Македонија
Независната пратеничка група од ЕУ-амбасадорите побара датум за почеток на преговорите
Независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ на средба со амбасадори на земјите членки на ЕУ и евроамбасадорот Семуел Жбогар побара датум за почеток на преговорите со Европската Унија.
„Целта на состанокот беше во наше име да им се обратиме и да образложиме зошто сметаме дека треба да добиеме датум за почнување на пристапните преговори за влез во ЕУ. Изготвивме писмо со кое им се обративме, во кое наведовме дека македонската приказна заслужува шанса за успех, одделена од која било друга земја аспирант. Во прилог на тоа потенциравме дека 10 години добиваме препорака за почнување на преговорите, факт што покажува исполнување важни критериуми“, велат од независната пратеничка група.
Од таму велат дека заслужуваме шанса да го почнеме процесот бидејќи активно работиме на подобрување на легислативата во согласност со ЕУ-законодавството, го решивме проблемот со името и имаме одлична соработка со сите соседи.
„Но, за да се задржи динамиката на реформи, потребна ни е политичка одлука од ЕУ за датум за преговори, кој беше најавен претходната година од високи авторитети на Европската комисија. Денес, стоиме исправени кон глобални промени, геополитички потреси и тоа е уште една важна причина нашата држава да се приклучи кон најцврстиот и најсилен политички и економски сојуз, а тоа е ЕУ. Свесни сме за изгубеното време и за слабостите, но тоа може да го промениме ако што побргу добиеме датум за почеток на преговорите“, велат од независна пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост на патниот правец Тетово – Скопје, врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, извести АМСМ.
Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На планинскиот превој Пресека се бележат слаби врнежи од дожд и снег – (лапавица).
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје.
Сите патни правци во државата се проодни.
.Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Без струја денеска делови од Аеродром, Карпош и Илинден
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 08:30 до 13:30 часот дел од корисниците на улиците 8 и 11 Белимбегово, општина Илинден;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од потрошувачите од улицата Струма, општина Карпош;
– во период од 09:00 до 11:00 часот дел од корисниците на булевар Јане Сандански бр. 30, општина Аеродром.
Македонија
Претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд
Облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Во југоисточните делови ќе има врнежи од дожд (над 20 l/m²), а на повисоките планини во северозападните делови врнежи од снег. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 7, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно до сабота и релативно топло време со повремени врнежи од дожд кои наместа ќе бидат пообилни. Во текот на ноќва во југоисточните делови ќе наврне над 20 l/m², а во петок поинтензивни врнежи ќе има во крајните западни делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Од недела ќе настапи заладување и врнежи од снег се очекуваат на планините и во некои од повисоките места.

