Македонија
(Видео) Нема тенденции ниту политика кога Максим Димитриевски е повикан во полиција, дециден е Спасовски
Нема тенденции при постапувањето по пријавите против кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, уверува министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. Тој тврди дека политиката не меша прсти кога Димитриевски е повикуван на информативни разговори. Наводите дека ова е притисок врз градоначалникот министерот ги отфрла.
„Мојот став е дека секоја кривична пријава што ќе биде доставена мора сериозно да биде обработена, да се постапи врз основа на сите законски овластувања и да се преземат мерки предвидени во согласност со Законот за кривичната постапка. Не станува збор за ништо друго, освен за постапување, како што предвидува законот. Без разлика дали е функционер или обичен граѓанин – за секој што има сомнеж дека има нелегална активност треба да се постапува. Ниту избори, ниту тенденции, ниту политики – не може да се врзуваат за работата на македонската полиција“, вели Спасовски.
Димитриевски пред пет дена обвини дека против него се поднесуваат анонимни пријави за да се врши притисок врз работењето на Општина Куманово.
Сакам да ве информирам дека денеска со покана бев повикан во СВР Куманово на разговор во врска со предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во Општина Куманово.
„Целта е јасна – да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности. Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано во согласност со законот, плати се исплаќаат со децении во Општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата што ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации. Видете, се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основното јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети, кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица што се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата“, рече Димитриевски пред пет дена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Љутков: Руралниот туризам приоритет на Министерството за култура и туризам
Во пресрет на Саемот за рурален туризам, кој ќе се одржи на 31 јануари и 1 февруари во Центарот „Јавна соба“ во Скопје, министерот за култура и туризам Зоран Љутков се обрати на денешната прес-конференција што се одржа по тој повод.
Во своето обраќање, министерот истакна дека руралниот туризам ќе биде еден од стратегиските приоритети на Министерството, при што вакви настани ќе бидат сè почести во текот на 2026 година, а уште поинтензивни во 2027 и 2028 година.
„Преку проектот Е-75, активно работиме на развој на транзитниот туризам. Нашата цел е просечниот престој на туристите долж оваа траса, кој во 2026 година изнесува околу 24 часа, до 2028 година да достигне најмалку 72 часа“, изјави Љутков.
За 2026 година, Министерството за култура и туризам предвидува 36 милиони денари за програмски активности, како и дополнителни 150 милиони денари за субвенции во туризмот. Како што нагласи министерот, овие средства ќе се зголемуваат секоја година, имајќи предвид дека секој вложен денар во туризмот носи четирикратен економски поврат.
Љутков посочи дека руралните домаќинства и малите производители претставуваат клучен двигател на локалниот економски развој и дека токму во нив ќе се инвестира континуирано и стратешки, особено по спојувањето на ресорите култура и туризам.
На Саемот, претстојниов викенд, ќе учествуваат околу 50 излагачи од целата земја, а се реализира во организација на Министерството за култура и туризам, во партнерство со Амбасадата на Словенија, Швајцарската амбасада преку програмата ИМЕ, Земјоделскиот институт и Центарот „Јавна соба“.
Министерот Љутков упати благодарност до сите партнери и информираше дека на Саемот ќе присуствуваат и туристички агенции за дојдовен туризам, со цел остварување директни средби и можност за склучување договори со руралните домаќинства. За посетителите ќе бидат обезбедени и ваучери за попуст за да се поттикне поголема посетеност од домашната публика.
„Ги поканувам граѓаните да дојдат, да ги запознаат автентичните вредности на Македонија, да вкусат локални деликатеси и да ги доживеат руралните убавини на Македонија“, порача министерот Љутков на крајот од денешната прес-конференција.
Македонија
Заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа, за Мицкоски тоа е историски момент и признание за нивото на демократија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа и дали можеме да го цениме ова како напредок, изјави дека тоа е историски момент.
„Ова е историски момент, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста. Односно, Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата.
Ќе ве потсетам, дел од вас бевте присутни пред неколку дена, кога ми беше поставено прашање, дали Владата влијае на слободата на говорот. Еве еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа“.
Според него, тоа е уште една добра вест, покрај онаа каде Европската Унија го препозна проблемот со камионџиите.
„Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, би рекол, со друмските превозници, зборувам тука и на товарниот и на патничкиот сообраќај, не е само тоа случај кај превозниците со камиони. Но, во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите коишто ги засилуваат лагите на опозицијата, мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене и на Владата. Еве нема поголем демант од овој којшто дојде директно од Стразбур, од Советот на Европа. Којшто вели Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, да понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму.“
Македонија
СДСМ во Собранието го поднесе Законот за минимална плата од 600 евра за работниците
Пратеничката група на СДСМ денеска во Собранието го поднесе предлог Законот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата, соопштија од оваа партија.
„Согласно потребите на работниците и барањата на синдикатите, со измените вистината на минималната плата се одредува на 36.960 денари односно 600 евра.
Во образложението се наведува дека во текот на 2025 година е евидентиран континуиран пораст на инфлацијата, при што индексот на трошоците на живот бележи значително зголемување. Особено кај основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци, кои имаат директно и најсилно влијание врз месечните трошоци на домаќинствата.
Поскапувањата кај храната и основните животни намирници, како и растот на цените на електричната енергија, греењето и услугите, реално ја намалуваат куповната моќ на работниците, особено на оние кои примаат минимална плата“.
Ова, како што велат, особено се одразува врз најранливите категории на работници, кај кои минималната плата претставува единствен или доминантен извор на приходи.
Дополнително, според СДСМ,синдикатите, како легитимни претставници и заштитници на правата на работниците, во континуитет укажуваат на потребата од дополнително зголемување на минималната плата, со цел ублажување на ефектите од инфлацијата, обезбедување достоинствен животен стандард и зголемување на социјалната сигурност на работниците и нивните семејства.
„Финансиските импликации за овој закон се во износ од 7.500.000.000 денари.
СДСМ е на страна на работниците. Очекуваме поддршка од сите парламентарни партии.
Ајде да обезбедиме достоинствена плата за работниците. Време е“.

