Македонија
На граничниот премин Богородица се чека 20-ина минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничниот премин Богородица времето на чекање за излез од државата изнесува 20 минути. На другите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Анима мунди“: Феликс не беше само куче, беше жртва. Стана симбол, а од денес и преседан

„За првпат во Македонија, убиство на животно завршува со затворска казна. Основниот кривичен суд – Скопје го осуди Љубе Крстевски на три месеци ефективен затвор за свирепото убиство на Феликс, а неговиот соучесник, доби глоба од 1000 евра“, велат од Анима Мунди.
„Феликс почина на 7 јануари 2025 година, од последици на брутално насилство. Анима Мунди и ЈП Лајка поднесоа кривична пријава, а денес добивме прва пресуда со затвор за убиство на животно. Ја добивме сите ние, што не молчевме. Во името на Феликс. Во име на сите животни кои никогаш не добиле правда.
Драги хумани граѓани, ова не е само судска одлука. Ова е правна пресвртница. Недоволна – да. Но гласна, недвосмислена и прва. И нема да остане последна.
Оваа пресуда испраќа суштинска порака: дека животното не е предмет, дека насилството ќе носи последици. Дека владеењето на правото не е празна флоскула, туку мора да има вистинска тежина – особено кога општеството е сведок на системско молчење и отсуство на одговорност. Дека повеќе не може секој монструм да гази, убива и мачи без последици.
Судијката Лидија Петровска изјави: „Се работи за дело што предизвика висока јавна чувствителност и морална загриженост. Со изрекување на ефективна казна затвор се испраќа порака дека ваквите постапки нема да се толерираат.“ Порака која е важно да се слушне гласно. Која сакаме да ѕвони во ушите на секој што мисли дека насилството врз животно е „ништо“.
Затоа што злосторства нема да остануваат неказнети. Никогаш повеќе. Случајот со Феликс беше тест – за институциите, за моралот, за државата. Денес, системот покажа дека може да биде на страната на хуманоста, кога постои волја“, се додава во соопштението на Анима Мунди.
Македонија
Ѓорѓиевски: Сите основни училишта во општина Кисела Вода добија фотоволтаици

Со денешното ставање во функција на фотоволтаичниот систем во ООУ „Невена Георгиева Дуња“, Кисела Вода стана општина во која сите основни училишта располагаат со сопствени фотоволтаични системи.
Проектот „Инвестиција во фотоволтаици, енергетска ефикасност, заштита на човекова околина“ се реализира преку Програмата за развој на планските региони. Инвеститор е Владата на Република Македонија преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, а имплементатор е Центарот за развој на Скопскиот плански регион. Кофинансирањето за вкупно осум училишта, од кои седум се од општина Кисела Вода и едно од општина Зелениково, го обезбедува Општина Кисела Вода, велат од таму.
„Со овој проект постигнуваме значителни заштеди, но покрај финасиската ефикасност, ова е и дополнителна инвестиција во подигнување на еколошка свест. На нашите ученици им овозможуваме да растат со конкретни примери на грижа за животната средина. Наместо само да им зборуваме за екологија, им покажуваме што значи одговорност. Со проектот беше извршено проектирање и инсталација на мрежни он-грид фотоволтаични системи до 20 kW во сите основни училишта. Вкупната инсталирана моќност изнесува 140 kWh, а се очекува годишна заштеда од 160 MWh, што е намалување на потрошувачката за 70% до 80% по училиште и претставува 18% од вкупната потрошувачка на општината. Во време на економски и енергетски предизвици, вложуваме паметно, создавајќи училишта кои произведуваат зелена енергија, заштедуваат средства и образуваат генерации кои ќе бидат свесни за важноста на екологијата. Благодарност до Владата, Министерството, Бирото и Скопскиот плански регион за визијата и поддршката Сметам дека оваа стратегија треба да се прошири и во сите основни, но и во сте средни училишта на ниво на град Скопје, затоа што е пример како со мали вложувања можат да се постигнат големи и одржливи резултати, и за буџетот и за иднината на децата“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 10.096.691 денари, или 1.009.669 денари по училиште, извести Општината.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ја продлабочуваат соработката во два клучни сегмента, регионален развој и локална самоуправа

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за јавна администрација и регионален развој на Унгарија, Тибор Наврачич денеска оствари официјална посета на Будимпешта.
Целта на билатералната средба е продлабочување на соработката меѓу двете земји и воспоставување цврсти темели за пренос на искуства и знаења во областите на регионален развој и локалната самоуправа, вклучувајќи ја и размената на практики од користењето на фондовите на Европската Унија.
На средбата се разговараше за тековната состојба во ресорните области кои ги водат двете министерства, за постигнатиот напредок во изминатата година, како и за реформските процеси што се спроведуваат со цел унапредување на ефикасноста и одговорноста во работењето.
„Изминатава година суштински ја анализиравме ситуацијата на терен и потребата на општините за долгорочен развој. Започнавме со најголема поддршка за општините досега која ја обезбеди Владата во партнерство со Унгарија за финансирање на капитални инфраструктурни проекти во сите општини“, истакна министерот Перински кој додаде дека преку добро планирани политики, поддршка за локалната економија и насочени инвестиции во инфраструктурата, може да се изгради поодржлив систем.
Министерот Перински ја потенцираше важноста од пренос на знаење и успешни практики од Унгарија, особено во делот на ефективната поддршка за општините, реформирањето на институционалната структура на Министерството за локална самоуправа и дигитализацијата на локалните услуги.
Во фокусот на разговорите беа и можностите што ги нуди програмата на ЕУ – URBACT, која овозможува соработка и размена на иновативни идеи помеѓу европските градовите.
„Соработката со држави како Унгарија, која има богато искуство со европските фондови, може да даде значаен придонес во креирањето на нашите стратешки насоки за одржлив и рамномерен развој“, нагласи Перински.
Во рамки на посетата, како дел од официјалната агенда, е остварена и протоколарна посета на унгарскиот Парламент.