Македонија
Нема избори пред октомври 2020, првин треба да се изгласаат важни закони
За предвремени избори во државата се размислува дури во октомври 2020 со цел првин да ѝ се даде шанса на економијата, да се изгласаат важни закони, како законот за Јавното обвинителство, и статусот на специјалното јавно обвинителство и да заврши самитот на НАТО во јануари 2020, брифираат високи извори во владејачката партија. Од таму велат дека се размислува за проверка во правосудниот систем по одлуката на Европскиот совет за датум за преговори со Македонија.
Од партијата признаваат и се свесни дека јавноста е разочарана од случајот „Рекет“ и од специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, од која се очекувало да ја донесе правдата, но дека премиерот Зоран Заев го пријавил случајот во Обвинителството и велат дека доколку целосно се процесира случајот, тој ќе придонесе за добивање датум за преговори со земјава.
Извори од партијата велат дека постои напредок во преговорите за донесувањето на Законот за ОЈО, со кој би се регулирал статусот на СЈО и дека нема да прифатат никакви уцени со предвремени избори за опозицијата да гласа за донесување на законот. Од владејачката партија има оптимизам да дојде до договор, без да се поминат црвените линии.
Дури и ако не се постигне договор за овој закон, велат од владејачката партија, тој ќе се гласа во Собранието на 10 септември. Во тој случај, доколку законот не биде изгласан, според партијата, Советот на јавните обвинители треба да назначи в.д. специјален јавен обвинител, а се очекува сегашното СЈО до септември 2020 година да сака да ги забрза сите предмети со цел да се завршат. Високи партиски извори ја исклучуваат секоја можност предметите и актуелните истраги на специјалното јавно обвинителство да пропаднат, но имаат и забелешка дека голем дел од предметите досега се движи со бавно темпо и со опструкции и тоа не смее повеќе да продолжи.
Партијата не е задоволна од бавноста на судските процеси во државата, но велат дека досега не сакале да спроведат проверка во правосудниот систем токму поради противењата на ЕУ бидејќи познати се негативните искуства со Албанија. Засега, првичните размислувања се проверката да ја спроведуваат меѓународни експерти.
Од владејачката партија брифираат за плановите и мерките во иднина, кои предвидуваат и зголемување на платите во државата, односно планот е 16.000 денари да изнесува минималната, а 30.000 денари просечната плата. Со оглед на тоа што постојат индиции дека 30 отсто од плаќањата се вршат на рака, односно во кеш, предвидени се мерки за стопирање на овој процес и целосно укинување на плаќањата на рака.
Владејачката партија останува на ставот за измена на изборниот модел и поголема демократија, односно воведување една изборна единица, со што помалите партии би добиле на важност, а најмногу ќе изгубат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата не се против ниту отворените листи, но нагласуваат дека не е возможно да биде во комбинација со една изборна единица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Градоначалникот Ќура ангажирал фирма што ќе утврди зошто е загадена водата во Струга
Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги утврдува причините за загадувањето на водата во градскиот водовод, која тој лично ја ангажирал.
Тој изјави дека Општината презема мерки за надминување на проблемот поради кој жителите веќе една недела не можат да ја користат водата, која од чешмите тече заматена и со темнокафеава боја, поради што е забранета за пиење и употреба.
Македонија
Јаневска: Јавната дебата за Законот за високо образование не е завршена
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавната дебата за Законот за високо образование сè уште не е завршена и дека Министерството очекува официјални забелешки од универзитетите.
Одговарајќи на новинарско прашање на традиционалната прослава по повод празникот Свети Трифун на Опитното поле на Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Јаневска рече дека сѐ уште не е завршена јавната дебата и најави дека од следната недела, по договор со универзитетите, Министерството ќе оди во нивна посета на јавна расправа.
– Сè уште не е завршена јавната дебата, сè уште очекуваме забелешки. Ние добиваме на ЕНЕР, добиваме и преку мејлот, но очекуваме и универзитетите официјално, на било кој пат, да ги достават своите интегрирани забелешки, бидејќи делот не се повторува. Сè што сметаме дека е разумно ќе биде прифатено. Сè што сметаме дека можеби ќе претставува проблем ќе биде дискутирано. Тоа значи средба на Министерството за образование и наука со сите професори кои ќе сакаат да присуствуваат на јавната расправа, каде што ќе ги дискутираме спорните членови, и гледам дека во најголем број нема никакви забелешки. Спорни остануваат неколку членови за кои треба да се договориме и да дискутираме, рече Јаневска.
Вели Македонија веќе нема време за просечни и потпросечни резултати.
– Потенцирам, ние веќе немаме време да си играме со образование и наука. Немаме време за просечни и потпросечни резултати кои нè доведуваат во оваа ситуација. Мора да тргнеме напред. Министерството и законски и финансиски поддржува напредок, рече Јаневска.
На традиционалната прослава, претходно, Јаневска им го честиташе празникот на граѓаните, особено на земјоделците, лозарите и овоштарите, и изрази поддршка за Факултетот за земјоделски науки и храна.
– Ние, како Влада, ќе ги поддржуваме ваквите проекти и ваквата активност, бидејќи цениме дека немаме веќе време за просечни и потпросечни резултати, рече Јаневска.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.

