Македонија
Негативeн, дрзок и безобразен, конфликтен, слаб практичар… Како се избираат јавни обвинители?
Советот на јавните обвинители на новата веб-страница како чекор кон транспарентно работење и подобрување на ниската доверба кај грaѓаните ги постави записниците од седниците кои се одржале во 2017 и 2018 година. Во дел од нив може да се забележи дека членовите на Советот разговарале за карактерните особини на кандидатите, а многу малку за професионалните квалификации на кандидатите за обвинители и постигнатите резултати. Се дискутирало за јавниот настап на кандидатите на телевизиите, учеството на семинари и личниот впечаток на членовите.
Така на пример, на седницата од 1 ноември 2017 година, 8 члена на Советот, дискутирале за избор на државниот јавен обвинител. Она што е воочливо од записникот објавен на веб-страницата на Советот се дискусиите за кандидатите. За кандидатите Лорија Ваневска и Симон Кузманов никој од членовите не зел збор, но сите едногласно, без обраложение дале негативно мислење за овие кандидати.

Кога на ред дошла кандидатурата на адвокатот Звонко Давидовиќ, членката на Советот, Фиданка Рајевска рекла дека Давидовиќ многу се рекламирал во јавните настапи. Во записникот од 1.11.2017 пишува: „Г-ѓа Фиданка Рајевска истакна дека во изминатите неколку месеци лицето се рекламирало себеси во голема мера на јавни настапи, со што смета дека повеќе си направило штета отколку што му било во полза. Претседателот на Советот г. Коле Штерјев истакна дека кандидатот има познавање во кривичната материја и дека по природа не е таков каков што е на телевизискитe настапи“.
На истата седница, ВД јавната обвинителка Лилјана Спасоска, кажала дека адвокатот Еленко Миланов е изграден правник, но констатирала оти адвокати не треба да бидат јавни обвинители „од причина што немале заедничко со јавнообвинителската работа“.

За судијата Лазар Нанев, Фиданка Рајевска истакнала дека кандидатот го познава од семинари, ги разбирал работите теоретски, но оценила дека во праксата бил „осреден“. Лилјана Спасоска кажала дека кандидатот е повеќе тавтолог отколку практичар. Штерјев констатирал дека Нанев е неелоквентен и дека како судија не би се снашол на функцијата за која конкурира.
За обвинителката Лидија Раичевиќ, која конкурирала на огласот за државен јавен обвинител, Деса Пауновска истакнала дека кандидатката како оратор е одлична, но како практичар не ги исполнувала условите. „Воедно истакна дека има лошо однесување и е без почит кон колегите“, пишува во записникот. „Фиданка Рајевска истакна дека кандидатката е елоквентна, но без содржина, слаб практичар. Лилјана Спасоска се сложила со колешките и посочила неколку примери како Раичевиќ постапувала по кривични предмети. Коле Штерјев истакна дека „јавни обвинители кои требало да ја оценат нејзината работа бегале само да не ја оценат“.

За адвокатот Александар Тортевски, Фиданка Рајевска истакнала дека е добар правник, но дека „не е тип што би градел меѓучовечки односи“. Во записникот пишува: „Претседателот на Советот г-дин Коле Штерјев се сложи со колешката Фиданка Рајевска во врска со кандидатот дека како правник е елоквентен и дека тука нема никакви дилеми. Но истакна дека во судница бил дрзок и безобразен, посочувајќи неколку негови однесувања по кривични предмети. Петар Аневски истакна дека кандидатот е конфликтна личност, а ако најде простор навредува, додека како кривичар истакна дека е солиден и дека има познавање од кривично-правната материја“.
Оваа институција за време на претходната власт беше критикувана дека ја опструира работата на специјалното јавно обвинителство, а годинава предизвика реакции во јавноста кога претседателот, Коле Штерјев, гласал воздржано на седницата за избор на неговата внука за обвинителка во Обвинителството за органзииран криминал и корупција, и кога членката на Советот, Фиданка Рајевска, гласала воздржано при реизборот на обвинителка која го гонеше нејзиниот сопруг за перење пари. Штерјев оттогаш не одоговара на телефонските повици на „Макфакс“.
Американскиот амбасадор Џес Бејли, јавно посочи дека со таквите одлуки за избор на обвинители, македонската јавност загубила неколку грама доверба во правосудството. За овој случај поранешната членка на атикорупциската комисија констатира судир на интереси, но извештајот не може да се изгласа поради неколкумесечната блокада на ДКСК.
СЈОРМ со помош од ОБСЕ изготви и предлог-комуникациска стратегија за периодот 2018 – 2021 година за да ја зголеми довербата во јавноста. Проценката на моменталната слика во јавноста за Советот на јавни обвинители била спроведена преку состаноци со членови на Советот и ОБСЕ, медиумите, правната и судската професија, граѓанското општество и општата јавност. Биле анализирани избор исечоци од весници, достапните податоци од јавното мислење и законодавството.
Ова тело кое ги избира и разрешува јавните обвинители, треба да ја осигура самостојноста на нивната функција и да оневозможи какво било влијание во јавното обвинителство.
СЈОРМ на седницата од 20 декември лани објави оглас за избор на јавни обвинители во Прилеп, Крива Паланка и Берово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: „Извозот на мозоци“ остава длабоки лузни, најдобрите си заминуваат поради недостиг на правдата при вработувањето и напредувањето
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска -Давкова денеска присуствуваше на презентацијата на проектот „Партнерства за вештини за одржливи и праведни модели на миграција“ (Skills4Justice), спроведен во рамките на програмата на ЕУ за истражување и иновации Хоризонт Европа (HORIZON Europe). Настанот се одржа на Економскиот факултет при УКИМ, како национален координатор на истиот.
Во своето воведно излагање, таа истакна дека одливот на младите високообразовани и компетитивни македонски кадри е една од најголемите закани за македонскиот општествен развој, со сериозни демографски, економски, политички, научни и културни последици.
Според неа, со сè помалубројна и послаба епистемолошка заедница (професори, истражувачи, новинари-аналитичари, културни дејци), тешко е да се креираат добри политики во различни области.
Најдобрите си заминуваат во потрага по подобар живот, но и заради недостиг на меритократија (потценето знаење, талент, вештина и креативност), како и отсуството на владеење на правото и правдата при вработувањето и напредувањето, смета таа.
За неа, напливот на високообразовни институции со сомнителен квалитет, како и партизацијата и непотизмот, продуцираат некритична и послушна ,,интелигенција”.
Таа истакна дека борбата со егзодусот на најдобрите треба да почне со реформи во основното и средно образование, преиспитување на високообразовната мрежа и заострени критериуми при избор и кариера.
На крајот, претседателката укажа на потребата од воведување дуално образование во сите степени, преиспитување на преоптоварената високообразовна мрежа, организирање заеднички студии и проекти со други универзитети, ангажирање на македонските умови од дијаспората со помош на вештачката интелигенција и дигитализација.
Македонија
СДСМ: Македонија сака во ЕУ а ВМРО изолација
Македонските граѓани во големо мнозинство, над 70% сакаат членство во ЕУ. Додека Мицкоски и ВМРО намерно ја туркаат земјата кон изолација, далеку од ЕУ, истакнуваат од СДСМ.
„Известувачот за Македонија, Томас Вајс денеска изјави дека мора да се исполнат реформи и условот со уставни измени за да продолжи европскиот пат на земјата, при презентирањето на нацрт-извештајот за 2025 година.
Евроамбасадороот Михалис Рокас вчера беше дециден дека нема членство во ЕУ без право на глас и без право на вето.
Со ова, приказните на Мицкоски се разобличени целосно.
Исто како и празната националистичка реторика која веќе не поминува“.
Граѓаните, додаваат од СДСМ, го гледаат Мицкоски седнат во авион како се лукзуора на нивна сметка, со скапи часовници од 60.000 евра, со тендери како томбола за бизнис.
Тоа, како што оценуваат, е личен финаниски патриотизам.
„Зборува за меко ткиво а не знае дека и мозокот е меко ткиво.
Мицкоски, граѓаните имаат мозок“.
Македонија
Муцунски-Грлиќ Радман: изразена подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна работна посета на Република Северна Македонија.
На средбата беше изразено заемно задоволство од традиционално пријателските билатерални односи, придружени со интензивен политички дијалог и конструктивна соработка што двете земји ја негуваат во сите сфери од заемен интерес во изминатите 34 години.
Во насока на понатамошно продлабочување на позитивниот тренд во односите, беше нагласен заемниот интерес за продолжување на политичкиот дијалог и соработката на највисоко ниво, со посебен акцент на унапредување на економската соработка, продлабочување на трговската размена, како и проширување на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Министерот Муцунски ја реафирмираше благодарноста за континуираната хрватска поддршка на европската перспектива на земјите од Западен Балкан и за ставот дека процесот на проширување на Европската Унија треба да продолжи со засилена динамика. Беше изразена и подготвеност за користење на хрватското искуство во процесот на пристапување кон полноправно членство во Европската Унија.
Соговорниците се согласија дека зајакнатата координација како земји членки на НАТО претставува врвен надворешнополитички приоритет, како ефикасен механизам за усогласување на ставовите и зголемување на придонесот кон регионалната и евроатланската безбедност. Беше потврдена заедничката посветеност на вредностите и принципите на Алијансата.
Средбата беше искористена и за размена на мислења за актуелните меѓународни и регионални прашања, како и за внатрешно-политичките и економските состојби во двете земји.
Посетата на министерот Грлиќ Радман претставува значаен чекор кон понатамошно унапредување на билатералните односи и отвора нова фаза на соработка, која ќе биде заокружена со потпишување на меѓувладин Договор за стратешка соработка, заснован на европските вредности, заемната доверба и почитување.

