Македонија
На Криволак почнува најголемата воена вежба во историјата на државата
Од 5 јуни до 9 јули Северна Македонија ќе биде домаќин на досега најголемата вежба што се организира во нашата држава, „Одлучен удар“. На вежбата ќе учествуваат над 2.700 припадници од Армијата на Република Северна Македонија и од вооружените сили на САД, Црна Гора, Албанија, Бугарија и на Литванија, соопшти Министерството за одбрана.
Армијата на Северна Македонија учествува со речиси 1.300 припадници, исто толку се од САД, војската на Црна Гора испраќа 75 припадници, по 25 припадници од Албанија и Бугарија, како и 10 од Литванија.
Во изјавата по денешниот брифинг за вежбата на полигонот „Криволак“, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, истакна дека организацијата на оваа досега најголема вежба на територијата на нашата држава ги покажува нашите капацитети, но е и доказ за довербата што НАТО-партнерите ја имаат во Северна Македонија.
„Фактот дека во нашата национална вежба, која самите ја организираме и водиме и на која ќе учествуваат шест земји, од кои сите други се веќе членки на алијансата, со над 2.700 припадници на овие шест армии, покажува дека можеме, покажува дека знаеме и дека сме создале доверба“, рече министерката Шекеринска.
Таа рече дека вежбата ќе подразбира голема интероперабилност и соработка на 6 до вчера партнерски, а одбранбениот аташе на САД во нашата држава, полковникот Тимоти Бјукен, посочи дека САД и Северна Македонија се стратешки партнери, дека одбранбената соработка е силна и ќе станува уште посилна. Полковникот Бјукен истакна дека САД силно ги поддржува Северна Македонија и нејзиното членство во НАТО, дека процесот на ратификација на пристапниот протокол е почнат во американскиот Сенат и дека се очекува тој да заврши до оваа есен.
Тој објасни дека повеќето од војниците од САД, кои ќе учествуваат во вежбата „Одлучен удар“, се од два баталјона од 56. бригада на Страјкери, од Националната гарда на Пенсилванија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Пукна меурот од конструкции на СДС, документи и докази ги рушат мигрантските лаги на СДС, Филипче е разоткриен
„Хистеријата на СДС и Филипче за лажните вести што ги создаваат и пласираат се распукнаа како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Лицемерието на СДС и Филипче излезе на виделина пред очите на целокупната јавност.
За разлика од глумата на Филипче во улогата на патриот, менувањето ставови и ширењето лаги за непостоечки теми од страна на СДС, ВМРО-ДПМНЕ има јасна државотворна позиција против политиките што ја загрозуваат безбедноста и интересите на граѓаните на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ и тогаш, и сега води антиемигрантска политика.
Фактите се јасни и документирани, СДС на чело со Заев и Филипче отворено нудеа Македонија да стане паркинг на мигрантски кампови. Вистина е дека постоеја планови, постојат изјави и постоела волја кај СДС, Заев и Филипче да се вдомат мигранти.
Филипче и Заев биле спремни за населување на мигрантите во Скопје, во 2018 година усвоиле План за изградба на мигрантски камп во Бардовци.
Филипче туркал камп во Бардовци и гласал да се доселат мигранти во Македонија, а за сето тоа има и доказ во Службениот весник од 2018 година, каде што е објавена одлуката на владата за изградба на мигрантски камп, со Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.
Филипче растура пердуви со лажни теми и игра криенка по партиските штабови додека бега од новинари и новинарски прашања.
Додека Филипче бега, вистината ги стигна и излезе на виделина. Наместо спинови и паника СДС нека одговори колку мигранти беа спремни да примат во 2018 година?
Кој ги договараше камповите?
Зошто тогаш Филипче молчеше во знак на одобрение а денес глуми патриот и принципиелност?
Време е СДС и Филипче да се посветат на мигрантите од сопствените редови кои им бегаат во други партии и да си ја реформираат партијата. На Македонија и е потребна зрела и конструктивна опозиција“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ: ДПМНЕ не ја потпишува Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти
„ДПМНЕ не ја прифати подадената рака на СДСМ за заедничко потпишување на Резолуцијата и со една одлука на Собранието граѓаните да бидат сигурни дека мигранти во Македонија нема да има“, велат од СДСМ.
„По толку јавни повици за заедничка акција, секој ден, добивме молк. На сите им е јасно дека ова е свесна политичка одлука на ДПМНЕ и дел од нивната стратегија.
Доколку немаше задкулисни договори и преземени обврски за кои јавноста дозна од британските медиуми, Резолуцијата одамна ќе беше потпишана.
Сега веќе можеме јавно да констатираме: ДПМНЕ одбива да ја потпише Резолуцијата затоа што има скриена агенда за мигранти.
Ние повеќе нема да ги повикуваме. Одбивањето кажува сè за нивното предавство за пари – мигранти во Македонија ќе има.
Народот ова нема да го дозволи. Борбата за одбрана на Македонија продолжува“, пишува во соопштението на СДСМ.

