Македонија
Неексплодирана граната ќе биде уништена кај Сарај, МВР апелира граѓаните да не се движат во таа област

Неексплодирана граната е пронајдена во дол покрај патот меѓу селата Долен и Среден Крушопек во општина Сарај.
Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните, особено жителите на селата Долен и Среден Крушопек, општина Сарај, дека во 16.30 часот ќе биде извршено уништување на неексплодирана граната од минофрлач 120 милиметри.
Од МВР соопштија дека гранатата е активна и е без осигурувач на запалката и поради тоа постои опасност за транспорт и гранатата ќе биде уништена на самото место од страна на одделот за антитероризам.
„Апелираме до граѓаните да се воздржат од движење на горенаведениот пат во наведеното време“, се вели во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево со мала до умерена локална облачност

Времето денеска, сончево со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 18, а максималната ќе достигне од 28 до 36 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Во недела ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а попладне ќе има услови за изолирана појава на пороен дожд и грмежи.
Во понеделник на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Во вторник се уште ќе биде нестабилно со изолирана појава на пороен дожд и грмежи, а од среда се очекува стабилизирање на времето.
Македонија
Меџити во Чаир, Касами во Тетово, Бакиу во Скопје – ВЛЕН ги објави кандидатите за градоначалници

Централното претседателство на ВЛЕН ги избра кандидатите за претстојните локални избори. Во Тетово за нов мандат ќе се бори актуелниот градоначалник, Билал Касами. Во Чаир, ќе се кандидира првиот вицепремиер, Изет Меџити, а во Струга, ВЛЕН го поддржува независниот кандидат Менди Ќира.
Во Кичево ќе го кандидира министерот за Социјална политика, Фатмир Лимани, во Дебар кандидат на ВЛЕН ќе биде заменик-директорот на Управата за јавни приходи, Фисник Мела.
Во Градот Скопје, ВЛЕН го предлага директорот на Дирекцијата за општи услуги во Универзитетскиот клинички центар во Скопјe, Башким Бакиу.
Во Сарај, кандидат на ВЛЕН ќе биде директорот на претпријатието „Номагас“, Мухамед Елмази, во Липково директорот на Државните резерви на нафта, Неџмедин Садику, во Арачиново ВЛЕН ќе настапи со Даут Беќири.
Во Желино актуелниот градоначалник на оваа општина, Блерим Сејдиу, во Теарце ќе се кандидира директорот на Бирото за регионален развој, Даут Мемиши, во Боговина, ВЛЕН го кандидира Фети Абази, во Брвеница директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа, Хаќим Рамадани и во Долнени, ВЛЕН ќе се кандидира со наставникот Блерим Ислами од село Цернилиште.
Од ВЛЕН велат дека сè уште нема конечна одлука за кандидатите за општините Гостивар, Врапчиште, Студеничани и Чашка и дека во разговори се со неколку кандидати.
„Тука нагласуваме дека сите овие се кандидати на ВЛЕН и, како што претходно одлучивме, ниту еден од нив не се кандидира под партиско лого. Всушност, освен што се кандидати на ВЛЕН и идни градоначалници на општини, тие ќе бидат слуги на сите граѓани без оглед на етничката, религиозната и политичката припадност“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.