Македонија
Нема замрзнување плати, за Бесими – прифатлив е предлогот просечната плата да биде основица за пресметки
Предлогот на синдикалните организации просечната плата да се искористи како основица за пресметки со новата методологија за плати во јавниот сектор е прифатлив предлог за министерот за финансии, Фатмир Бесими. За примена на новото решение, министерот Бесими вели дека никогаш не кажал дека ќе се применува од следната година и вели дека се залага тоа што побргу да се донесе. Тој ги демантира шпекулациите за замрзнување на платите.
„Прочитав во некои портали замрзнување плати. Во никој случај такво нешто не е спомнато, напротив, ние во последните три-четири години постојано во целиот јавен сектор правиме движење на платите. Во образованието, во здравството, во безбедносните структури, во инспекторатите, во судството, во обвинителствата, значи секаде каде што е констатирана потреба, секоја година имало коригирање на платите нагоре и сега се гледа едно системско решение, кое ќе важи за сите. Тоа ќе го решиме сега со една методологија, која ќе важи за целиот јавен сектор, ќе има општ колективен договор и потоа по области, во зависност од комплексноста на работењето, ќе се одредат спецификите. И наш интерес е тоа решение што побргу да се постигне за да може во рамките на еден прифатлив период, во рамките на можностите, тоа конечно да се реши“, рече министерот Бесими и нагласи дека заедно со синдикатите разгледуваат три сценарија за платите во јавниот сектор.
Целта и на Министерството и на синдикатите, како што вели министерот, е да најдат решение со кое нема да има потреба на секои шест месеци да се преговара со синдикатите за покачување на платите, туку тоа да се решава во рамките на законот и колективниот договор на ист принцип како што се покачуваат минималната плата и пензиите.
Новото решение треба да понуди достоинствени плати за државната администрација и да не дозволи да се случи одливот на кадар што му се случил на Министерството за финансии, каде што платите интервентно биле зголемени за да се задржат вработените.
„За жал, во изминатите четири години 20 %, или над 170 вработени, го напуштиле Министерството за финансии. Тоа е сериозна бројка, на која ние мора да внимаваме. Буџетот и трезорот треба да имаат сервисирање, но, за жал, квалитетните си заминуваат. Платите во приватниот сектор за делот за финансии се со позначителна разлика. Затоа е најдено сегашното решение, кое како пракса го има и во други земји“, рече министерот Бесими.
Министерството за финансии нема да биде исклучено од новото системско решение. Министерот Бесими вели дека ќе важи и за нив еднакво како и за сите други ресори.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

