Македонија
Нема експлоатација на работниците, ќе имаат дневен одмор од најмалку 12 часа, уверува заменик-министерот Хусеин
Заменик-министерот за труд и социјала, Енвер Хусеин, претставувајќи ги измените на Законот за работните односи, со кои се олеснува и се забрзува работата на коридорите 8 и 10 д ,уверува дека работниците нема да бидат експлоатирани. Појасни дека не се работи за работна недела од 60 часа, туку за прекувремена работа, и се пофали дека на секој работник ќе му биде гарантиран дневен одмор од најмалку 12 часа.
„Она што е важно да се напомене е дека изградбата на коридорите 8 и 10 д во ниеден случај нема да претставува експлоатација на работниците и нарушување на нивните права загарантирани со законот. Нема да дозволиме ниеден работник да биде експлоатиран, на ниеден работник нема да му биде нарушено работничкото право. Сакам да потенцирам дека станува збор за прекувремена работа, а прекувремената работа секогаш постоела во градежништвото. Прекувремената работа не значи 60 часа неделно и не значи дека во текот на целата година ќе има прекувремена работа. Тоа ќе зависи од временските услови за работата на терен, односно поинтензивно ќе се работи во месеците во пролет, лето и во средината на есента. Ќе има и денови кога нема да има потреба од прекувремена работа. Секој прекувремен час ќе им биде исплатен 35 % во согласност со законот и колективниот договор. Секој работник ќе потпише изјава дали сака да работи прекувремено и доколку не сака, нема да биде принуден со сила да работи прекувремено“, објасни денес заменик-министерот Хусеин.
Министерството за труд бара измена на одредбата од законот, која се однесува на прекувремена работа. Замени-министерот Хусеин вели дека тоа го бараат поради потребата од континуитет во работењето. Барањето е прекувремената работа да трае повеќе од осум часа неделно и 190 часа годишно.
„Работата над 40 часа неделно ќе се смета и ќе се плаќа како прекувремена работа со задолжително почитување на одредбите на дневен и неделен одмор во согласност со овој закон. Тоа значи дека работникот ќе има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни дена во текот на 24 часа. Исто така, работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато плус 12 часа дневен одмор. Дополнително, поради природата на работите и задачите во работите што се вршат од национален интерес, се јави потреба тие да може да се спроведуваат и во недела“, рече заменик-министерот за труд, Хусеин.
Владата денес предложи пет предлог-закони за олеснување на изградбата на коридорите, кои ќе бидат со европско знаме по очигледната блокада од опозицијата на предложите измени, кои веќе се во собраниска процедура.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мартин Гоџо го фати светиот крст во Охрид, Сиљановска му подари рачно изработена резба
Мартин Гоџо од Варош го фати крстот во водите на Охридското Езеро, по повод денешниот празник Водици.
Мартин го фати светиот крст и пред три години.
Чинот на осветувањето на водата го изврши поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија Г.Г. Стефан.
– Празнувањето на Богојавление всушност е продолжување на радоста што ја доживуваме чествувајќи го Божиќ. Тие два празника, на коишто некои отеци им го даваат заедничкото име зимен Велигден, се настани кои во себе ја носат вистината на доаѓањето на синот Божји на земјата – рече во посланието архиепископот г.г. Стефан.
Присутна беше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која му врачи рачно изработена резба на Мартин Гоџо, како и градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
„Стотици верници, поттикнати од длабоката вера во божествениот благослов на осветените води, од вековната традиција која го симболизира крштевањето на Исус Христос и од желбата за духовна обнова, учествуваа во овој свет чин. Најсреќниот, Мартин Гоџо, кој го фати крстот, го дарував со рачно изработена резба посакувајќи му добро здравје, лична среќа и духовна исполнетост. Да ги отвориме нашите срца за вербата, да ги насочиме мислите кон чистотата и мирот и да чекориме по патеката на духовното просветление!“, порача Давкова.
Претседателката претходно упати и честитка по повод празникот, во која напиша дека овој празник има длабоко духовно значење и особена симболика во нашата вера. Исусовото крштевање во реката Јордан не претставува само осветување на водата, туку чистење, духовна обнова и нов почеток.
Македонија
Мицкоски за Водици: Да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет за граѓаните
Во името на Владата и во мое лично име, на сите православни христијани им го честитам големиот празник Богојавление – Водици, денот кога го славиме Крштевањето на Господ Исус Христос во реката Јордан, вели премиерот Христијан Мицкоски.
„Како што се отворија небесата над Јордан, потврдувајќи ја светоста на овој чин, така и денес нека ни се отворат патиштата кон мир, разбирање и благослов. Овој свет ден нè потсетува на вредноста на верата, духовното единство и љубовта кон ближните. Затоа, да го негуваме духот на заедништвото, почитта и поддршката еден кон друг, ставајќи ги мирот и добрината во прв план.
Нашето општество мора да се темели на меѓусебната почит и стремежот кон соживот. Нека оваа празнична свеченост нè потсети на нашата обврска да го чуваме и унапредуваме заедничкото живеење, прифаќајќи ја различноста како вредност која нè збогатува сите нас.
Воедно треба да бидеме свесни дека промените за кои работиме и за кои сакаме да се случат зависат од сите нас. Иднината мора да биде заедничка и секој ден мора да покажеме нескршлива волја во реформите и чекорите кои ќе обезбедат сигурност, стабилност и просперитет.
Посакувам срдечна прослава, семејна топлина и радост во овој убав празничен ден, а благодатта на денешното осветување да биде наша водилка низ животот.
Бог се јави!“, се вели во пораката од првиот човек на Владата.
Македонија
Муртезани во Киев: Поддржуваме решенија за мир и стабилност преку заеднички напори со стратешките партнери
Во рамки на работната посета на Украина, министерот Орхан Муртезани оствари неколку средби на кои ја потврди поддршката на Северна Македонија за евроинтегративниот процес на Украина.
Министерот Муртезани ја истакна и целосната усогласеност на Република Северна Македонија со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, која претставува основа за нашата стратешка ориентација во однос на глобалните безбедносни предизвици.
Муртезани исто така појасни дека со цел да ја зајакне својата улога како одговорен и конструктивен партнер на меѓународната сцена, Северна Македонија, во контекст на својата посветеност на процесот на европска интеграција, ќе продолжи активно да ги поддржува напорите на Европската Унија и НАТО членките за мирно решавање на конфликтот во Украина, промовирање на стабилност и активно учествувајќи во глобалните иницијативи за унапредување на безбедноста во регионот.
Во контекст на актуелниот геополитички развој и новите предизвици што произлегуваат од руската воена инвазија во Украина, Министерот Муртезани на средбата укажа дека Северна Македонија како членка на НАТО, ќе ја усогласува својата позиција со стратегиите и одлуките што ќе бидат донесени од Алијансата:
„Ние ја осудуваме руската агресија и ја даваме целосната поддршка на украинските челници во нивните напори за постигнување мир и стабилност во регионот заедно со нашите заеднички стратешки партнери. Во тесна соработка со нашите сојузници од НАТО, ќе продолжиме да се залагаме за изнаоѓање на трајно решение што ќе донесе крај на војната и ќе обезбеди долгорочен мир. Република Северна Македонија останува посветена на процесите што ќе водат кон стабилност, поддржувајќи го украинскиот народ во нивната борба за слобода и сигурност“ – порача Муртезани.