Македонија
Наќе Чулев: Незаконски бев отпуштен од работа, со години трпев јавно понижување
Поранешениот директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, објави дека судот донел пресуда во негова корист дека незаконски му бил одземен безбедносниот сертификат и незаконски бил отпуштен од работа во Агенцијата. Тој вели дека со години трпел јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз неговото семејство и неговите деца.
„Денес ви се обраќам не само како Наќе Чулев, поранешен директор на Агенцијата за разузнавање и министер за внатрешни работи, туку пред сè како човек и родител кој помина низ години на понижување, клевети и неправда. Со години бев цел на организирана кампања на дезинформации и политички прогон од претходната власт. Незаконски ми беше одземен безбедносниот сертификат и незаконски бев отпуштен од работа. По долга и исцрпувачка борба, судовите во Македонија тоа јасно го утврдија и го запишаа во своите пресуди. Тоа беа години на јавно понижување и дискредитација, медиумски конструкции и лажни наративи, како и силен притисок врз моето семејство и моите деца. Човек кој речиси 25 години чесно служел во безбедноста на државата и соработувал со меѓународни партнери, одеднаш беше прогласен за „безбедносен ризик“ – не поради дело, туку поради политичка одлука и затоа што јавно зборував за корупцијата и аномалиите во системот“, вели Чулев.
Тој вели дека по долги судски процеси, судовите утврдиле дека одземањето на безбедносниот сертификат и неговото отпуштање биле незаконски, дека целата конструкција била неправична и политички мотивирана, а против сторителите е поднесена кривична пријава за злоупотреба на институциите, за која очекува институциите да постапат, а сторителите да одговараат.
Вели дека не ја пишува оваа објава на социјалните мрежи за освета, туку за вистината да биде јавно запишана.
„Оваа објава не ја пишувам за освета, ниту за саморекламирање, туку за вистината да биде јавно запишана. Да се знае дека човек може да биде понижен, но не мора да биде скршен; дека може незаконски да му се одземе работната позиција, но не и достоинството, искуството и знаењето; и дека вистината, иако привремено сокриена, секогаш излегува на виделина. Ова не е само моја приказна. Многу луѓе и денес водат битки по судови за да ја докажат својата невиност и да ја вратат честа и професионалниот интегритет. Тоа е симптом на поширок проблем – политички прогон и злоупотреба на институциите кои ја разоруваат довербата во државата и ги уништуваат семејствата“, вели ексминистерот.
Тој вели дека ќе продолжи да се бори за општество во кое никој нема да биде гонет затоа што мисли поинаку, во кое институциите нема да бидат алатка за политички прогон и во кое честа, професионалноста и интересите на Македонија ќе бидат пред сè.
Чулев во 2022 година објави дека е отпуштен од своето работно место како разузнавач и дека повеќе не е дел од безбедносниот систем на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

