Македонија
Најчевска: Твоја партија предлага изборот на судии и обвинители да го вршат странски независни експерти
Твоја партија предлага сè до воспоставувањето цврст систем на правила, процедури и критериуми, кои ќе оневозможат какво било мешање на политичките партии во изборот на кадрите и во работењето на овие институции, изборот на судии и обвинители да го вршат странски независни експерти врз основа на претходно поставени правила, процедури и критериуми и спроведени тестирања базирани на најдобрите пракси во ЕУ-државите, објави професорката Мирјана Најчевска.
„Имајќи го предвид континуираниот деградирачки тренд во дејствувањето на Републичкиот судски совет и на Советот на јавните обвинители, многуте негативни извештаи за работата на овие институции и неспособноста на актуелната (исто како и на претходната власт) да иницира соодветни промени, Твоја партија бара нивно итно распуштање и префрлање на нивните надлежности на експертски групи делегирани од ЕУ.
Повеќе е од очигледно дека овие институции вака како што се структурирани и особено во ситуација кога изборот на нивните членови е под директен диктат на владејачките политички партии, не само што не придонесуваат за позитивни промени во правосудството туку стануваат извор на неправо и ја продлабочуваат веќе катастрофалната состојба во нашето правосудство“, вели Најчевска.
Според неа, секоја до сега предложена интервенција во моментот ќе претставува само козметичка промена, која, како што додава таа, нема да влијае на актуелната состојба на Републичкиот судски совет и на Советот на јавните обвинители, кои се профилираа како партиски поделени институции, кои не ја остваруваат својата основна надлежност, не ги штитат правата и слободите на граѓаните и наместо да се занимаваат со правораздавање, се исцрпуваат во изнаоѓање начини за поддршка и заштита на политичките партии и, пред сè, на високите функционери во овие партии.
Ова, според Најчевска, мора да биде привремена мерка и треба да послужи, пред сè, за хармонизација не само на нашето законодавство туку, пред сè, нашата пракса со праксата на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Криминалната Влада на Мицкоски молчи за тендерите од 9 милиони евра
Помина цел ден, а Владата на Мицкоски како да зенемела за скандалот што го објавивме, нема одговор на ниту едно прашање што го поставивме. Криминалната Владата молчи за тендерите од 9 милиони евра за фирма со двајца вработени формирана минатата година, обвини СДСМ.
„Па зарем немаат што да им кажат на граѓаните? Или им ги фативме криминалните шеми на кој начин преку „најповолни“ понуди се местат тендери, па се бранат со молчење? Станува збор за парите на граѓаните, речиси 9 милиони евра. Нека не се надева власта дека молкот може да ги спаси, одговорност за криминалот ќе има. Тоа што ДПМНЕ одговара во име на институциите е дополнителна потврда дека криминалните шеми се направени во Белата палата. Затоа ги знаат сите детали за тендерите. Ова што се случува во Македонија е организиран грабеж за испумпување на парите на граѓаните преку наместени тендери во едни исти фирми. Тоа е истата криминална шема на Никола Груевски кој испупмпа 2 милијарди евра а денеска е бегалец од правдата. Ученикот Мицкоски само го прави она што научил од неговиот ментор и учител“, велат од партијата.
СДСМ најави дека ќе продолжи со факти, со докази, со аргументи и документи да го разобличува криминалот на владата на Мицкоски.
„Јавното обвинителство, ДКСК, сите институции треба да се вклучат, да направат независна истрага и да делуваат. Работата сè уште не е завршена“, велат од СДСМ.
Македонија
Без струја делови од Петровец и Кисела Вода
Без струја денеска ќе останат делови од Петровец и Кисела Вода.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 01.12.2025 година ( понеделник ) без електрична енергија ќе останат: во периодот од 08.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Димитар Мирасчиев. ( општина Кисела Вода ), во периодот од 08.30 до 14.30 часот, корисниците од главната улица во село Дивље. ( општина Петровец ) и во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од ул. Христо Татарчев – крак 15 – Припор. ( општина Кисела Вода )“, информира РЦУК.
Македонија
Приведени седум лица по натпреварот меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи
Седум лица се приведени поради нарушување на јавниот ред и мир по завршувањето на фудбалскиот натпревар меѓу ФК Вардар и ФК Шкупи.
Според информациите на МВР, синоќа по завршување на фудбалскиот напревар во рамките на Прва македонска фудбалска лига одигран помеѓу екипите на ФК Вардар АД Скопје и ФК Шкупи Скопје одигран на спортскиот комплекс на ФФМ „Петар Милошевски”, се приведени седум лица.
Тие се приведени поради сторени прекршоци со фрлање на пиротехнички средства од Законот за спречување на насилство на спортски натпревари, како и за нарушување на јавниот ред и мир со непристојно и дрско однесување и непочитување наредба на полициски службеници на две одделни локации на подрачје на град Скопје.

