Македонија
„Нега центарот“ во Демир Хисар ќе обезбеди помош за 21 лице над 65 години, најави Шахпаска
Старите лица од Демир Хисар, кои имаат потреба од помош, отсега ќе имаат помирни денови во својата трета доба. Токму за ваков исход се залагавме кога ја почнавме социјалната реформа“, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, на врачувањето на лиценцата за услуга на помош и нега во домот за стари лица на Црвениот крст.
Преку „Нега центарот“ во Демир Хисар седум обучени негуватели ќе им ја даваат оваа услуга на 21 лице. Ова значи дека ќе им помагаат на стари лица со навршени 65 години при извршувањето на секојдневните обврски, чистење, хранење, облекување, земање медицинска терапија.
Според министерката, новите социјални услуги што ќе бидат подостапни за граѓаните се креираат во согласност со потребите на корисниците.
Градоначалникот на Демир Хисар, Марјанчо Стојановски, смета дека со поголемата вклученост на општините се обезбедува поголема функционалност на услугите, но и поголем опфат на лицата на кои им е неопходна оваа социјална реформа.
„Нашите возрасни сограѓани заслужуваат помош во секојдневниот живот. Ние сакаме да градиме хумана општина и на овој начин тоа го реализираме. Продолжуваме и понатаму да соработуваме со сите засегнати страни во интерес на нашите граѓани“, истакна Стојановски.
Во рамките на проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика, поддржани се 19 проекти во 24 општини. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени околу 900 корисници. Проектот е еден од инструментите на поддршка во успешното спроведување на сеопфатната социјална реформа. Оваа социјална услуга, што ја спроведува Министерството за труд и социјална политика, е финансирана од проектот за подобрување на социјалните услуги, со поддршка на Светската банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Милошоски-Миљаниќ: Заемно унапредување на политичкиот дијалог и соработката
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, оствари работна средба со амбасадорот на Република Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
На средбата беа потврдени пријателските македонско-црногорски односи помеѓу двете држави кои се базирани на традиционално пријателство, долгогодишна конструктивна соработка и меѓусебна поддршка. Соговорниците ја истакнаа важноста од понатамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во области од заемен интерес.
Исто така, беше потенцирана заедничката заложба на земјите кон полноправно членство во Европската Унија, како и подготвеноста за продлабочување на парламентарната соработка и размена на искуства во насока на спроведување на реформските процеси.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Работниците не добија ветувања, добија повисоки плати
Кога бевме опозиција, застанавме со работниците затоа што имаше реален проблем – платите доцнеа, колективните договори не се почитуваа и се подготвуваа законски измени со кои минималната плата требаше да се исфрли од формулата за пресметка. Тоа ќе значеше прекин на линеарниот раст и слабеење на заштитниот механизам за илјадници вработени, кажа Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тогаш, како што дополни заедно со синдикатите, биле поднесени над 40 амандмани.
Не дозволивме, додава пратеникот, минималната плата да биде отстранета од системот.
„Тоа е причината зошто денес, кога расте минималната плата, растат и останатите примања.
Разликата денеска е суштинска. По две години управување со државата, не зборуваме за барања – зборуваме за реализирани договори. Во општините платите се зголемени во просек за околу 5.000 денари. Во основното и средното образование обезбедивме раст од 46% до 60% во четиригодишен период. Во високото образование зголемувањето е минимум 14%. Во здравството – од 40 до 50% во еден мандат. Полициските службеници добија 10%, социјалните работници 20%, а околу 11.000 административци, судски и обвинителски службеници имаат гарантирано покачување од 40% до 2028 година“.
Според него, сите колективни договори се испочитувани, платите се исплаќаат редовно.
„Инфлацијата е стабилизирана од двоцифрени стапки на едноцифрена стапки на инфлација.
Ова се системски решенија, не се импровизации. Оваа Влада вака го реализира договорот со работниците. Ние не бегаме од дијалог за минималната плата, но решенијата мора да се носат институционално – во Економско-социјалниот совет, со одржлив пристап што ја штити и економијата и буџетот. Кога сме во опозиција – спречуваме штета. Кога сме на власт – обезбедуваме раст.
Работниците заслужуваат сигурност, договор што важи и политика што носи резултати“.
Македонија
Семејството на Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион, ама затоа Заев бил со семејството на одмор во Амстердам, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Семејството на премиерот Христијан Мицкоски никогаш не го користело владиниот авион. Но, очигледно е дека работи фројдовскиот елемент кај СДС, и тие на тој начин самите се издаваат дека Зоран Заев летал со целото семејство во Амстердам на одмор и дека најчеста дестинација на авионот била Ниш во времето на владите на СДС, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ, на соопштението од СДСМ во кое бараат да кажат кој летал со владиниот авион.
„Го поздравуваме интересот на СДС во однос на темата со владиниот авион, бидејќи самата тема покрај ситно политичките поени кои сака да ги добие СДС што секако ги занемаруваме, отвора и други значајни аспекти. Треба СДС пред да влезе во материјална и теснограда расправа за владиниот авион да биде свесна дека ние сме држава врз која има еден нерасветлен атентат врз претседател, и уште еден инцидент на трагично загинат претседател на држава и тоа со владино летало. Актуелното владино летало од кое СДС и Венко Филипче правват евтин сензационализам е старо 20 години, купено 2005тата година и од 2017та до сега се потрошени околу 4 милиони евра за поправки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Воедно, додаваат од партијата, индикативно и би можело да се оцени за крајно лицемерно е поведението на лидерот на СДС Венко Филипче кој зад затворени врати го поддржа купувањето на новиот владин авион, а во јавноста се противи поради ситен партиски интерес и гол популизам.
„Кој Венко се противи, тој кој во 4 ѕида вели купете авион, или тој кој пред микрофони вели не купувајте авион, дадете пари за минимална плата? Ова се вика дефиниција за лицемерие. СДС шири лажни вести“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

