Македонија
НБРМ: Арнаудовска не врши ревизија во банката каде директор е нејзиниот сопруг
Народната банка, во одговор на прашањето на „Макфакс“ дали има судир на интереси помеѓу директорката на секторот за супервизија Милица Арнаудовска-Стојановска и нејзиниот сопруг, Тони Стојановски кој е генерален директор за управување со ризици во Стопанска банка АД Битола, соопшти дека нема конфликт на интереси во конкретниот случај. Од НБРМ велат дека Арнаудовска, не врши ревизија во банката каде што е вработен нејзиниот сопруг.
„Укажуваме дека, генералниот директор на Секторот за супервизија, банкарска регулатива и финансиска стабилност, Милица Арнаудова-Стојановска, којашто на оваа позиција е веќе девет години, во извршувањето на своите задачи и должности, целосно ја почитува споменатата законска обврска и има постапено согласно посочениот член од Етичкиот кодекс. Согласно тоа, таа не учествува во супервизорските активности поврзани со таа деловна банка, ниту пак на било каков начин може да влијае на одлуките кои согласно со Законот за Народната банка ги носи гувернерот“,информираат од НРБМ.
Од банката уверуваат дека се следат сите случаи и преземаат мерки доколку има конфликт на интереси кај вработените во извршувањето не само на супервизорските, туку и на другите задачи во рамките на Народната банка. Доколку постои судир на интереси , вработениот треба да се повлече од работната позиција, додаваат од банката.
„Оваа обврска е регулирана со чл. 70 од Законот за Народната банка. Истовремено и согласно чл. 11 од Етичкиот кодекс на Народната банка, работниците во нашата институција имаат обврска да ги стават интересите на Народната банка пред својот личен интерес и да избегнуваат ситуации кои создаваат судир на интереси. Со истиот член од Кодексот е регулирано дека кога работникот ќе дознае за околности што укажуваат на постоење судир на интереси, должен е да даде изјава и да побара да биде изземен и да запре со своето постапување“, велат од банката.
Прашањето за случајот со директорката на супервизија следи , откако пред неколку години во антикурипциската комисија имаше точка на дневен ред токму за судирот на интереси помеѓу функцијата на Арнаудовска-Стојановска и работната позиција на нејзиниот брачен другар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

