Македонија
На автопатот Скопје – Велес одземени возила поради истечена регистрација од скоро една година
На автопатот Скопје – Велес, на наплатна станица Петровец вчера во 10:10 часот, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за сообраќајни работи во МВР извршиле контрола на товарно возило – влекач „мерцедес“ и полуприколка со скопски регистарски ознаки, управувано од М.М.(47) од Скопје, а сопственост на правно лице.
МВР денеска соопшти дека притоа бил констатиран прекршок по член 344 став 3 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а во врска со член 26/10 од Законот за возила, односно затоа што сообраќајната дозвола на влекачот и полуприколката биле истечени и важеле до 24.04.2024.
По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена соодветна пријава.
Министерството за внатрешни работи апелира до возачите и сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и сите заедно да придонесеме за побезбедни патишта.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фетаи на COSP11 во Доха: Стратегиите против корупцијата бараат лидерство, имплементација и јавна доверба
Заменик претседател на Владата, задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, учествуваше на 11-тата сесија на Конференцијата на државите членки на Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата (COSP11), која се одржува во Доха.
Заменик претседателот, Фетаи, се обрати на панел-дискусијата посветена на сеопфатните антикорупциски стратегии во Југоисточна Европа, при што истакна дека антикорупциските политики и стратегии можат да обезбедат одржливи резултати само доколку се поддржани од силно владино лидерство, ефикасна институционална координација и активно учество на граѓанското општество.
Во своето излагање, Фетаи нагласи дека стратешките документи имаат суштинска вредност единствено доколку се преточат во конкретни механизми за имплементација, следење и отчетност, со што фокусот се пренасочува од формални заложби кон мерливи и конкретни резултати.
Осврнувајќи се на искуствата на Република Северна Македонија, тој ја потенцираше важноста на пристапите базирани на податоци, дигитализацијата на процесите и институционалната транспарентност како клучни алатки за намалување на ризиците од корупција и за зајакнување на јавната доверба во институциите.
Македонија
Петрушевски: Ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница, на повидок нов раскол во СДС?
Пратеникот Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ објави дека денеска ниту еден пратеник од СДСМ не присуствува на собраниската седница. Тој прашува дали на повидок е нов раскол во СДС?
„Денес, ниту еден пратеник од СДС не присуствува на собраниската седница. Дали е случајност или некому испраќаат порака? Особено што вчеравечер Филипче го објави новиот тим на СДС во кој речиси и да нема актуелен пратеник. Очигледно, незадоволството не може да се сокрие“, вели Петрушевски.
Според него, кога внатрепартиските калкулации им се поважни од институциите, резултатот ќе е уште подлабока криза во редовите на опозицијата.
Македонија
Јаневска: За забрзување на напредокот, во 2026 рекордни вложувања во науката
Јавните ресурси се ограничени. Нашата определба, како Министерство и како Влада, да насочуваме од година во година сé поголеми средства кон наука и истражувања, ја покажува решеноста да градиме општество засновано на знаење, иновации и одржлив развој, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, каде беа презентирани прелиминарните резултати од истражувањето „Иновативни научни решенија за намалување на социјалната нееднаквост и сивата економија во Македонија преку даночната регулатива“.
Истражувањето го спроведува тим од Правниот факултет, со финансиска поддршка од Министерството за образование и наука, за стимулирање на научно-истражувачки проекти.
Македонија не може да продолжи со практиката на мали инвестиции во наука. Државите во опкружувањето ги интензивираат вложувањата во научно-технолошки развој и земјата, ако сака да остане релевантна и на меѓународна научна сцена, неопходно е да направи исчекор кон системско и значајно зголемување на средствата за истражувања, создавање современа инфраструктура и поттикнување на иновацискиот капацитет.
Министерката Јаневска посочи дека следната, 2026 година ќе имаме рекордни 773 милиони денари за наука, што е континуиран раст, од 380 милиони денари во 2024 година и 680 милиони денари во 2025 година.
„Преземаме бројни активности насочени кон јакнење на научно-истражувачкиот капацитет на државата. Една од нив е можноста за вклучување на македонските научници и истражувачи во европските истражувачки мрежи, за што потпишавме договор со Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија. Со пристапот до врвни ресурси, знаење и заеднички проекти со европски партнери, нашите научници добиваат мобилност, а државата развојна перспектива“, нагласи Јаневска.
Укажа на зголемените плати на универзитетските професори за 14% и обезбедениот бесплатен пристап до научните бази Web of science и Scopus. Се подготвуваат, како што беше речено и две нови законски решенија, за високо образование и за научно-истражувачка дејност, што, заедно со реформата на Агенцијата за квалитет во високото образование и отворањето на првиот државен научно – технолошки парк, ќе овозможат значајно подобрување на условите за научни истражувања.

