Македонија
На Миле Јовановски му се слоши, прекинато судењето за Меѓународниот сојуз
Откако двапати по ред му се слоши на Миле Јовановски, татко на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, судењето за случајот „Меѓународен сојуз“ е прекинато. Судијката Софче Гаврилова-Ефремова следното рочиште го закажа за четврток кога ќе продолжи давањето на воведните зборови од страна на обвинетите.
Во судот беше повикана и брзата помош кога првиот пат Миле Јовановски се пожали дека му е лошо. Докторите кои го прегледале му дале „дијазепам“ и терапија за следните денови по што судењето продолжи со воведните зборови на неговиот син, Бојан Јовановски.
По кратко време, Јовановски повторно се пожали на влошено здравје по што рочиштето е одложено. На почетокот на судењето, тој заедно со другите четворица обвинети се произнесе дека е невин и дека не ги сторил делата измама и перење пари за кои е обвинет од обвинителката Вилма Русковска.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција е децидно дека ќе ги докаже делата за кои ги товари обвинетите. Русковска по судењето рече дека обезбедиле голем број докази од вештачењето на телефонот на Бојан Јовановски, според кои, парите завршиле во куќата на неговите родители.
Според обвинението, Бојан Јовановски како претседател на Меѓународниот сојуз имал намера за себе да прибави имотна корист, па користеjќи документи од Сојузот, оштетил управители на друштва, со што ги довел во заблуда. Јовановски лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од државата, па оштетените преку Македонската авторска агенција му исплатиле 719.905 евра, односно 233.821 евро во денарска противвредност.
Во измамата на Бојан Јовановски, според Обвинителството, му помагале пратеничката Фросина Ременски, неговата заменичка – Јасна Мандиќ и асистентката. Мандиќ и асистентката ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на Јовановски. Иако знаејќи од каде потекнуваат парите, односно дека се земени со сторено кривично дело, тие со умисла му помагале и да ги пушти во промет.
Обвинителството го сомничи Миле Јовановски дека тој знаел од каде потекнуваат парите и со умисла му помогнал на својот син Бојан Јовановски да ги пушти во оптек, со што ги уплаќал парите на своја девизна сметка, а дел од нив им го уплаќал на правните лица како заем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сите што ќе одат на средба со Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ
Сите што ќе одат на лидерската средба со Христијан Мицкоски го легитимираат криминалот и корупцијата, велат од СДСМ.
„Сите што денеска ќе одат на средба со Мицкоски за укинување на техничката стануваат соучесници во: легитимирање на криминалот и корупцијата на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ, анти ЕУ кампањата на власта за изолација на земјата, планот за предвремени избори што ги имаат веќе договорено без основни услови да бидат фер и демократски и реализација на планот „мигранти за пари“ после тоа“, смета СДСМ.
Сите чекори кои власта досега ги презема, додаваат од партијата, веќе ги најавивме: изолација, избори, мигранти за пари.
„Секој што ќе отиде на средбата со Мицкоски не може да каже после тоа дека не бил соучесник. СДСМ останува со граѓаните, на вистинската страна. СДСМ останува на страната на Македонија, на страната за интеграција, на фронтот за правда и против корупцијата и криминалот“, велат од опозициската партија.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на патот Скопје – Штип
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип е нормализиран, информира АМСМ.
Сообраќајот на патниот правец Скопје – Штип утрово беше во целосен прекин, поради опожарено тешко моторно возило, четири километри пред патарината „Преод“.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по претежно суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без струја делови од Центар и Аеродром
Без струја денеска ќе останат дел од корисниците од општините Центар и Аеродром.
„Од ЕВН Македонија АД добивме известување дека на ден 14.01.2026 година ( среда ) без електрична енергија ќе останат: – во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од ул. Наум Наумовски Борче бр. 65 и околните стамбени објекти околу него. (општина Центар). Во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од дел од ул.Ѓорѓи Андеевиќ Кун во близина на училиштето Димитар Македонски (општина Аеродром)“, информира РЦУК – Скопје.

