Македонија
„Најважно ми е да останам со бел образ“, Гаши се повлече од седницата за интерпелација, за Џафери тоа е неодговорност
Претседателот на Собранието, Африм Гаши во обраќање пред пратениците во врска со неговата интерпелација истакна дека таа не е наменета кон него туку кон друг профил на функционер.
„За мене е најважно да останам со бел образ и чиста душа. Интерпелацијата е пред вас, ваше е да дискутирате и да одлучувате јас ќе ја почитувам вашата одлука“ истакна Гаши.
„Ова не е интерпелација за Африм Гаши туку за верската припадност на претседателот на Собранието, ова не е интерпелација кон пречекување на овластувањата на претседателот во однос на безбедноста туку поради добрососедските односи и заложби за признавањето на Република Косово. Ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата кон албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација за знамето на ЕУ и НАТО, туку кон нашата стратешка ориентација“, вели Гаши.
Тој како што појасни се повлекува од салата бидејќи не сака да влијае врз пратениците со неговото присуство.
Ваквиот негов чекор наиде на осуда од страна на Талат Џафери од ДУИ.
„Секако дека ги имаме нашите забелешки околу досегашната работа на претседателот на Собранието, во континуитет не се почитуваат процедурите. Тоа што се однесува до скандалите а не политичката одговорност што е морална одговорност на самиот претседател на Собранието, скандалот со аеродромот, скандалот со границата и скандалите што не се спомнуваат јавно, има скандал над скандал и мислам дека на граѓаните ова им е јасно“, вели Џафери.
Претсдеателот на собранието, како што појасни поранешниот собраниски спикер, на ниту еден начин не може да му нареди на неговото обезбедување да оди на некое друго. „Овде моралната одговорност е поради фактот дека неговиот шеф почитувајќи ја наредбата на претседателот се вклучува и станува дел од кривично дело и изворот на ова е наредбата на претседателот на Собранието“.
Неподготвеноста за земање на одговорност покажува и самиот факт дека лицето за кое е поднесена интерпелацијата наместо да биде присутен во салата и на директен начин да се соочува со фактите и аргументите, за прв пат се случува во ова Собрание, избраното лице за кое е поднесена интерпелацијата го напушта местото и ова покажува неземање на одговорност за овие прашања“, потенцира Џафери.
Инаку претходно денеска од ДУИ најавија дека ќе дебатираат за интерпелацијата и ќе ги кажат сите недоследности и забелешки за работењето на Гаши како претседател на Собранието, но од принципиелни причини нема да гласаат за негово разрешување.
Според Блерим Беџети, Гаши треба да им се извини на Албанците без разлика на нивната политичка провиниенција и да се повлече не само од претседател на Собранието, туку и од политичката сцена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со дожд за Божик, на планините снег
Времето денес променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта.
На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Максималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне до 12 степени.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.

