Македонија
Најалармантна е состојбата во градот Скопје, ни треба темелна реформа – Ѓорѓиевски за измените на Законот за локалната самоуправа
Претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски денес говореше на седмото Генералното собрание на Заедницата на единиците на локална самоуправа, каде фокусот е ставен на буџетот и акцискиот план на ЗЕЛС за 2025 година, како и врз актуелни теми и предизвици со кои се соочуваат општините во Република Македонија.
-Денес ја одржуваме седмата седница на Генералното собрание, највисокото тело на ЗЕЛС, на која ќе дискутираме за состојбите и сите оние проблеми кои ги надминавме заеднички со моите колеги изминатава тековна година. Ќе се разговара, исто така за плановите и предизвиците во перспектива за наредната година, силен фокус имаме и дел од разговорите ќе бидат насочени околу унгарскиот кредит и повикот кој треба да се случи следната година, односно во месец февруари, но ќе разговараме исто така околу законските пречки со кои што се соочуваме и надминување на истите. Знаете дека, ние како ЗЕЛС уште пред нешто повеќе од една година го инициравме и она што веќе стана многу актуелно последниов период во јавноста, а тоа се измени во Законот за локална самоуправа поврзани околу начинот на престанување на мандатот на градоначалниците, но и за одредени законски измени поврзани со експропријацијата кои што ќе треба заеднички да ги направиме во координација со Министерството за транспорт и врски. Така што, се на се, како и на секое Генерално собрание денес ќе ги утврдиме состојбите со кои се соочуваме, но ќе ги утврдиме и перспективите и она што ќе ни биде силен и главен фокус за наредната година-изјави Ѓорѓиевски.
На новинарско прашање околу тоа до каде се измените на Законот за локална самоуправа и дали доколку се донесе Законот до крајот на овие мандати сега, ќе се бара отповикување на некои градоначалници и кои би биле тие, Ѓорѓиевски информираше:
– Има работни групи кои интензивно работат на оваа проблематика и надминување на проблемот кој што сега постои согласно законските регулативи, а беа поттикнати, истите како иницијатива од наша страна, поради состојбите пред се’ во градот Скопје. Во тој дел работат работните групи и ќе треба да се случи, нормално работната група од ЗЕЛС да работи во наредниот период со Министерството за локална самоуправа, но треба да ја вклучиме во целиот процес и експертската јавност. Не е доволно да направиме решенија како што имало честопати примери во минатото кои ќе бидат на краток рок, туку нам ни треба темелна реформа, која што ќе овозможи измената на законското решение да има ефект и во перспектива, за и оние што ќе дојдат после нас да не се соочуваат со проблем како што се соочуваме ние. Пред се, тоа да биде во интерес на граѓаните бидејќи ние сите сме избрани од нив. Јас сега не би навлегувал да споменувам индивидуалци, тоа најдобро го знаат граѓаните, но најалармантно морам повторно да кажам да не го сфати лично госпоѓата Арсовска, најалармантна е состојбата во градот Скопје. И тоа беше првата причина која што не наведе нас на дискусија, од која произлезе и овој предлог на ЗЕЛС. Ние сме апсолутно свесни дека со тоа моќта на градоначалниците повторно се враќа во рацете на граѓаните и така треба да функционира овој систем, затоа што ние сега како градоначалници во многу општини се соочуваме со состојба каде што решаваме, во 21 век, подземна инфраструктура. Тоа се проблеми кои требало многу одамна некој други пред нас да ги решат, дали е тоа за Кисела Вода, Валандово, дали е за Берово, за Пехчево, Скопје – за каде и да е, тоа се проблеми кои што некој не ги решил во минатото. Зошто не ги решил? Затоа што сите градоначалници, вклучувајќи не и нас, сега знаеме дека граѓаните се најголемиот суверен, но ја даваат поддршката и не може некој да ве отповика од истото доколку не функционира општината и не работите во интерес на граѓаните. На овој начин, градоначалникот кога ќе влезе во просториите на општината, ќе знае дека како што ја добил поддршката од граѓаните, ќе може истите тие и многу порано од истекот на мандатот, да му го одземат мандатот. И тоа е единствен правилен начин да имаме функционални локални самоуправи и градоначалници кои исклучиво ќе бидат водени од интересот на граѓаните-истакна Ѓорѓиевски.
Прашан за воведувањето на комунална полиција, тој кажа дека очекува скоро формирање на комунална полиција и дека ќе се бара зголемување на казните за загадувачите.
-Што се однесува до комуналната полиција, веќе има изготвено предлог – текст на Закон, односно измени за истиот. Ние веќе имавме веќе средба со министерот Тошковски, а утре имам повторно координативен состанок со него, на кој, меѓу останатите точки ќе го разгледаме и ова прашање и верувам дека и тоа законско решение ќе биде донесено во скора иднина. Сакам да споменам дека инициравме промена на глобите коишто во моментов се минимални и изнесуваат од 50тина до 200 евра. Ние бараме минималната глоба, особено за оние создавачи на диви депонии, да биде од 4000 до 6000 евра и да постои можност службите од општината да го запленат и возилото па подоцна тоа да биде предадено на МВР, затоа што за жал поради 1, 2 или 5 проценти од нашето население кое се однесува несовесно, ние се доведуваме во состојба да страда целата населба, целата општина, дури и целата држава да има проблеми. Така што верувам дека и за овој дел ќе имаме апсолутна поддршка да ги направиме измените-изјави Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДС не му го спомнаа името на Груби на собраниска седница, од што се плашат Заев, Филипче и Спасовски?
СДС наместо да застане на страната на правдата и одговорноста, продолжува да го релативизира и штити криминалот на Артан Груби. Наместо да се дистанцираат, СДС на чело со Филипче координирано го бранат Груби. СДС го штитат Груби повеќе дури и од што го штитат менторот Заев и Филипче, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС се толку многу исплашени и бегаат од темата за Артан Груби што на собраниска седница за пратенички прашања ниту поставија прашање, ниту пак името му го спомнаа. СДС се толку вознемирени и нервозни од апсењето на Артан Груби поради стравот од сведочењето на Груби и неговите изјави кои може да повлечат и поранешни високи функционери на СДС. Тренчевска со сите сили се потруди да ја колективизира одговорноста за одлуките на тогашната влада на СДС и ДУИ. Потпретседателката на СДС Јована Тренчевска истакна дека одлуката на тогашната влада, каде се сомничи за криминал Артан Груби, била колективна, и според неа не било фер само Груби да добие кривична, туку требало да добијат и другите министри кои присуствувале на седницата, односно цела тогашна влада“, велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат дали со ова СДС се подготвени да жртвуваат одредени нивни функционери се со цел да го заштитат Груби и што знае Груби па цела СДС се плаши за да не посведочи за одредени криминали?
„Дали Вице Заев, Оливер Спасовски и Венко Филипче се плашат од тоа што ќе каже Артан? СДС знаеше за криминалот во Државна лотарија и молчеше за спас на коалицијата со ДУИ. Граѓаните очекуваат правда, никој не смее да биде над законите. Заврши времето на политичка заштита на поединци, време е за транспарентност и владеење на правото. Одговорност мора да има за секој за кој ќе се утврди вина“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Крмов: Премиере, ќе ја раскинете ли нелегалната концесија за Блатешница по 13 продолжени рокови
Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седница на пратенички прашања ја повика Владата да ја раскине концесијата за изградба на мала хидроцентрала на реката Блатешница во село Блатец, обвинувајќи за незаконско пролонгирање на роковите и игнорирање на волјата на локалното население кое како што рече „веќе една деценија со своите тела, со един вид жив штит, си ја бранат реката и правото на незагадена природа и вода“.
Крмов истакна дека концесијата за изградба на хидроцентралата во 2012 година е доделена на фирмата „Енерџилукс ДООЕЛ Штип”, основана само два месеца претходно, а е всушност ќерка фирма на текстилната фабрика „Виза Фешн“ од Штип. Тој истакна и дека договорот предвидувал започнување со комерцијална работа во рок од три години од ефективниот датум, а тоа е 23.12.1212 година.
„Имаме ситуација во која концесионерот не ја исполнил обврската да започне со производство во предвидениот рок, а наместо раскинување на договорот, рокот е продолжуван дури тринаесет пати“, рече Крмов и додаде дека во меѓувреме, односно во 2020 година, ситуацијата се менува и од штипска фирма таа станува кочанска фирма во сопственост на „Атом Сантех“ ДОО Кочани.
Тој се повика на член 33 од договорот, според кој Владата може да ја раскине концесијата доколку инвеститорот не ги исполни обврските. Исто така нагласи дека Владата може еднаш да го пролонгира рокот и доколку и тогаш не се отпочне со производство Владата треба еднострано да ја раскине концесијата. Во овој случај, како што истакна пратеникот и покрај повеќекратните пролонгирања, договорот не е раскинат.
Крмов посочи и на извештај од 2014 година во кој, како што рече, било минимизирано влијанието на хидроцентралата врз водоснабдувањето на селото.
„Помеѓу зафатот на централата и машинската зграда се наоѓа зафатот за водоснабдување на селото Блатец. Треба да веруваме дека изградбата нема да влијае врз водата што ја користат над илјада жители“, рече Крмов, додавајќи дека не биле земени предвид ниту системите за наводнување, малите акумулации и локалните стопански капацитети.
Крмов посочи дека жителите на Блатец со години организираат деноноиќни блокади за да ја спречат изградбата и се единствените кои во целиот процес се исклучени и укажа дека Владата на седница од март 2025 година само за 20 минути разгледата шест договори за концесија на мали хидроцентрал и на сите им бил продолжен рокот, меѓу кои и на хидроцентралата на Блатешница.
„Не гледам друг начин инвеститорот да започне со работа освен на сила. Се надевам дека нема со сила да ги рушите барикадите“, рече Крмов.
Во обраќањето тој се повика и на природното право на локалното население. „Тие луѓе со генерации живеат таму и пијат вода од таа река. Тие се најповиканите кога се носат одлуки што директно влијаат вр нивниот живот, а не профитот да биде пред сѐ, нагласи пратеникот.
На крај упати директно прашање до премиерот: „Дали ќе се одважите конечно да застанете на страна на жителите на Блатец и ќе ја поништите концесијата за малата хидроцентрала, особено ако и овој тринаесети рок биде прекршен на 7 март годинава?“.
Македонија
„Сега странски служби јавиле, имаме чувство дека театарот со Груби стана циркус“, велат од СДСМ
„Театарот со Груби стана циркус. Имаме чувство Мицкоски. Прво граѓаните ја видоа режираната претстава на граница, доаѓањето со наочари, со насмевка, каде недостасуваше уште црвен килим за Груби. Потоа смисленото сценарио и пречек со камери, со медиумска поддршка на 40% од медиумите под контрола на ВМРО преку Орбан“, велат од СДСМ
„Па одредувањето куќен притвор од обвинителство и судство по контрола на ВМРО ОКГ. Обвинителството прво велеше дека АНБ на Христовски и МВР на Тошковски дале безбедносна проценка дека Груби не е безбеден и затоа морале да одредат куќен притвор.
Излезе директорот на Затворот и демантираше, рече дека ниту АНБ ниту МВР не дошле и не направвиле проценка. Вчера Мицкоски изјави дека тоа биле класифицирани информации, доверливи и не може да се соопшти. Имал чувство.
Сега излегуваат информации дека наводно „странски служби“ јавиле уште пред една година и дека безбедносна проценка воопшто не била направена од АНБ и МВР.
Циркус. Само не кажаа која, дали српска или руска странска служба?
Веќе не знаат што да излажат. Само нешто се измисллува за да се покрие сценариото.
Исто како во времето на Никола Груевски.
Какви странски служби, какви проценки, нема посилна потврда од ова дека сè е договорено“, соопшти СДСМ.

