Македонија
(Видео) Нема случаи на западнонилска треска во Македонија, смируваат епидемиолозите
До овој момент нема регистриран случај на западнонилска треска, смирува доктор Илир Демири од инфективната клиника. Во изјава за медиумите тој посочи дека нема ниту еден хоспитализиран пациент чии симптоми асоцираат на вакво заболување, а такви пациенти нема забележано ниту во амбулантите.
Тој посочи дека за заболување од западнонилска треска треба да се поврзат три клучни критериуми.
„ За да настане вакво заболување треба да се исполни првиот критериум, тоа е да бидете каснат или убоден од комарец, вториот критериум е комарецот да биде заразен, не секој комарец е заразен и може да пренесе заболување и третиот критериум зависи од имуниот одговор на самиот домаќин дали ќе се развие болеста или не. Околу 80 отсто од луѓето кои доаѓаат во допир со овој вирус не манифестираат никаква клиничка слика, значи не развиваат болест. Мал дел од луѓето кои доаѓаат во контакт со овој вирус развиваат болест, западнонилска треска која се манифестира со покачена температура, кожен исип. Ваков облик на заболување е предмет на лекување во секоја здравствена институција на државно ниво. Многу ретко ова заболување знае да даде потешка, неуроинвазивна форма на заболувањето која се карактеризира со посебни клинички ентитети кои ние ги делиме како менингит, менингоенцефалит или енцефалит. Таквите болни се предмет на инвестигација и хоспитализација и понатамошен третман во Универзитетска клиника за инфективни болести и фебрилни состојби. До овој момент на клиниката нема ниеден пациент хоспитализиран со ваква клиничка слика “, објасни доктор Демири.
Тој нагласи дека секогаш е подобро заболувањата да се превенираат отколку да се лекуваат, а во овој случај превенцијата би била да се минимизира можноста од каснување од комарци.
Гордана Кузмановска, епидемиолог во Институтот за јавно здравје имат се што е потребно за дијагностика на западнонилска треска.
„Институтот за јавно здравје како врвна институција, национална, од областа на дијагностиката располага со сите потребни дијагностички процедури, значи експертиза, реагенси и се што е потребно за дијагностика и за конфирмација на ова заболување согласно стандардните дефиниции на случај. За секој случај одиме со испитување до крај и потврдуваме дали се работи за западнонилска треска или не“, рече епидемиологот Кузмановска.
И Демири и Кузмановска тврдат дека и покрај тоа што во сите соседни земји веќе има смртни случаи од западнонилска треска, кај нас нема заболени.
За двајца сомнителни пациенти во Македонија, возрасна жена и дете, лабораториските анализи направени во Институтот за јавно здравје покажале дека немаат западнонилска треска.
Девет луѓе починале досега во Србија од вирусот Западен Нил, а годинава се регистрирани 102 случаи на заболени лица, покажале податоци на српскиот Институт за јавно здравје „Др. Милан Јовановиќ – Батут“. Од почетокот на летото, две лица на возраст од над 80 години починале во Грција, додека 55 се заразени од вирусот Западен Нил, според објавите на грчкиот весник „Катимерини“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

