврна на актуелниот момент, кој не смее да се пропушти во однос на евроинтегративниот процес, како гаранција за долгорочна стабилност, економски развој и консолидација на правната држава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.

