Македонија
На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања

АМСМ информира дека на граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Како што стои во соопштението, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова прими припаднички на Армијата кои успешно завршија обука во САД

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими капетанката Неда Волчева и поручничката Сара Тасевска кои успешно го завршија седуммесечниот курс „Maneuver Captain’s Career Course“во Џорџија, САД, организиран од американскиот тренинг центар „Fort Moore”.
На средбата на којашто присуствуваа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и американската амбасадорка Анџела Агелер, двете припаднички на Армијата ја запознаа претседателката со фазите, содржините и квалитетот на воено-образовната обука и ги споделија нивните натамошни планови, заложби и амбиции за кариерен напредок.
Препознавајќи во нив потенцијал за идни генерали, Сиљановска-Давкова им честиташе на Волчева и Тасевска за успешно завршената обука и изрази уверување дека стекнатите знаења, вештини и експертиза ќе ги применат во интерес на македонската армија.
Според неа, реализацијата на оваа програма претставува влог во македонско-американското партнерство и е посебно значајна за промоција на земјава како лојален и кредибилен сојузник во НАТО.
Признавајќи ги одличните резултати што ги постигнуваат жените, соговорниците се согласија дека нивното партиципирање во меѓународните обуки треба да биде редовна пракса.
Сиљановска-Давкова на средбата ја реафирмираше својата заложба за формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност со седиште во Скопје, заради промоција на жените во безбедноста и одбраната во регионот.
Македонија
Три реформски закони за администрацијата ја поминаа првата фаза

Собранието даде поддршка на предлог законот за вработените во јавниот сектор, предлог на законот за административни службеници и на предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, сите во прво читање и ги проследи во натамошна собраниска процедура.
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев посочи дека пакетот реформски закони за администрацијата се во согласност со Стратегијата за реформи на јавната администрација, Акцискиот план на Министерството за јавна администрација и со Роковникот за европската агенда.
„Овие закони во минатиот период долго беа во европските извештаи и се надевам дека конечно дојдовме до крајот и дека пратениците ќе ги изгласаат“ – рече Минчев.
Според него, со предлог законот за вработените во јавниот сектор се поставуават темелите за професионализација на јавниот сектор. Ќе се овозможи секој конкурс да биде јавен, а институциите ќе бидат обврзани на целосна транспарентност.
Селекцијата ќе се врши низ три јасни доверливи фази: администратина проверка, тестирање и интервју со кандидатот, врз основа на криетриуми.
„Ќе се вработува врз основа на заслуги, а не на познанства“– истакна Минчев.
Тој најави централизација и дигитализација на огласите и посочи дека секој оглас за вработување ќе биде објавен на веб страницата на Агенцијата за администрација.
„Борбата против партизацијата е еден од главните фундаменти. Со јасни ограничувања на дискрециските овластувања и со строги правила, го прекинуваме просторот за партиски и за неформални вработувања во јавниот сектор. Се воведува нова специјализирана категорија за ИТ кадарот со повисоки плати и современи услови за работа, се поедноставуваат плановите за вработување и за систематизација, за мобилност за јавните службеници и за унапредување засновано на услуги. Ќе има и увид во привремените вработувања” – наведе министерот Минчев.
Во предлог законот за административни службеници, пак, е предвидено да се воведе систем на вработувања со електронски тестови и со практични проверки,. Агенцијата за аминистрацијата како интегрален дел од Министерството за јавна администрација ќе гарантира фер и транспарентен, дигитализиран избор, односно процес кој ќе се снима.
Предвидено е и задржување на младите таленти со хибриден и далечински модел на работа, подржан со менторство.
Со законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, меѓу останатото, треба да се овозможи усовршување, што ќе направи учењето да биде задолжително и континуирано. Обучувачи ќе бидат искусни административци со финансиска награда.
Пратениците го изгласаа и Законот за инспекциски надзор, со кој се укинува Инспекцискиот совет, а се формира колегиум на директори на државни инспекторати како меѓуресорско координативно работно тело.
Министерството за јавна администрација останува целосно посветено на реализацијата на реформската агенда во согласност со европските стандарди и приоритети.
Македонија
Арсовска: Внукот на градоначалникот на Студеничани градел објект кога имал 5 години, а го легализирал на 6

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, иронично објави дека внукот на Азем Садики, градоначалникот од Студеничани, на 5 години изградил објект, а на 6 години го легализирал.
„Предупредување ВОЗНЕМИРУВАЧКА СОДРЖИНА!
Оваа нема да го видите на Сител, Алфа или на медиум каде што се штити организираната криминална банда на Висар Ганиу!
На 20.05.2025 година ВИСАР ГАНИУ и ЕЈУП АДЕМИ му овозможиле легализација на ЈАСИН САДИКИ, врз основа на барање кое го доставил до општина Чаир кога имал 6 години, за зграда која ја градел кога имал 5 години.
Јасин САДИКИ е внук на Азем САДИКИ, градоначалникот од Студеничани. Сигурно Азем е исклучително горд на достигнувањата на својот внук.Веројатно и вие би биле да имате внуци што градат на 5 години“, објави Арсовска.