Македонија
На земјата ѝ недостигаат 52 тима за итна медицинска помош за да се задоволи законскиот минимум, истражување на Центарот за граѓански комуникации
Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето за капацитетите на итната медицинска помош во земјата.
Според истражувањето, во земјата недостигаат вкупно 52 екипи за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.
„Најмногу тимови, 18, недостигаат во Скопје, а Битола има 4 повеќе од минимум потребните. Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните. Во моментот во земјата вкупно има 258 тима за итна медицинска помош и овој број, наместо да се зголемува, секоја година се намалува“, се наведува во истражувањето.
Во однос на 2015 година, кога е донесена последната уредба со која се предвидува минималниот број тимови што треба да го има секој здравствен центар, бројот на тимови за итна помош е намален за 22.
Еден тим на итна помош некаде покрива 1.000, а во други градови и до 40.000 жители дневно. Најлошо стојат Струмица и Тетово, каде што еден тим покрива дури речиси 40.000 жители дневно. Куманово и Скопје се следни со покриеност на еден тим на речиси 30.000 жители дневно. Најдобро покриени се жителите на малите центри, како Вевчани, Пехчево и Ростуше, каде што еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.
Во една смена на итната помош некаде има по 2, а на други места по 50 интервенции. Не се води евиденција колку повици за барање брза помош се добиваат, а на колку се оди, според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со осуда за пресудата за новинарката Вејсели која споменала име на судија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најостро ја осуди пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на името на судија во новинарско известување, оценувајќи дека станува збор за недозволиво ограничување на слободата на говор и напад врз новинарската професија.
„Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба етички да се однесуваат, да ја информираат јавноста и за тоа да служат, и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам, без разлика дали е од политичар, јавна личност или судија“, изјави Мицкоски.
Претходно, Обвинителството ја гонело новинарката, а судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ја осудила Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата е донесена затоа што во новинарско известување било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.
Македонија
Во текот на ноќта и утре повремени врнежи од дожд
Под влијание на циклонска активност во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд, а на планините од снег.
Како што соопшти УХМР, пообилни врнежи ќе има во југоисточните делови од земјата – над 20 литри на квадратен метар. Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, врнежите ќе преминат во снег во повисоките, како и во некои од пониските места.
Во Скопје во текот на ноќта и утре ќе има повремени врнежи од дожд. На околните планини врнежите ќе бидат од дожд и снег.

