Македонија
(Видео) Најтежок облик на дискриминација утврден во две основни училишта: родители испишуваат деца за да не учат со Роми
Народниот правобранител констатирал зголемување од 20 проценти на покренати претставки за повреда на човековите права и слободи во споредба со минатата година. Најголемо повредување на правата имало кај детските права.
Од покренатите постапки во 683 постапки, народниот правобранител констатирал повреда на човековите права. Како и претходната, така и во 2022 година, трендот на прво место според бројот на поднесени претставки е во областа на правосудството.
„И тоа 534 претставки или 16,64 % од вкупниот број претставки. Потоа се потрошувачките права со над 10 %, па работните односи, детските права, имотно-правните односи…“, изјави тој и додаде дека според констатираните повреди најголем број имало во детските права.
Издвои два примера, каде што е утврден најтежок облик на дискриминација, односно сегрегација во две основни училишта. Едно во Битола и едно во Штип. Се работи за ОУ „Ѓорги Сугаре“ во Битола и ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, каде што има паралелки составени претежно од ромски деца.
„Овие училишта зачестено издаваат согласности за запишување на ученици, најчесто од македонска етничка заедница, во други општински училишта, иако според местото на живеење го опфаќаат реонот на горенаведеното основно училиште. На тоа инсистираат родителите кои не сакаат нивните деца да учат со Роми. Апелирам до овие две општини и училиштата да престанат со праксата на издавање на исписници од училиштата зошто процесот на инклузивност е еден од најзначајните процеси за елиминирањето на дискриминацијата“ порача народниот правобранител.
Меѓу другото, го нагласи проблемот со немањето доволно образовните асистенти за учениците со попреченост.
„Дел од нив останаа без поддршка. Се додека за овој проблем не се најде системско и трајно решение, родителите ќе треба сами да се грижат за своите деца или да платат асистенти што е спротивно на конвенцијата за правата на децата“ рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На 18-годишнината од хеликоптерската несреќа, положен венец на споменикот кај Катлановско Блаце
Денеска, 12 јануари (понеделник), министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на обележјето кај Катлановско Блаце положија венец со свежо цвеќе во спомен на единаесетмината припадници на воздухопловниот ВИНГ кои пред 18 години ги загубија своите животи, враќајќи се од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.
Министерот Мисајловски по овој повод порача дека нивната мисија била благородна и дека никогаш нема да бидат заборавени бидејќи со своите дела покажале како се сака државата и како се сака татковината.
На спомен-обележјето кај Катлановско Блаце почит на загинатите припадници оддадоа членовите на семејствата, како и делегации од Командата за операции, Првата пешадиска бригада, воздухопловниот ВИНГ и од општината Петровец.
Со едноминутно молчење и положување венци со свежо цвеќе од страна на припадниците на воздухопловниот ВИНГ беше оддадена почит за единаесетмината загинати припадници и пред спомен-обележјето пред командата на ВИНГ-от во касарната „НХ Страшо Пинџур“ во Петровец, како и во меморијалниот парк во кампот Бутмир во Сараево, Босна и Херцеговина, каде нашите припадници беа дел од мисијата АЛТЕА.
Во хеликоптерската несреќа, на денешен ден пред осумнаесет години, враќајќи се од мировната мисија АЛТЕА трагично загинаа потполковник Тони Спасовски, мајор Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељаноски.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ реагира: Јавните набавки се спроведуваат законски, СДСМ да одговори за сопствените скандали
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека обвинувањата изнесени од Социјалдемократскиот сојуз на прес-конференција, а се однесуваат на јавните набавки, се неосновани и дека станува збор за политички конструкции без докази.
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека сите јавни набавки спроведени од општините и од Град Скопје се реализирани согласно Законот за јавни набавки, преку транспарентни и јавно објавени постапки, достапни за проверка од надлежните институции.
Во соопштението се наведува дека СДСМ, наместо да шири шпекулации и да се повикува на анонимни свиркачи, треба да одговори за сопствените корупциски скандали и за состојбата во институциите за време на нивното владеење.
ВМРО-ДПМНЕ оценува дека граѓаните заслужуваат сериозна и одговорна политика, а не, како што се наведува, импровизации за дневнополитички поени.
Македонија
Минчев на средба со амбасадорката на Република Словачка
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари протоколарна средба со новоименуваната амбасадорка на Република Словачка, Н.Е. Ивета Хрицова.
На средбата беше истакнато пријателското партнерство меѓу двете земји, со посебен акцент на можностите за унапредување на соработката во областа на јавната администрација, реформските процеси и размената на искуства и добри практики насочени кон зголемување на ефикасноста, транспарентноста и професионализацијата на административните служби.
Министерот Минчев, ја нагласи посветеноста на Министерството кон спроведување на реформите во јавниот сектор, усогласени со европските стандарди, како и значењето на меѓународната соработка во овој процес.
„Реформата на јавната администрација претставува клучен столб за добро управување и зајакнување на довербата на граѓаните во институциите. Искуствата и поддршката од пријателските земји, како Република Словачка, имаат значајна улога во унапредувањето на институционалните капацитети и имплементацијата на современи административни практики“, истакна Минчев.
Двете страни изразија подготвеност за понатамошно продлабочување на билатералната соработка и поддршка на реформските приоритети во областа на јавната администрација, потенцирајќи ја важноста на континуираниот дијалог и институционалната размена.

