Македонија
На Царината запленети влажни шамивчиња за потенција, чанти, часовници
Спречен е нелегален влез на мигранти од Блискиот Исток и Северна Африка, спречени и повеќе обиди за криумчарење шамивчиња за потенција, чанти и паметни часовници, информираат од Царинската управа.
Мобилен царински тим во соработка со полициски службеници од МЕКМ – ОГРМ запленија 13 кутии со по 50 ќесички влажни шамивчиња за потенција и четири женски чанти со потпис на „Гучи“. Непријавените производи се пронајдени при контрола на автобус кој сообраќал на линијата Турција – Косово.
Службата за мобилни скенери спречи обиди и за нелегален влез на седум мигранти со потекло од земји од Блискиот Исток и Северна Африка. Мигрантите се откриени при детална контрола на двe товарни возила со полски регистарски таблички, при влез во државата преку граничниот премин Богородица, каде биле сокриени во товарниот простор наменет за палети.
Во првиот камион се пронајдени четири лица, двајца државјани на Сирија, еден државјанин на Египет и еден државјанин на Ирак. Во вториот, биле пронајдени три лица, државјани на Алжир и Палестина. Во двата случаи мигрантите биле предадени на надлежните полициски службеници од граничниот премин за понатамошна постапка.
Мобилен царински тим во царинската испостава Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на стока пријавена за увозно царинење од испраќач од Дубаи наменета за македонска фирма откри 20 паметни рачни часовници Apple watch ultra и 11 кабелчиња за полначи во вкупна вредност од 680 илјади денари, кои не биле опфатени со царинските документи.
Царински службеници на граничен премин Јажинце во два случаи спречија обиди за шверц, при што запленети се дрон MAVIC 2 со три батерии и осум резервни перки со проценета вредност од 72 илјади денари, како и 406 разни текстилни производи.
· При преглед на автобус на влез во државата на граничен премин Деве Баир во два куфери во сопственост на еден од патниците се пронајдени над 75 парчиња брендирана облека којашто не ја пријавил.
· Царински службеници на граничен премин Богородица запленија 8 штеки цигари откако истите ги открија при контрола на товарно моторно возило на влез во државата. Контролата е извршена по пријава од 197, при што во приколката во предниот десен дел на багажот затрупани со стока со која бил товарен се пронајдени непријавените штеки цигари спакувани во ќеса која била излепенa со селотејп.
· Во друг случај исто по пријава на 197 на граничен премин Богородица, повикана е Службата за мобилни скенери којашто изврши скенирање на возилото при што во кабината се пронајдени шест штеки цигари што возачот не ги пријавил.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

