Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Митева: Обвинувањата на СДСМ за софтверот на МВР се ноторна лага

Портпаролката на Владата, Марија Митева, ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување.
Според Митева, се’ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ“, кажа Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Наместо да фабрикуваат списоци, СДС да каже како 9 милиони евра од набавка на јаглен завршиле кај фирма на Заев блиска до Филипче

„Интересно е како денес, кога излеговме со информации и докази како 9 милиони евра од од набавката на јаглен за ЕСМ во време на СДС завршиле кај фирма на Заев блиска до Филипче, СДС прави фабрикувани списоци“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Наместо да одговорат како 9 милиони евра завршиле кај нивниот партиски лидер и поранеше лидер, тие се служат со лаги.
Исто нема одговор, како фирмата која го внесувала јагленот во Македонија на Филипче му купила џип?
Венко Филипче треба да почне да дава одговори, наместо да ги тера во партијата да измислуваат лаги.
Воедно чекаме ЈО да почне да постапува“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Митева: Одморалиштето Пониква се става на располагање за рехабилитација на повредените од Кочани

Владата во текот на следната недела ќе донесе одлука со која одморалиштето Пониква, кое е во сопственост на Министерството за внатрешни работи, ќе се стави на располагање на Министерството за здравство, за да се користи како објект за продолжена медицинска нега и рехабилитација, информира денеска на прес-конференција владината портпаролка Марија Митева.
Таа истакна дека одморалиштето Пониква располага со 27 соби и 56 легла, лоцирано е во природна и мирна средина, што го прави исклучително погоден простор за пациентите кои се веќе во фаза од лекувањето во која е неопходна физикална и работна терапија.
„Станува збор за пациенти кои се веќе стабилизирани, но кај кои постои реална потреба за понатамошен третман, се со цел да се спречат и намалат долгорочните последици од изгорениците, како и други можни компликации коишто се поврзани со подолготрајното лекување“, рече Митева.
Појасни дека во моментот се работи на детален оперативен план за распределба и згрижување на пациентите, во соработка со Министерството за здравство и медицинските тимови, кои ќе ја понесат својата опрема во одморалиштето Пониква и ќе обезбедат континуирана медицинска нега директно на терен.
„Ќе се направи план пациентите да бидат распределени во неколку групи и циклуси на терапија, се со цел да се овозможи персонализиран пристап кон секој поединечен случај, во согласност со препораките на лекарите“, кажа Митева.
Покрај медицинската грижа, оваа мерка има и важен психолошки и социјален аспект, потенцира портпаролката и додадека дека „овозможувањето на престој во ваков тип на објект ќе придонесе за меѓусебна поддршка помеѓу пациентите и подобрување на нивната психо-емоционална состојба“.
„Според медицинските проценки, пациентите не смеат да бидат изложени на директно сонце и високи температури, а истовремено, не треба да се соочуваат со дополнителен физички и логистички напор. Затоа, Пониква ги нуди сите предуслови за ваков тип на згрижување. Очекуваме во најкус можен рок да ги завршиме сите овие процедури и институционално да ги донесеме овие одлуки, медицинскиот кадар да контактира со сите пациенти, по што ќе започне сместувањето и спроведувањето на терапиите, согласно веќе утврдениот план“, рече Митева на прес-конференцијата.