Македонија
Нема информации за заразени Македонци со коронавирусот во Италија

До овој момент нема информација за наши граѓани кои се заболени од коронавирусот во Италија, соопшти Министерството за надворешни работи по информациите добиени од Генералниот конзулат на Република Северна Македонија во Венеција, Италија.
Во зафатените региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања престојуваат околу 23.000 македонски државјани. Подетални информации околу развојот на состојбите, тие можат да добијат во Генералниот конзулат во Венеција на дежурниот телефонски број + 39 389 5837913 или е-пошта [email protected].
„Министерството за надворешни работи преку Амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција редовно ја следи состојбата на македонските државјани кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот“, велат од МНР.
Министерството препорачува зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации може да се добијат на travel.mfa.gov.mk.
Според последните информации, потврдени се 159 случаи на заразени лица со коронавирус во Италија и четири смртни случаи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.
Македонија
(Видео) Со див приклучок на водоводната мрежа полевал илјадници метри земјиште – Град Скопје поднесе кривична

Град Скопје информира дека денеска е откриен нов див приклучок на мрежата за питка вода на подрачјето на општина Сарај, при што сторителот незаконски се приклучил за да наводнува неколку илјади метри квадратни пластеници. За случајот е изготвена и поднесена кривична пријава.
Ваквите појави сериозно го нарушуваат водоснабдувањето во градот, особено во урбаните и руралните средини кои секојдневно се соочуваат со намален притисок и недостиг на вода. Покрај директната штета врз системот, сторителот избегнувал и плаќање за потрошена вода во висина од илјадници евра, нанесувајќи штета на Јавното претпријатие „Водовод и канализација – Скопје“, соопшти Град Скопје.
Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка, во јуни е забележана енормна потрошувачка на вода, која на одредени денови достигнала рекордни 356.000 м³. Тоа претставува околу 700 литри вода дневно по жител. Високата потрошувачка најчесто се должи на нерационално користење на вода – за наводнување, перење возила и полнење базени – дел од тоа и преку нелегални приклучоци.
Град Скопје апелира до надлежните институции, вклучително и МВР и Јавното обвинителство, активно да се вклучат во процесот на справување со дивите приклучоци и заштита на системот за водоснабдување. Се додава и дека неказнивоста води кон безредие, а граѓаните заслужуваат безбеден, редовен и правичен пристап до вода.
Македонија
(Видео) Мицевски: Кандидатите на СДС се истите од претходните избори, избрани по волја на Заев

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, на прес-конференција одржана на 5 јули, изјави дека кандидатите на СДСМ за претстојните локални избори се истите кои се појавиле и во претходните два изборни циклуси.
Според него, тоа претставува доказ дека, како што рече, „Зоран Заев ги одбира кандидатите, а Венко Филипче ги потврдува“.
Мицевски ги посочи примерите на неколку актуелни кандидати, меѓу кои и кандидатот за градоначалник на општина Јегуновце, Дарко Блажевски, кој повторно е предложен од СДСМ. Тој го обвини Блажевски за неисполнети проекти и за, како што рече, „лична корист од ветените јавни проекти“.
„Во Јегуновце беше ветен културен дом, а на крајот стариот објект премина во негова сопственост“, рече Мицевски, додавајќи дека и во другите населени места, како Јанчиште и Жилче, дел од ветените проекти не биле реализирани додека Блажевски бил на функција.
Во своето обраќање, Мицевски оцени дека СДСМ се соочува со недостиг на нови и квалитетни кадри и затоа повторно ги кандидира истите лица. Тој додаде дека граѓаните, според ВМРО-ДПМНЕ, даваат поголема поддршка на нивните кандидати.