Македонија
На Јаневска ѝ е рано да размислува за ресорот здравство: Имам толку многу да доработам во Образование во овој мандат, премиерот ќе одлучи

Премиерот и преговарачкиот тим во коалицијата ќе одлучат кој ќе биде нов министер за здравство на местото на Арбен Таравари, кој излезе од Владата, рече денес министерката за образование, Весна Јаневска. Дека се спомнува нејзиното име во пресметките за распределба на ресорите во владината коалиција, рече дека дознала од медиумите по изјавата на Билал Касами, кој вчера рече дека „Вреди“ ќе го добие ресорот образование, а ВМРО-ДПМНЕ здравство.
„Прочитав во медиумите, но во овој момент јас како министерка за образование и наука имам толку многу работа да доработам за цел мандат, нели, што навистина не мислам, ниту сум вклучена во тие преговори. Има одговорно лице, кое ќе каже како треба да биде“, вели министерката Јаневска, која денес присуствуваше на панел-дискусијата на тема „Образование на иднината: градење лидери, мислители и иноватори“ на 14. самит на Македонија 2025.
На прашањето дали ќе прифати доколку ѝ ја предложат функцијата во Здравство, не даде конкретен одговор.
„Сосема е рано да се размислува за такво нешто. Кажав кои се одговорни, кога ќе дојде тој момент, тогаш ќе разговараме“, рече министерката Јаневска.
Највисокото раководство на Алијансата за Албанците, чиј лидер е Арбен Таравари, синоќа и официјално одлучи партијата да оди во опозиција.
Освен Таравари, од Алијансата за Албанците во овој владин состав е и заменик-претседателот на Владата задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Зголемен интензитет на сообраќај поради летните одмори

На 27.08.2025 од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од министерство за внатрешни работи. Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, поради летните одмори се бележи зголемена фрекфенција на возила, на граничните преминиод македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
На ГП Меџитлија откриени над 300 шишиња со хемиски препарати за прскање: спречен обид за криумчарење

Царинските службеници на граничниот премин Меџитлија спречија обид за криумчарење на поголема количина препарати за заштита на растенија.
Во раните утрински часови, на 26.08.2025 година, при вршење на редовна царинска контрола на патничко моторно возило Mercedes со македонски регистарски таблички, со кое патувало семејство што изјавило дека се враќа од одмор во Турција и преку Грција пристигнало на влез во нашата земја, од страна на царинските службеници биле откриени 322 шишиња хемиски препарати за прскање, од кои 300 шишиња инсектицид CORAGEN 20 SC и 22 шишиња фунгицид Bellis BASF со вкупна вредност од 16.058,00 евра.
Препаратите биле сокриени на повеќе места во возилото – во багажниот простор зад куферите со лични работи, во просторот за резервна гума и на задните седишта. Возачот не поседувал соодветна дозвола за увоз, иако станува збор за стока што подлежи на посебен режим на дозволи со што безбедноста на производите не е гарантирана .
Стоката е задржана, возилото со кое била транспортирана е одземено, а против лицето ќе биде поведена кривична постапка. Случајот е предаден на Одделението за истраги при Сектор за контрола и истраги за понатамошно постапување.
Македонија
Претежно сончево и топло со температури до 36 степени

Времето денеска, претежно сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14, а максималната ќе достигне од 27 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 36 степени.
Во следните два дена ќе се задржи претежно сончево и топло време со постепен пораст на дневните температури. Во сабота попладне, во текот на ноќта и во недела претпладне ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен, наместа засилен југозападен, а во недела северен ветер, кој ќе услови опаѓање на дневните температури. Потоа следува период на стабилно и потопло време.