Македонија
На Табановце се чека околу 30 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за излез од државата е околу 30 минути, додека на останатите граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ѓорѓиевски: Ќе го завршиме булеварот Борис Трајковски до Драчево

Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, се обрати од денешниот народен митинг одржан во Кисела Вода во рамки на изборната кампања со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, за претстојните локални избори закажани на 19 октомври годинава. Ѓорѓиевски ја претстави својата визија за зелено и модерно Скопје, а наброи и клучни инфраструктурни проекти, решенија за еколошките проблеми со кои градот се соочува, подобрување на јавните претпријатија. Според него, успехот на Кисела Вода е модел што треба да се пренесе.
,,Кисела Вода конечно е добриот пример во Скопје. Доказ дека кога се работи чесно, посветено и од срце, резултатите се тука, видливи за сите! И токму тој доказ, таа наша заедничка победа, е причината зошто стојам денес пред вас. Затоа што моделот на работа, енергија и чесност од Кисела Вода, мора да го пренесеме во цело наше Скопје. Она што го направивме овде, во нашето маало, можеме и мораме да го направиме за целиот наш град. Скопје заслужува да биде водено со љубов, со план и со визија“, вели Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека ќе го заврши проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, ќе го реши проблемот со Усјанскиот канал, ќе изгради нова катна гаража на Есенинова, ќе ја создаде најголемата Градска шума во Расадник, општина Кисела Вода.
,,Конечно ќе го завршиме проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“ сè до Драчево. Ставаме крај на гужвите и тесните грла еднаш засекогаш. Ќе го решиме и деценискиот проблем со Усјанскиот канал, со негова целосна реконструкција и покривање! Нема повеќе ризици по здравјето на нашите граѓани и поплавени домови како што беше тоа во минатото“, рече Ѓорѓиевски и додаде:
,,Ќе ги поврземе населбите и ќе го олесниме движењето со пробивање на улицата „Есенинова“. Ќе изградиме нова модерна катна гаража на Есенинова за да го решиме проблемот со паркирањето таму. И најважно, нашиот завет кон вас: во Расадник, ќе ја изградиме најголемата Градска шума, мега парк во урбаниот дел на Скопје. Ќе создадеме нови бели дробови за целиот град, токму овде, во срцето на наша. Кисела Вода“.
Ѓорѓиевски додека дека визијата е за поврзано, зелено и модерно Скопје, без сообраќајни проблеми, чист воздух, реформирани јавни претпријатија и обновени културни објекти, со цел Скопје повторно да заживее.
,,Ова, пријатели, е нашата визија. Визија за поврзано, зелено и модерно Скопје. Град со функционален сообраќај, каде ќе ги завршиме сите заглавени проекти како клучката Момин Поток и ќе изградиме нови артерии како булеварите „Хрватска“, „Цветан Димов“ и подземната сообраќајница кај „Лимак“. Град со чист воздух, каде ќе воведеме целосен план за чист воздух, а депонијата Дрисла ќе ја претвориме од еколошка бомба во современ европски центар за третман на отпадот. Град со ред и поредок, каде јавните претпријатија ќе бидат реформирани за да му служат на народот, а не на партиските интереси. Ќе воведеме комунален ред за да го вратиме сјајот на сите наши улици. Град кој се грижи за својата култура, каде конечно ќе ја вратиме во живот Универзалната сала и киното Милениум“, заклучи Ѓорѓиевски.
Македонија
Лабудовиќ: Во Центар формираме големо семејство, заедно ќе го вратиме животот во нашето Скопје

Петнаесет месеци, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ ја водат државата и покажавме дека може поинаку. Кога ја формиравме владата, формиравме семејство. Семејство што го темелиме и негуваме со вистински вредности. Семејство што расте со доверба, со посветеност и со верба дека Македонија заслужува повеќе, им се обрати вечерва на присутните пред Куќата на Мајка Тереза, кандидатот за градоначалник за Центар, Мирослав Лабудовиќ, на митингот што го органзираше коалицскиот партнер ВМРО-ДПМНЕ, а на кој беа претставени кандидатите за советници од оваа партија.
Вечерва, рече Лабудовиќ овде во Центар, формираме уште едно големо семејство. Едно големо срце, едно заедништво, едно чувство дека заедно можеме да го вратиме животот, топлината и гордоста на нашите улици, на нашите маала, на нашето Скопје. Покажавме дека кога има љубов кон народот и чесна намера, може да се работи со срце.
Тој упати посебен поздрав до премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на Движењето ЗНАМ – Максим Димитриевски, како што рече, личности кои ја вратиле довербата и надежта кај народот и се негова лична инспирација, за чесност, храброст и доследност.
Лабудовиќ упати поздрави и до, како што го нарече, идниот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски.
Зборувајќи за општината во изминатиот период тој упати серија критики кон актуелниот градоначалник Горан Герасимовски.
„Ветуваше ред, а донесе хаос. Ветуваше нови вредности, а работеше по старите шеми.
Во четири години издаде речиси триста дозволи за градба, а не направи ниту еден нов парк. Триста згради никнаа, ниту едно дрво не засади. Триста нови проблеми создаде, ниту еден не реши. Дебар Маало, Буњаковец, Капиштец – некогаш маала со душа и песна, денес загушени во прашина, бетон и апатија. Го изгубивме воздухот, го изгубивме зеленилото, го изгубивме човекот. Центар го претворија во паркинг за интереси и во полигон за блиски фирми“, потенцираше кандидатот за градоначанилник на Движењето ЗНАМ за Центар.
Лабудовиќ ја најави својата визија за тоа што ќе работи во идните четири годни, откако ќе застане на чело на општината.
„ Мојата визија е едноставна – Центар што дише. Центар каде мајките шетаат спокојно со своите деца, каде старите луѓе седат на клупа и зборуваат дека конечно некој направил нешто за нив, не за себе. Центар каде што културата ќе се врати на улиците, каде што училиштата ќе светат, каде младите ќе имаат причина да останат, не да си заминуваат.
Центар со катни гаражи, со smart паркинг систем, со чисти тротоари и осветлени улици. Центар што ќе го почитува секој граѓанин, не само партискиот пријател.
Знам дека го можеме тоа.
Знам дека со љубов, работа и искреност, Центар повторно ќе стане срце на Скопје – гордо, живо и достоинствено срце. Но за тоа ми треба вашата сила.
Вашиот глас, вашата верба, вашата енергија. Да покажеме дека Центар не е на оние што го узурпираа, туку на оние што го сакаат. Да покажеме дека Центар има свои луѓе, дека Центар знае да каже – доста беше“, порача Лабудовиќ од митингот.
Македонија
Сиљановска-Давкова на средба со судии на Уставниот суд на Косово и судии на македонскиот Уставен суд: разменети експертски мислења

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги прими претседателот на Уставниот суд на Република Косово, Неџми Реџепи и уставните судии Јетон Битиќи, Енвер Пеци, Ремзије Истрефи-Пеци, Бајрам Љатифи, Сафет Хоџа и Ветон Дуља, кои се во посета на македонскиот Уставен суд, придружувани од нивните македонски домаќини, претседателот на македонскиот Уставен суд, Дарко Костадиновски и судијката Ана Павлова- Данева.
На средбата, уставните судии ја запознаа со континуираната и плодна соработка на косовскиот и македонскиот уставен суд, денеска крунисана со потпишување на Меморандум за разбирање.
Посетата помина во размена на експертски мислења за современата улога на уставните судови во развојот на косовската и македонската демократија, за компаративното искуство, за научените лекции, како и за уставно-судските предизвици со коишто се соочени двата суда.
Судиите од Косово ја запознаа претседателката со работењето на судот во изминативе 16 години, потенцирајќи ја неговата клучна улога во заштитата на уставноста и законитоста, човековите слободи и права, поделбата на власта, фер и демократските избори. Според нив, врзаноста на Уставниот суд на Косово за директната примена на Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права, му дава европски карактер, заради отвореноста и заснованоста врз општопознатите меѓународни стандарди и можноста за широка интерпретација на правото. Тие посебно се осврнаа на судската пракса насочена кон гарантирање на родовата еднаквост, во духот на Истанбулската конвенција.
Претседателот Дарко Костадиновски ги презентираше досегашните чекори во соработката, оценувајќи ја како исклучително важна, а судијката, Ана Павлова- Данева изрази став дека релативно кусото косовско уставно-судско искуство, за разлика од долгото македонско искуство, чиј почеток е во 1963 година, не е хендикеп, туку е предност, заради заснованоста на најдобрите уставно-правни практики.
Сиљановска-Давкова, високо ја оцени работата на косовскиот Уставен суд, којшто иако е најмлад во регионот, одигра важна улога во заштитата на Уставот, законите и човековите слободи и права. Таа изрази посебен интерес за уставната пракса поврзана со широката надлежност на судот, во која е вклучена и обврската на претседателот на собранието да го достави амандманот до Уставниот суд , пред да биде усвоен во собранието; оценката на изборите и референдумите, како и на одлуките за вонредна состојба и уредбите со законска сила. Исто така, за неа е позитивно решението со кое во кругот на овластени иницијатори на уставно-судска постапка се вклучени граѓаните, со нивното право да покренат уставна тужба. И уставно загарантираната контрола на одлуките за воведување на вонредна состојба и уредбите со законска сила, е голем демократски чекор, што, за жал, не се случи кај нас по завршувањето на Ковид кризата.
Укажувајќи дека уставната правда е темел на правниот поредок, таа ја истакна потребата од продлабочување на комуникацијата меѓу двата суда, но и нужноста од регионалната уставно- судска соработка, заради унапредување на уставно-судската пракса, подобрувањето на ефикасноста на уставната контрола, како и градење институционална независност преку отпорност на политички влијанија.
На средбата беа разменети мислења и за политиката на проширување на Европската Унија, за македонскиот евроинтеграциски пат низ призма на конститутивните документи на ЕУ, како и за последиците од билатерализација на евроинтеграциите во регионален контекст.