Македонија
„Нема промена во ДПМНЕ, над 80 отсто од листите се истите пратеници што спроведуваа активни блокади“, велат од СДСМ

„Составот на листите за пратеници на ДПМНЕ потврдува дека во ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија свртена кон минатото. Повеќе од 80% од кандидатите на листите се истите пратеници, кои спроведуваа активни блокади на Собранието, правеа опструкции и кочеа, сé што е во интерес на граѓаните и државата“, соопшти СДСМ.
„Тоа се истите лица што во време на криза во Собранието ја блокираа помошта за граѓаните и компаниите, кои два дена на собраниска седница ги преместуваа точките на дневниот ред.
Беа и против минималната плата и раст на платите и против членството на државата во НАТО, и против евроинтеграциите, тропаа и вревеа со вувузели додека во парламентот зборуваше Урсула фон дер Лајен.
Нивната работа изминатите четири години ја одбележаа одолговлекувања, бесмислени реплики, штанцање илјадници амандмани за блокада на законите, незакажување седници и неставање на дневен ред на клучни закони во парламентарните комисии, предводени од ДПМНЕ.
Со истите лица на листите Белата палата потврдува дека се определува за блокада на европскиот пат на државата. Со ДПМНЕ е можно само враќање назад.
Изборот пред граѓаните на претстојните избори ќе биде помеѓу надеж и просперитетна европска иднина со СДСМ и безнадежност и враќање 10 години назад со ДПМНЕ“, се наведува во соопштението на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, попладне со појава на нестабилност и краткотраен пороен дожд

Времето денеска, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец.
Попладне ќе има локална појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 13, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди.
Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 24 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Во следните денови времето ќе биде променливо облачно и посвежо со повремен локален дожд. Во недела и во понеделник наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме пред претседателската вила во присуство на основци од Скопје

Ученици од скопските основни училишта „Ѓорѓија Пулевски“, од општина Аеродром, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од општина Кисела Вода, денеска го посетија Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Придружени од своите наставници, учениците ја проследија свечената церемонија на менување на државното знаме. Оваа церемонија се одржува секој втор петок во месецот и се реализира од Баталјонот за почести при македонската армија како израз на почит кон македонското знаме, како државен симбол.
По завршувањето на свечениот чин, младите посетители ги разгледаа просториите на Кабинетот и разговараа со претседателката за нејзините работни обврски, но и за личниот живот, почнувајќи од детството, школските и студентски денови, како и професорската кариера.
Во разговорот со учениците, претседателката ги охрабри да учат и да веруваат во себе, да го почитуваат знаењето, оти тоа ќе ги направи компетитивни, сигурни и успешни.
Македонија
Авионска дезинсекција против ларви од комарци во Скопје

Согласно добиено известување од Град Скопје- Сектор за комунални работи, Регионалниот центар за управување со кризи -Скопје информира дека на ден 11.05.2025 година (Недела) во раните утрински часови ќе се изврши Авионска дезинсекција против ларви од комарци.
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, во ист термин, велат надлежните.
Се известуваат пчеларите навремено да ги превземат потребните мерки за заштита на пчелите.