Македонија
(Видео) Нема никого да подложувам на тортура, низ смеа му одговори Ескобар на Мицкоски
„Северна Македонија е земја во која ги почитувам луѓето и се покажа како вистински пријател на САД. Во последните неколку години Северна Македонија им помогна на САД за Авганистан, Украина и, најново, ни помогна да постигнеме историски договор меѓу Србија и Косово за нормализација, што ќе даде придонес за целиот регион. И сакаме Северна Македонија да смета на нас при своите предизвици“, истакна на денешната прес-конференција заменик-помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
„Секогаш сум велел дека Западен Балкан е најнадежниот дел од Европа во моментот“, потенцира тој.
Го поздрави почетокот на процесот на уставните измени, а запрашан за коментар за запрениот процес, рече дека му е мило што процесот почнал и изрази надеж дека тој ќе продолжи.
Коментирајќи ја изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Ескобар со насмевка одговори на прашањето дека во никој случај нема да врши тортура.
„Сакам да кажам дека нема никого да го подложувам на тортура овде, сакам да посочам дека САД не избира влади за земјите на НАТО, но поставуваме очекувања и единствената работа за која ќе зборувам е да ја дадам истата порака што ја ширам во регионот – дека САД ги гледаат како природни партнери ониe што се посветени на европската интеграција, НАТО и борбата против корупцијата. И сакам тоа јасно да го посочам, но исто така сакам да слушнам и други гледишта, се надевам дека ќе имаме повеќе да ѝ кажеме на јавноста“, изјави Ескобар.
На прашањето уште колку вакви посети ќе треба да очекуваме пред чинот на гласање и дека таа дебата се води веќе подолг период, премиерот Ковачевски рече дека фактот што водиме дебата подолго време значи дека се работи за исклучително важно прашање.
„Секоја стратешка одлука е таа што ја определува иднината за повеќе генерации. И ќе се води толку колку што е потребно за да се донесе правилна одлука“, истакна Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево
Од 06:50 ч., воведена e забрана за тешки товарни возила на патните правци Маврово – Дебар и Гостивар – Стража – Кичево поради обилни врнежи од снег, информира АМСМ.
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Слаб снег провејува на П.Шапка кој во мометов не се задржува на коловозот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Денеска врнежи од дожд и од снег на планините
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, на повисоките места од дожд и снег, а на планините од снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец, информира УХМР.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 11 степени.
Македонија
По 100 дена мандат, Ѓорѓиевски порача: „Скопје повторно почна да дише“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави отчет за првите 100 дена од мандатот, наведувајќи дека ја презел функцијата во услови на, како што рече, „град на раб на финансиски колапс – празна каса, блокирани сметки, јавни претпријатија со неисплатени плати, систем без дисциплина и долг од речиси 300 милиони евра“.
„Тотален колапс! Институции што одамна престанале да работат во служба на граѓаните“, наведува градоначалникот, додавајќи дека добил доверба од граѓаните и дека „таа доверба нема да биде изневерена“.
Според него, за три месеци се намалени обврските за повеќе од 40 милиони евра преку кратење на непродуктивни трошоци и воведување финансиска дисциплина, а стабилизирана е и исплатата на платите во јавните претпријатија.
Ѓоргиевски информира дека биле отстранети над 600 фиктивно вработени кои со години земале плата без да доаѓаат на работа, како и дека е спроведена акција за чистење во која, како што наведува, учествувале над 2.500 луѓе, стотина возила и биле отстранети повеќе од 4.500 тони отпад за 72 часа.
„Скопје повторно почна да дише“, наведува тој.

Градоначалникот посочува дека се деблокирани клучни инфраструктурни проекти, меѓу кои клучката кај „Момин Поток“, булеварот „Македонија“ со подземната сообраќајница, улиците „Љубљанска“ и „Перо Наков“, како и реконструкцијата на „Фрањо Клуз“.
Почнува изградба на нови кружни текови, булевари и монтажни катни гаражи, како и доизградба на булеварот „Борис Трајковски“.
Во делот на јавниот превоз, наведува дека со поддршка од Владата се работи на модернизација со нови еколошки автобуси и проекти за современ транспорт.
Ѓоргиевски информира и за уредување нови зелени површини, расчистување на Вардариште, изградба на Луна парк, како и за набавка на нов мебел, компјутери, интерактивни табли и прочистувачи на воздух за средните училишта. Посочува дека Скопје останува Европска престолнина на културата 2028.
Во обраќањето тој наведува дека буџетот за 2026 година е повисок и развоен, со рекордни капитални инвестиции во образование, култура, инфраструктура и животна средина.
„Наследивме долгови, но градиме стабилна иднина. Наследивме хаос, но воспоставуваме систем и ред. Наследивме разочараност, но ја враќаме надежта и достоинството“, наведува градоначалникот.
Ѓоргиевски упати благодарност до Советот на Град Скопје, до својот тим и до премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи дека „со дела, како никој во минатото покажа што значи вистинска грижа за граѓаните и вистинска поддршка за Скопје“.

