Македонија
На Клиниката за неврохирургија првпат воведена интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија при хируршки третман на мозочни аневризми
На Универзитетска клиника за неврохирургија беше извршена комплексна микрохируршка интервенција кај 57-годишен пациент со руптурирана аневризма на мозочен крвен сад.
„Станува збор за операција која првпат во Македонија е изведена со примена на интраоперативна флуоресцентна видеоангиографија. Оваа иновација е значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство. Примената на интраоперативната флуоресцентна видеоангиографија ја зголемува безбедноста на пациентите и ја подобрува ефикасноста на хируршките интервенции“, вели министерот за здравство, Азир Алиу.
Оваа иновативна метода претставува напредна техника, која овозможува визуализација на крвниот проток во реално време за време на операцијата.
„Со примена на контрастно средство хирурзите може прецизно да ја проценат проодноста на крвните садови и да го потврдат целосното исклучување на аневризмата, што е клучно за успешен исход“, појаснува Благој Шунтов, специјалист по неврохирургија и раководител на тимот.
Инаку, хируршкиот тим се состои од: д-р Благој Шунтов, асистенти: д-р Мирко (Мишел) Мирчевски, д-р Влатко Атанасов, анестезиолошки тим: д-р Сања Ѓурчевска, д-р Радмила Панговска, медицинска сесра Ирена Стојанова, медицинска сесра Гордана Мицковска, медицинска сесра Даниела Делова, инструментарки: медицинска сесра Маја Спировска, медицинска сесра Наташа Мирчевска.
Операцијата помина без компликации, а пациентот закрепнува без тешкотии. Примената на оваа напредна техника претставува значаен напредок во третманот на неврохируршки пациенти и потврдува посветеност на ЈЗУ УК за неврохирургија во примена на најновите медицински технологии.
Оваа иновација претставува значаен чекор напред во модернизацијата на македонското здравство и потврдува посветеност на здравствените институции во примена на најновите медицински технологии.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците немаат за леб а владата мисли да купува авион за Мицкоски, велат од СДСМ
Додека работниците едвај врзуваат крај со крај, додека минималната плата не ги покрива ниту основните трошоци за живот, Владата мисли на купување авион за Мицкоски. За туристички патувања, како она во Давос велат од СДСМ.
„Очигледно затоа одбива да им ги покачи платите на работниците. Одбива да се откаже од лукзуот и вели нема пари за минимална плата од 600 евра.
За покачување на минималната плата и за поддршка на приватните компании се доволни 200 милиони евра, а за авион уште стотици милиони евра повеќе не се доволни.
Груевски со пари на граѓаните купуваше мерцедес од 600 илјади евра и очила од 60 илјади евра.
Мицкоски има часовници од 60 илјади евра вредни 150 минимални плати и сака да купува авион од стотици милиони евра, за туристички патувања“.
Ученикот, додаваат од опозициската партија, сака да го надмине учителот во луксузирање врз грбот на народот.
„И Томовски запнал за авион од стотици милиони евра, како да се надева на процент од набавката за семејната фирма?
Малку да не им се 161 тендер досега?
Сè е бизнис во ВМРО“.
Македонија
Герасимовски: Финасиска поддршка за спортски проекти во Центар, заедно градиме здрави навики
Општина Центар објави Јавен повик за финансиска поддршка на проекти и програмски активности од областа на спортот.
Градоначалникот Горан Герасимовски ги повикува сите заинтересирани да аплицираат за поддршка на спортските активности и афирмација на младите спортисти.
„Спортот е основа за здрав живот на сите генерации, но најмногу за правилен развој на нашата младина. Фокусот го ставаме токму на тоа, на поддршка и градење на тимскиот дух кај младите и нивното физичко и ментално здравје“, рече Герасимовски.
Проектите што ќе конкурираат, според соопштеното, треба да содржат најмалку три од следниве услови: да имаат стручни кадри, добро формулирани цели и очекувани ефекти, план за вклученост на заедницата и активности за стимулирање и афирмација на младите потенцијални спортисти-поединци во општината.
Право на учество имаат спортисти-поединци, спортски клубови, здруженија и институции со седиште во Општина Центар кои исполнуваат законски и административни критериуми.
Рокот за поднесување на пријавите е десет дена од објавувањето на повикот. Пријавите може да се достават преку пошта или лично во Архивата на Општина Центар
Македонија
Мајчинството не смее да биде причина за отказ, власта да го поддржи предлог-законот, велат од Левицата
На утрешната собраниска седница, на дневен ред е предлог-законот на Левица, преку кој се воведува заштита од отказ на бремените работнички, што во минатото претставуваше најбрутален удар врз идните мајки, информираат од оваа партија.
„Во Македонија, и покрај тоа што формално постои забрана за отказ поради бременост, реалноста покажува дека бремените жени – особено оние вработени на определено време – се меѓу најнезаштитените работнички. Работодавците масовно ја користат законската дупка со тоа што едноставно не го продолжуваат договорот на определено време, оставајќи ги жените без работа токму во момент кога им е најпотребна сигурност.
Со цел да се надмине оваа неправда, пратеничката група на Левица поднесе предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за работните односи, кој директно ја таргетира оваа системска неправда.
Постојниот Закон за работните односи, во член 101, забранува отказ за време на бременост, раѓање и родителство, но во ставот 3 јасно дозволува престанок на работниот однос ако договорот е склучен на определено време и истекол рокот. Токму оваа одредба во пракса значи дека илјадници жени остануваат без работа, без приходи и без социјална и здравствена заштита – иако формално „нема отказ“.
Со предложените измени, додаваат од партијата, се воведува автоматска трансформација на договорот на определено во неопределено време во случај на бременост.
„Ова значи дека бременоста повеќе нема да биде причина жената да остане без работа по истекот на договорот. Дополнително, се предвидува јасна забрана за престанок на работниот однос на работничка на определено време доколку таа достави потврда за бременост од овластен лекар или надлежен орган.
Предлог-законот предвидува санкции за работодавачите кои нема да го почитуваат законот и нема да го трансформираат работниот однос од определено во неопределено време. Иако и досега постоеа казни (член 265), во пракса тие ретко се применуваа, што дополнително ги охрабруваше злоупотребите.
Овој предлог-закон на Левица претставува обид конечно да се стави крај на практиката мајчинството да се казнува со отказ. Во држава со ниска стапка на наталитет, економска несигурност и масовна миграција, заштитата на бремените жени не смее да биде декларативна, туку реална и применлива. Бремените жени не бараат привилегии. Тие бараат сигурност, достоинство и право на работа. Овој предлог-закон е чекор кон исправување на долгогодишна неправда и јасна порака дека бременоста не смее да биде причина за дискриминација, туку основ за засилена заштита“.

